Македонија
Левица Карпош: Почнува изградбата на спорната 17-катница во непосредна близина на болницата „8 Септември“

Иако сè уште нема јавна информација за издадена дозвола за градба, веќе почнуваат оградувањето и подготовка на просторот, известува Левица Карпош.
„Работниците им потврдија на нашите активисти дека навистина станува збор за изградба на спорниот објект и дека инвеститор е фирмата на Фатмир Етеми. Она за што предупредувавме, се оствари – урбаната мафија не застанува во своите намери да профитира од секој метар општинско земјиште!“, велат од Левица – Карпош.
Левица веќе реагираше дека објектот доби невалидно позитивно конзерваторско одобрение за градба, откако првото беше одбиено бидејќи оваа парцела се наоѓа во заштитено подрачје на зградата-споменик, поранешна „Воена болница“.
Според нив дополнително е спорна и малата оддалеченост од бензинска станица, како и целото решение кое ќе доведе до урбанистички хаос во овој дел на населбата.
„Советот на Општина Карпош изгласа одлука за стопирање и ревизија на овој план, но градежните моќници останаа глуви на сите повици на Левица, граѓанските здруженија и жителите на Карпош, за прекин на изградбата. Градоначалникот Јакимовски, ја занемари волјата на Советот и дозволи парцелизација на земјиштето, со што ја отвори можноста за реализација на планот“, додаваат од Левица Карпош.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Се излеа Маркова Река кај Батинци

Маркова Река се излеа денес по обилните врнежи од дожд.
Во селото Батинци, водата е надојдена, излевајќи се на неколку места околу речното корито.
Ангажирана е механизација за санирање на штетата, а градоначалник на Студеничани, Азем Садики, објави дека забележана е материјална штета во дворовите од куќите кои се наоѓаат во близина на реката.
Засега, според градоначалникот, нема потреба од евакуација.
Фото: ТВ21/скриншот
Македонија
Тетово повика на јавна дебата за промена на имињата на улиците

Општина Тетово в петок, со почеток во 15:00 часот, организира јавна дебата за предлози за имиња на улиците.
„Ги повикуваме сите граѓани, здруженија, невладини организации и граѓанскиот сектор да учествуваат на оваа јавна дебата за именување на улиците“, велат од општината преку допис.
Додаваат дека секој предлог од граѓаните е важен и помага овој процес да биде инклузивен и успешен за граѓаните и градот Тетово.
Македонија
Тошковски: Припадниците на МВР денеска примија плата зголемена за 10 отсто

Припадниците на МВР денеска примија плата зголемена за 10 отсто, информира министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
„Изминативе години сосема оправдано имаше критики дека платите во МВР се ниски, а очекувањата и одговорностите големи. Често се укажуваше на разлики во однос на некои сродни служби, а чувството на потценетост беше реално и оправдано. Ова зголемување не е доволно, но е еден од многуте чекори што ќе следат во насока на враќање на достоинството и угледот на полицаецот. Целта е јасна – да изградиме модерна, професионална и силна полиција која ќе биде вистински сервис на граѓаните. Продолжуваме понатаму кон обезбедување на подобри услови, поголема поддршка и вистинско вреднување на трудот што секојдневно се вложува“, напиша Тошковски во објавата на социјалните мрежи.