Македонија
Левицата: Антимакедонската концепција на Царовска продолжува да се реализира
Погубната концепција за основно образование на Царовска, која беше најавена кон крајот на 2020 година, се реализира со жестоко темпо. Она на што уште од почеток од Левицата како политичка партија предупредувавме беше дека оваа т.н. концепција нема ниту намера ниту потенцијал да го подобри системот на образование, веќе е сè поочигледно, истакнуваат од оваа партија.
„Вистинската намера е перфидно разнебитување на руинираниот образовен систем и што е најлошо – бришење на историјата, континуитетот и идентитетот на македонскиот народ. Веќе се бришат содржините што се однесуваат на историјата на македонскиот јазик од електронските изданија на учебниците (на пр., од учебникот за седмо одделение), а во шесто одделение се воведува хибридниот предмет историја и општество, каде што во истиот неделен фонд на часови се вметнуваат содржини од географија и граѓанско образование“, информираат од Левицата.
Според оваа партија, во услови кога официјална Софија усвојува резолуции со кои македонскиот јазик се сведува на дијалект на бугарскиот јазик, пробугарските СДС и ДУИ самоиницијативно го бришат предметот историја на македонскиот јазик од наставната програма.
„Додека внукот на Ахмети купува државен имот за нула денари, одвај полнолетниот син на Заев отвора компании за електрична енергија и додека сопругата на Ковачевски добива државно земјиште за багателни цени – единствената реформа на неспособната владејачка гарнитура е бришење на антифашистичкото минато на македонската нација. Односно, единствената визија за европска иднина на квислиншката СДС е прифаќање на сите негаторски услови по македонскиот идентитет – од страна на странските и домашните шовинистички елементи“, додаваат од Левицата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Сопиште денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во период од 09:00 до 12:00 часот дел од корисниците, на село Горно Соње, општина Сопиште.
Македонија
Сообраќајот низ државата во зимски услови, магла на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Намалена видливост и појава на магла на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица до 60 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, максималната температура до 11 степени
Променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 3, а максималната ќе достигне од 6 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Од среда времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини со врнежи од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во среда засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

