Македонија
Левица: Во време на пандемија сопругот на Царовска добива тендер со скандалозни суми
Соопштение на политичката партија Левица
„Додека власта со катастрофално менаџирање на пандемијата државата ја воведува во должничко ропство, Град Скопје и фирмата „Флај кем“ склучиле договор вo вредност oд еден милион денари или 16.250 евра за една година.
Она што е највозбудливо во овие нови зделки на градот е тоа што сопственик и управител на оваа фирма е партнерот т.е. невенчаниот сопруг на министерката за образование Мила Царовска, кој веќе сме го гледале вплеткан и во други слични епизоди на оваа крими сапунска серија на власта.
Практично, на 4 март, Град Скопје и фирмата „Флај кем“ од Скопје склучиле договор за набљудување со дрон на шумските површини на скопската котлина за рана детекција на растителни болести. Во овој договор е утврдена и поединечната цена за снимање на шумите на Скопје за еден квадратен километар од фамозни 82.600 денари!
Дополнително, Град Скопје пак има обврска да ѝ обезбеди на компанијата соодветен лиценциран софтвер во кој ќе се прават премерите на теренот. Оваа фирма и порано беше вплеткана во слични скандали, со конфликт на интереси и кршење на основните етички норми, кога снимаше за потребите на други државни институции. Во април 2018 година имаше договор со МЕПСО за обезбедување на „специјални летечки уреди (дронови) за извршување вонреден преглед на ДВ“ во вредност од 779.980 денари, потоа работеше и за Општина Куманово, а во март 2018 година Флај кем продал дрон за 129.800 денари на општината. Истот така оваа фирма во 2019 година снимаше со дрон за потребите на кумановската градинка „Ангел Шајче“ (2х35.000 денари).
Иако и од дрон се гледаат намерите на власта да ја наградат министерката Царовска за доследното бришење на историјата од учебниците, Левица сепак очекува одговор од градоначалникот Петре Шилегов и министерката Царовска, двајцата високи функционери од СДСМ, во врска со овие сомнителни зделки. Дополнително, за овој скандал ја повикуваме и Антикорупциската комисија да отвори случај со цел да утврди судир на интереси.“
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ја давел и ја претепал бремената партнерка, се спасила откако го убедила да ја носи на лекар, па побегнала додека стоеле на семафор
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 52-годишен маж осомничен за кривично дело Телесна повреда според член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, по пријава за семејно насилство извршено врз неговата 32-годишна вонбрачна партнерка, која била во вториот месец од бременоста.
Според Обвинителството, насилството се случило во домот на улицата „Рајко Жинзифов“ во Скопје, каде по расправија осомничениот започнал физички да ја напаѓа жената, удирајќи ја со тупаници и шлаканици по главата и телото. На оштетената ѝ биле нанесени гребаници, отоци и хематоми.
Додека жртвата викала и барала помош со намера да ја слушнат соседите и да повикаат полиција, осомничениот, според наводите, станувал сè поагресивен и продолжувал да ја удира, а во еден момент ја притиснал со раце за врат со цел да ја замолчи.
За да се спаси и да излезе од домот, жената го убедила осомничениот да заминат на гинеколошки преглед и да направат ехо на бременоста. Додека се движеле со автомобил и возилото застанало на семафорите на булеварот „Св. Климент Охридски“, таа успеала да избега и да влезе во блиско кафуле, каде побарала помош. Со позајмен мобилен телефон веднаш ја известила полицијата.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерки на претпазливост, кои вклучуваат обврска осомничениот повремено да се јавува кај надлежен орган, привремено одземање на патна исправа, како и забрана за приближување и воспоставување контакт со оштетената.
Македонија
Филипче обвинува дека власта удрила и по средните винарии
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во денешната изјава од Моклиште, Кавадраци, нагласи дека со новите критериуми за добивање субвенции владата директно ги оштетува средните винарии, а новите правила за субвенции одат во прилог на само неколку големи компании.
„Средните винарии имаат обврска да продадат, 30% од грозјето на најголемите една или две винарии, со цел да воопшто стигнат до субвенција. Сето ова оди во прилог на потребите на само една или две големи винарии. Лозарите, тие кои мака мачат на сонце на лозовите насади, малите винари, средните винари, сите се намерно оштетени, намалени им се парите или воопшто нема да можат да ги земат, што е една катастрофа за овој регион“, рече Филипче.
Тој додаде дека во новата Програма за субвенции во земјоделството и парите се скратени и условите за добивање субвенции се усложнети.
„Владата ја намалува и Програмата за субвенции во земјоделството во целост. Од 140 на 100 милиони евра. Значи за цела третина, помалку пари, кај сите сектори во земјоделството, сточарството, лозарството, поледелството, овоштарството и нема да имаат овие земјоделци доволно поддршка од државата како што тоа го имаше во времето на владата на СДСМ“, рече Филипче.
Во изјавата Филипче нагласи дека лозарите не можат да очекуваат позитивни вести кога станува збор за поддршката од државата.
„За жал, сметам дека лозарите оваа година немаат да има добри вести во однос на тоа што значи поддршка од страна на владата за развој на овој сектор. Овој сектор земјоделството во мало го означува пристапот на оваа власт генерално во државата. Кражба, пљачка и незаинтересираност за луѓето.Жалам, но оваа власт не се грижи за граѓаните, за државата“, рече Филипче.
Македонија
Градоначалникот Ќура ангажирал фирма што ќе утврди зошто е загадена водата во Струга
Градоначалникот на Струга, Менди Ќура, најави дека на 16 февруари приватна институција од Скопје ќе ги утврдува причините за загадувањето на водата во градскиот водовод, која тој лично ја ангажирал.
Тој изјави дека Општината презема мерки за надминување на проблемот поради кој жителите веќе една недела не можат да ја користат водата, која од чешмите тече заматена и со темнокафеава боја, поради што е забранета за пиење и употреба.

