Македонија
Левица: Една изборна единица ќе доведе до поправична застапеност на волјата на народот
Организирањето на Македонија во една изборна единица е првиот чекор во зауздувањето на трибалистичките влијанија во политиката, велат од политичката партија Левица преку соопштение.
„Воопшто не е изненадување тоа што Владата, предводена токму од партијата која имаше предизборно ветување за една изборна единица, го одби Предлог-законот за изменување и дополнување на Изборниот законик во насока на една изборна единица, поднесен од група пратеници. Напротив, оваа власт предводена од СДСМ, исполнува исклучиво ветувања кои никогаш ги нема споменато пред народот туку ги има дадено на терти страни во служба на туѓи интереси.
Но, крајот на оваа претстава, која големите партии ја приредуваа многупати досега, е веќе познат – поддршка на иницијативата поради популизам но знаејќи дека другите тоа нема да го сторат. Ваквата лажна поддршка целосно го минира успехот на самата иницијатива.
Изненадува тоа што пратениците, кои се коалициони партнери на Владата, а истовремено го сочинуваат и најголемиот дел од пратениците – предлагачи на оваа иницијатива, се’ уште остануваат верни поддржувачи на политиките на власта и покрај тоа што таа истата Влада недвосмислено ја одби оваа нивна иницијатива. Крајно време е помалите партии во Собранието конечно да се надминат себе си и да престанат со играње на улогата на приврзок на владејачките партии. Имено, токму сега, кога фунционирањето на Парламентот и опстанокот на Владата зависи од помалите партии, особено оние кои се во власта, имаат можност да покажат дека го застапуваат јавниот интерес, а не своите лични привилегии како коалициони партнери на Владата.
Територијалната поделба на Македонија и постојниот изборен модел се кроени за задоволување на етничките интереси на албанските партии. Оттука, промената во насока на организирање на целата територија на Македонија, како една изборна единица, не само што ќе доведе до поправична застапеност на волјата на народот и разбивање на хегемонијата на двете партии, туку и ќе го заузда етно-центризмот и трибализмот кој е вкоренет во сите пори на политичкиот систем на државата.
Сегашниот изборен модел, фаворизирајќи двопартиска хегемонија резултира со брзо заробување на секој нов политички субјект во гравитационото поле на некоја од големите партии, обично таа партија која ја предводи власта. Оттука, секоја можност за промена во политичкиот систем која може да доведе до губење на нивниот комодитет е неприфатлива и таа бидува уништена уште во самиот нејзин зародиш.
Суштински проблем во нашата држава е непостоењето на дефинирани, етаблирани и негувани државни и национални интереси, а тоа е последица на поединечната и групната приватизација на партиите, а со тоа и на државата и власта. КАПИТАЛИСТИЧКИОТ ПОРЕДОК Е СУРОВ, БЕЗМИЛОСЕН, А СО ТОА И БЕЗ ОПШТОЧОВЕЧКИ ВРЕДНОСТИ, такви се неговите партии, такви се и раководствата на партиите.
Одбивањето на предлог измените на изборниот законик за една изборна единица, јасно укажува на карактерот на власта, неспремноста и неволноста да се направат промени корисни за државата и народот. Промените на иборниот модел се неопходни, власта мора да се уцени по секоја цена, и тука клучна улога имаат токму коалиционите партнери на Владата“, се наведува во соопштението на Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба на Сиљановска-Давкова со претставници од групата на АЛДЕ
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска прими претставници на Алијансата на либерали и демократи за Европа (АЛДЕ) од Европскиот Парламент, учесници на меѓународната конференција „Quo vadis Europa 2025?”, што се одржа во Скопје.
Гостите ја потврдија јасната заложба на АЛДЕ за деблокирање на македонскиот евроинтегративен пат, како и брзо и целосно интегрирање на Западен Балкан во ЕУ, преку посегање по креативни решенија во овој исклучително тежок геополитички моментум.
Претседателката, низ призма на принципите и вредностите гарантирани со европските конститутивни акти, презентираше свои видувања и предлози за излез од блокадата.
Гостите изразија не само интерес, туку и подготвеност да помогнат во надминувањето на неодржливиот status quo во којшто се наоѓаме, преку иницирање можни решенија во рамките на Европскиот парламент.
