Македонија
Левица: „Власта на тендер го фаворизира монополот на ЕВН“
„Деновиве треба да заврши постапката за избор на универзален снабдувач на која се пријавени три фирми, меѓу кои и државната ЕСМ Продажба. Левица доби информации, од извори вклучени во постапката, дека повторно се фаворизира австриската ЕВН да го добие тендерот, под изговор за ненаплатени сметки од досегашното работење. Ваквиот изговор воопшто нема смисла, особено што тендерската документација и јавниот повик за избор на универзален снабдувач се изготвуваат со цел заштита на интересите на граѓаните и малите претпријатија. Оттука и сомнежот дека фаворизирањето на ЕВН е од страна на лукративни лоби групи, дел од енергетската мафија во Македонија“, велат од Левица.
„Левица во повеќе наврати укажуваше дека единствено правилно и најисплатливо решение за државата и граѓаните е државната ЕСМ Продажба да ја добие улогата на универзален снабдувач.Се обраќаме до одговорните во овој процес да ги надминат личните и бизнис интересите и да бидат во служба на граѓаните.
Потсетуваме дека продажбата на ЕСМ е оној бонбона бизнис на Шеќеринска, кога ЕСМ, заедно со целата дистрибутивна мрежа, беше продадена на ЕВН за 225 милиони евра, од кои им имаме иницијално вратено 22.5 милиони евра – што значи дека за продажбата државата инкасирала само 200 милиони евра.
Дополнително, се работи за компанија која нема редовни финансиски извештаи, додека договорот е и понатаму таен. Според поранешен министер за финансии, грубо е прекршен договорот за купопродажба, бидејќи ЕВН во првите години требала да инвестира 96 милиони евра, од кои инвестирале само 23.9 милиони евра.
Доколку, од која било причина, државната ЕСМ Продажба биде дисквалификувана од процесот или на аукцијата ѝ биде забрането да лицитира под 5% маржа, ќе стане јасно дека власта повторно одработува за странските корпорации и нивниот профит. Ако тендерот повторно го добие австриската компанија, Левица од позиција на власт ќе иницира целосна ревизија на постапката, каде ќе бараме одговорност од инволвираните и прогласување на постапката за ништовна.
Се ближи крајот на прелевање на народни пари во приватни џебови“, се наведува во соопштението на Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Аеродром, Карпош и Ѓорче Петров утре без струја
Без електрична енергија утре ќе останат делови од општините Аеродром, Карпош и Ѓорче Петров.
Како што соопшти РЦУК – Скопје, без струја во периодот од 09:00 до 15:00 часот ќе останат корисниците на дел од село Долно Лисиче, реонот околу чаталот, ул.10 во општина Аеродром, од 10:30 до 14:30 часот дел од улица 16, на патот кон Визбеговово општина Карпош, а од 13:00 до 14:30 часот објектите на градинката Росица, на ул.„Мечкин Камен“, бр.45А. во општина Ѓорче Петров.
Македонија
Скопските и тетовските пожарникари гасеа три огнови на отворено, соопшти ЦУК
Во изминатото деноноќие Центарот за управување со кризи информира дека биле евидентирани три пожари на отворено.
Регионалниот ЦУК Скопје соопштил дека БППЗ на Град Скопје во изминатото деноноќие имала две помали интервенции поради запалено ѓубре и тоа на ул. „Ферид Заири“ во Општина Чаир и кај Езерото Треска во Општина Сарај.
Регионалниот ЦУК Тетово известил дека ТППЕ Тетово имала една помала интервенција поради запалена ниска вегетација кај село Чифлик во Општина Желино.
Центарот за управување со кризи соопшти дека изминатите 24 часа имало вкупно 1.491 повици на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112. Од нив „реални“ повици биле 62,84 отсто, а 37,16 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни.
Кон полиција биле упатени 63,18 отсто, кон итната медицинска помош 29,09 проценти, кон пожарникарите 2,73 отсто, a кон АМСМ 1,36 отсто од повиците кон бројот 112.
Македонија
Силните дождови поплавија подруми и гаражи во Охрид
Локални дождови вчера и во текот на ноќта имаше на повеќе места во државата. Регионалниот Центар за управување со кризи (ЦУК) Охрид, известува дека се добиени пријави на граѓани за поплавување на подруми и гаража на две куќи на ул. „Стив Наумов“, во Охрид. Од страна на Општина Охрид е контактирано со ЈП „Нискоградба“ и ЈП „Колекторски систем“ дека колекторскиот систем не можел да ја прими во целост количината на вода која поради обилните врнежи од дожд, бидејќи во тој период на пороен дожд количината вода била голема. За кратко време состојбата е санирана.
Од ЦУК потсетуваат за голема внимателност при појава на локалните нагли метео промени и особена внимателност при грмежите и молњите, односно при силните електрични празнења. Препораките се да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја.
Потсетување има и за внимателно возење, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што има можност од појава на помали одрони при вакви променливи метео услови. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Сите итни случаи се пријавуваат на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации. Истовремено, ЦУК информира дека е потребно и е корисно да се следат препораките и информациите од медиумите за превенција, а и за реагирање при итни случаи.