Македонија
Левицата: ДПМНЕ во Битола со 15 милиони денари долг ги задуши јавните претпријатија за една година
Погубниот тренд на генерирање долгови на јавните претпријатија и нивно катастрофално менаџирање продолжува и со локалната власт на ДПМНЕ. Наместо кривични пријави за корумпираното работење на претходните локални власти од СДС поради неодговорно раководење со јавните претпријатија, градоначалниците на ДПМНЕ продолжуваат да ги задолжуваат општините и општинските претпријатија, реагираат од Левицата.
„Катастрофална е ситуацијата во општина Битола, со која раководи градоначалникот од редовите на ДПМНЕ, Тони Коњановски. Финансиските извештаи покажуваат дека, само во една година, долгот во три јавни претпријатија во оваа општина се зголемил за неверојатни 15 милиони денари! Најкритична е состојбата во битолското ЈП Водовод, каде долгот се зголемил за 10 милиони денари и на крајот од 2022 година изнесувал речиси 18.500.000 денари“, се истакнува во нивното соопштение.
Со оглед на фактот дека голем дел од општините прв пат се задолжија со кредити, како што беше случајот со општина Аеродром, јавно прашуваме, додаваат од оваа партија, дали на овој начин партијата на Мицкоски ги финансисира своите скапи предизборни активности?! Веќе воспоставена пракса е овие две криминогени партии да ги цедат буџетите на централно и локално ниво за свои лукративни цели, а особено кога е во прашање предизборен период.
Според нив, јасно е дека овие две партии немаат капацитет да излезат од своите теснопартиски интереси и три децении меѓусебно ги амнестираат своите криминали, додека јавните институции се задушени во партизација, нефункционалност и долгови. Оценуваат дека нивниот модус операнди, како што велат, единствено почива на владеење преку партиски вработувања и тендер-зделки, без кои овие две партии веднаш би биле избришани од политичката сцена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните: Во Собранието се одржа јавна расправа
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните
Во Собранието се одржа јавна расправа по конечниот извештај на Државниот завод за ревизија за извршената ревизија на успешност на тема: ,,Можност за употреба на вештачка интелигенција во јавниот сектор”.
Настанот го отвори координаторката на Клубот на младински прашања и политики, Драгана Бојковска, која истакна дека мора да се биде во тек со современите држави кои ги користат ВИ алатките, и во тој контекст информира дека во работата на Собранието е вклучена вештачката интелигенција.
Советникот во ДЗР, Сашо Јаковчевски, кој го презентираше Извештајот, рече дека е потребна сеопфатна дигитална инфраструктура бидејќи имаме растечка база на знаење која може да се вклучи во спроведувањето на вештачката интелигенција во јавниот сектор.
Според државниот ревизор Максим Ацевски, институцијата е лидер по примената на дигитализацијата бидејќи посетеноста на веб-страницата за кусо време пораснала за 6,34 проценти.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, посочи дека Министерството веќе има проекти со кој се очекува да се спроведе вештачката интелигенција во јавниот сектор, која треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните.
Учесниците во јавната расправа посочија дека без правна регулатива може да направи повеќе штета отколку корист. Затоа е потребна национална стратегија, заштита на личните податоци, институционален капацитет и правна заштита.
Македонија
Утре со врнежи кои повремено наместа ќе бидат пообилни, на повисоките места дожд и снег
Времето утре, ќе има врнежи кои повремено наместа ќе бидат пообилни. На планините врнежите ќе бидат од снег, а на повисоките места од дожд и снег.
Во источните делови ќе има услови за ретки грмежи. Ќе дува засилен повремено силен северен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 13 степени.
Во Скопје, ќе биде облачно со врнежи од дожд. Ќе дува засилен повремено силен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во среда и четврток времето ќе биде стабилно, а во четврток ноќта и во петок ќе има нови пообилни врнежи. Утре ќе дува засилен повремено силен јужен ветер кој во попладневните часови ќе го смени правецот во северен и ќе продолжи да дува и во среда.
Македонија
Полицајци спасија жител на Македонска Каменица кој останал заглавен на тераса во пожар во неговата куќа
Полициски службеници спасија жител на Македонска Каменица, кој беше заглавен на тераса откако настана пожар во неговата куќа, соопшти МВР.
Вчера попладне во 13:23 часот во СВР Штип е пријавено дека на ул.„14 Јуни“ во Македонска Каменица настанал пожар во куќа, сопственост на Љ.Ѓ.(80).
Полициски службеници од СВР Штип – Полициско одделение Македонска Каменица излегле на местото и го затекнале сопственикот заглавен на тераса на вториот кат, по што се преземени мерки и со помош на скали безбедно го спуштиле.
Нему му е укажана помош во Клиничка болница Штип поради вдишување чад, по што е пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје за понатамошно лекување.
Пожарот е изгаснат од Територијалната протипожарната едница Македонска Каменица. Увид е извршен.