Претседателката го поздрави конструктивниот пристап на АЛДЕ, во духот на европските демократски принципи и вредности.
На средбата присуствуваа Свења Хан, претседателка на АЛДЕ и германска европратеничка, Рик Дамс, потпретседател на АЛДЕ и поранешен претседател на Парламентарно Собрание на Совет на Европа, Весна Пусиќ, прва претседателка на Мрежата на либерали од Југоисточна Европа (ЛИБСЕН) и поранешна вицепремиерка и МНР на Хрватска, Моника Зајкова, претседателката на Либерално-демократската партија и Емил Кирјас, потпретседател на Либералната интернационала.
Македонија
Неправилности и проблеми со „Безбеден град“ ќе се пријавуваат преку специјален пункт или на интернет
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, е задоволен од резултатите од тест-периодот на проектот „Безбеден град“.
Тошковски вели дека граѓаните значително ја намалиле брзината на возење, а бројот на сообраќајни незгоди е во опаѓање.
„Тест периодот покажува дека Македонија има сила да биде нормална земја. Горд сум што македонските граѓани покажаа дека и во тест период кога ќе се вметне едно решение, граѓаните сфатија и го забавија возењето во рамки на главниот град. Граѓаните покажаа дека можат поинаку и дека сега се вистински Европјани. Намалени се бројките на сообраќајки на територија на Град Скопје, а особено на тешки телесни повреди и смртни последици“, кажа министерот.

Граѓаните ќе можат да пријавуваат неправилности и проблеми со системот „Безбеден град“ преку специјален пункт во склоп на управните служби на МВР, интернет-страница и мобилна апликација, најави Тошковски.
Тој нагласи дека се работи на остранување на сите неправилности и од 1 февруари возачите свесно ќе придонесат за безбедноста во сообраќајот.
Македонија
Мицкоски вели дека Обвинителството треба да се позанимава со СДСМ околу изјавите за мигрантите
Премиерот Мицкоски вели дека Обвинителството треба да реагира на изјавите на СДСМ дека ќе се носат мигранти во Македонија. Според Мицкоски, овие изјави претставуваат создавање немир и паника кај граѓаните, што, како што вели, е предвидено во Кривичниот законик.
„Мора тука и обвинителството да се позанимава со оваа тема затоа што во Кривичниот законик ова е еден вид насилство, создавање паника, немир кај граѓаните. Затоа што ако еднаш, двапати, трипати демантиратме и вие континуирано продолжите со оваа тема имате намера и тенденција да создадете несигурност паника и страв кај граѓаните и мора кривично да одговарате за тоа. Еве ќе дојде март нема да има мигранти прифатени како резултат на договор со Велика Британија или било каков друг договор. Ќе дојде и јуни ќе нема мигранти, ќе нема мигрантски кампови и тогаш под 100 илјади гласови ќе бидат од СДСМ и ќе станат маргинална партија, ако тоа им е целта нека продолжат“, истакна Мицкоски.
„Доколку во Македонија се донесат мигранти осудени за сериозни кривични дела, тоа ќе значи директна закана по безбедноста на државата. Во исто време, тоа целосно ќе го закочи европскиот пат, затоа што со евентуален влез во ЕУ повторно би се отвориле вратите кон Унијата – нешто што европските земји сакаат да го спречат. Затоа на ВМРО-ДПМНЕ ѝ одговара Македонија да остане изолирана, рече генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ.
„Таа е составена од 9 точки, и во неа стои дека се осудуваат дезинформациите за наводно прифаќање мигранти и изградба на кампови, се потврдува дека такви политики не постојат ниту ќе постојат, се поништуваат сите претходни аранжмани на владата на Заев поврзани со мигрантски кампови и се повикува на одговорен јасен говор, заштита на безбедноста, стабилноста и меѓуетничките односи. Исто така, се констатира дека свесното ширење дезинформации ќе биде санкционирано согласно важечките закони. Резолуцијата воспоставува јасна државна политика против нелегалната миграција и стапува во сила веднаш по нејзиното изгласување“, изјави Никола Мицевски, координатор на пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ.

