Македонија
Левица: Зошто две години му се суди на поранешниот директор на онкологија Нино Васев
„Вчера продолжи судење против поранешниот директор на Клиниката за онкологија – Нино Васев, против кој е поднесена кривична пријава од семејство на починат пациент во 2018 година. Истиот со месеци одбивал да му пружа нега и терапија на пациентот и со тоа го прекршил Законот за здравствена заштита и Законот за заштита на правата на пациентите, со што подлежи на кривична одговорност“, велат од Левица.
„Предметот е оформен во 2021 година, но сѐ уште нема судска разрешница. Покрај Васев, обвининението се води против уште двајца доктори кои и денес работат на Клиниката. Левица прашува зошто за овој случај нема судска разрешница, додека лекарите сѐ уште се на работните позиции на Клиниката за Онкологија?
Во конкретниот случај, на семејството му било укажано да го купат самите лекот од Бугарија. Ова е пример кој се провлекува низ македонското здравство со години, а и до Левица пристигнаа бројни сведоштва од пациенти на кои им било посочено самите да бараат цитостатици од Косово или Бугарија. Со тоа, за време на администрацијата на д-р Нино Васев со онколошката клиника, иако долгот достигнал фрапантни 20 милиони евра (од кои најголем дел за купување на цитостатици), не е јасно зошто пациентите инаку бесплатната цитостатска терапија морале да ја набавуваат самите!“, соопштува Левица.
„КАТО системот кој бил набавен за контрола на терапијата на пациентите, бил изваден од употреба во моментот кога СДС преку д-р Нино Васев ја презема контролата на онколошката клиника. Спинувањето на власта дека после 20 години за прв пат се открива криминалот на болницата е манипулативно, затоа што сериозните проблеми со крадење на лекови започнуваат во 2017 година, со преземањето на администрацијата од СДС.
Дополнително, катастрофалните политики на режимот на СДС и ДУИ се потврдуваат и со тоа што четири апарати кои се набавени за радиотерапија, стојат во подрум и истите не се ставени во употреба! Јасно е дека криминалот на Клиниката за онкологија, во кој директна жртва се пациентите, има име и презиме.
И тие се највисоките еншалони на оваа власт, почнувајќи од омилениот министер на Заев, Венко Филипче и неговиот директор Нино Васев. Без висока политичка инволвираност, ваков енормен скандал на организиран криминал не можел да се реализира!“, се додава во соопштението на Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Топло со умерена облачност, температурата до 25 степени
Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност. На североистокот ќе има услови за појава на краткотраен дожд.
Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието краткотрајно засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 20 до 25 степен.
Во Скопје сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне до 23 степени.
Ќе настапи преодно стабилизирање на времето со позначителен пораст на дневната температура. Од сабота кон крајот на денот повторно се очекува нестабилно време со локален пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме. Повремена претежно попладневна нестабилност со пороен дожд и грмежи, со променлив интензитет, ќе има се до средината на следната недела.
Скопје
108 санкционирани возачи во Скопје
Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден продолжи со контролите во областа на сообраќајот.
„На територија на град Скопје изречени се вкупно 108 мерки, меѓу кои девет мерки за возење без возачка дозвола, четири санкции за минување на затворен сигнал – црвено светло, седум мерки за користење на мобилен телефон при возење, осум санкции за некористење на сигурносен појас…“, извести МВР.
Од таму додаваат дека сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.