Македонија
Левица бара оставка од Jовески: Корумпираното работење на Јавното обвинителство ја загрозува функционалноста на државата
Левица бара безусловна и неотповиклива оставка на републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески, кој е заштитник на нечовечната и криминална Влада на двоецот СДС – ДУИ, велат од оваа партија.
„Оставката на Јовески е неопходна не само за враќање на минималната доверба во работата на Јавното обвинителство туку и овозможување објективна кривична истрага за злоупотреба на службената положба против овој владин послушник.
Сведоци сме дека под раководство на Јовески, Јавното обвинителство отворено ги штити политичките и бизнис-елити, одговорни за најголемите трагедии во историјата на Македонија со огромен број човечки жртви. Ваквото корумпирано работење на Јавното обвинителство ја загрозува функционалноста на државата и овозможува корупција од неподносливи размери“, се истакнува во реакцијата на Левицата.
За случајот со модуларната болница, како што велат, сè уште Јовески нема одговор зошто се пробиени роковите на истрагата за спроведувањето на јавните набавки.
„Нема ниту одговор зошто ангажираниот вештак, во случајот со модуларната болница, истовремено е член на надзорниот одбор во МЕПСО и кои се неговите врски со власта?!
Но, покрај ОЈО, пресудна е улогата на судијата Јордан Велковски од Тетово во случајот со модуларната болница. Имено, наместо докрај да се разјасни причинско-последичната врска за настанатиот пожар и да се сослуша германскиот вештак, судот по инсистирање на Обвинителството не го дозволил тој вербален доказ.
За неговата послушност, антимакедонската Влада го награди Јовески со кандидатура за уставен судија, каде што би продолжил со неговата корумпирана работа во нова улога – да го разбие и уставно-правниот систем во Македонија и да оневозможува суштински реформи во правосудството“, велат од Левицата.
Јасно е, според нив, дека партиите на естаблишментот, кои егзистираат врз врските со крупниот капитал, ќе продолжат да ги штитат од кривичен прогон.
„Неказнивоста на компанијата на поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев докажа дека ниту човечки жртви не се доволни за олигархијата, конечно, да биде изведена пред лицето на правдата“, се истакнува во соопштението на Левицата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Кисела Вода го донесе Буџетот за 2026 година
Со 17 гласа „за“ и 7 „против“, Општина Кисела Вода го донесе Буџетот за 2026 година, вреден 1.578.271.060 денари.
Буџетот, истакнуваат од општината, е изработен транспарентно и во директна консултација со граѓаните, а носи силна развојна компонента со доминантен фокус на капиталните инвестиции и подобрување на квалитетот на живот во општината.
Градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска, презентирајќи го буџетот пред Советот, истакна дека отчетноста и транспарентноста биле водечки принципи во неговата подготовка, при што секој предлог од граѓаните бил разгледан и најдобрите идеи се вградени во планот за 2026 година.
„Во основниот Буџет, кој изнесува 864.233.262 денари, дури 57 проценти, се наменети за капитални инвестиции. Средствата се насочени кон изградба и реконструкција на улици и коловози, подобрување на водоснабдувањето и одведувањето отпадни води, како и изградба и реконструкција на училишта и детски градинки. Дополнително, преку јавните повици на Владата, општината реализира 24 капитални проекти во вредност од 496 милиони денари, од кои најголем дел се во напредна фаза.
-Буџетот за 2026 година е креиран заедно со граѓаните и е воден од принципите на рационално трошење, висока транспарентност и одговорност. Најголемиот дел од средствата ги насочуваме кон капитални инвестиции, затоа што тие носат трајни и видливи промени во секојдневието на нашите сограѓани“, истакна градоначалничката Стаменкоска Трајкоска.
Буџетот, појаснуваат од општината, предвидува и значителни средства за заштита на животната средина, изградба на паркови и зголемување на зелените површини, како и мерки за социјална сигурност, субвенции за енергенси, поддршка за новороденчиња, матуранти и пензионери, како и финансиска поддршка за ученици кои постигнуваат високи резултати во науката и спортот.
„Со донесувањето на Буџетот за 2026 година, Општина Кисела Вода ја продолжува развојната насока кон модерна, транспарентна и одговорна локална самоуправа, со јасна визија за подобар живот на сите граѓани“, стои во соопштението.
Македонија
Ги поставија своите судии и почнаа со репресијата, велат од СДСМ
Криминалната власт почна со репресијата врз функционерите на СДСМ со нарачни судски пресуди, велат од СДСМ.
„Како што најавивме, ги поставија своите судии и обвинители и тргнаа.
Нема повеќе независно судство ниту независно обвинителство. Сѐ ставија во своите канџи.
По носењето Декрет и забраната за слобода на говор со предавничката Резолуција гледаме нарачани судски пресуди и законски казни за функционерите на СДСМ, како што денеска е осуден поранешен директор на затворот Филип Андонов и член на Извршниот одбор на партијата.
ВМРО-ЗНАМ ја активираа последната фаза од својата кампања – фазата на репресија и политички прогон“.
На објавените скандали, пријави за криминал и корупција од СДСМ, како што посочуваат од оваа партија, никој не реагира.
„А сега лесно и брзо носат пресуди, затоа што така им е наредено.
Додека вистинските криминалци од власта на ВМРО и ЗНАМ се богатат преку криминални тендери, се обидуваат да ја запрат нашата борба со нарачани судски пресуди и политички прогон.
Нема да ја запрат нашата борба.
Нема да нѐ запрат ниту тие, ниту оние што одвнатре ја подриваат партијата.
Никој! Сите ќе одговарате!
Работата не е завршена“.
Македонија
Утре сончево време, утрински температури до -10 степени
Времето утре ќе биде сончево и студено со мала до умерена локална облачност. Ќе дува засилен до силен северен ветер и наместа ќе има услови за провејување на снег. Минималната температура ќе биде во интервал од -10 до -4, а максималната ќе достигне од -3 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, претежно сончево и студено со умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 3 степени.
Во четврток и во петок ќе се задржи студено време со минимални температури кои насекаде ќе бидат негативни, а локално ќе се спуштат и под минус 10 степени.
Од петок и во деновите потоа ќе преовладува променливо облачно време со повремени локални врнежи, претежно од дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец, а температурите ќе биде во пораст.

