Македонија
Левица: Наместо да го екстрадира, Косово го ослободува Алил Демири за убиството кај Смилковското Езеро
Деновиве, беше објавено дека судот во Приштина, наместо да го екстрадира Алил Демири, одлучил да го пушти на слобода, кој е еден од осудените на доживотна казна затвор за громорозното петкратно убиство кај Смилковското Езеро, потсетуваат од Левица.
„Ваквата одлука на косовскиот суд е спротивна на меѓународното право бидејќи Министерството за правда, според нашите информации, нема добиено никаков одговор за барањето за екстрадицијата на Демири, поднесена уште во 2018. Според тоа, екстрадицијата сѐ уште активна, а косовскиот суд по секоја основа мораше да го екстрадира во Македонија! Со ова Косово ги прекрши договорите за екстрадација и за трансфер на осудени лица со Република Македонија потпишани во 2011 година“, истакнуваат од оваа партија.
Ова, како што велат, не е изолиран потег на крајно непочитување и флагрантно провоцирање на Македонија, како и нарушување на македонскиот суверенитет од страна на косовските власти.
„Само пред неколку недели, на непоканетата посета на косовскиот премиер Албин Курти во Чаир и Тетово, се вееа знамиња на голема Албанија и комплетно се игнорираа државните инсигнии на Македонија, со што директно се наштетува на унитарноста и на угледот на Републиката“, потсетуваат од Левицата.
Левицата изразува силна осуда како до косовските власти за грубото прекршување на меѓународното право, билатералните договори и нарушувањето на суверенитетот на Македонија во последните неколку случувања така и до домашната квислиншка власт, која дозволува сето ова да помине без никаква осуда или соодветна реакција.
Последните настани, како и многубројни инциденти претходно, само ја потврдуваат, како што оценуваат, великоалбанската политика, која, како што велат, повеќе не е израз само на маргинализирани групи, туку на официјални државни политики како кај министрите етнички Албанци во Македонија така и од другата страна од границата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ реагира: Ако СДСМ не ја краделе државата, минималната плата денес ќе беше и повисока
Предлог-законот на СДСМ за минимална плата од 600 евра е доказ дека доколку не ја краделе државата додека биле на власт, работниците денес ќе имале и повисока минимална плата, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата наведуваат дека СДСМ денес поднеле предлог-закон со кој се предвидува минимална плата од 600 евра и дека во истиот навеле дека за таа мерка се потребни околу 7,5 милијарди денари, односно околу 110 милиони евра, но не објасниле од каде би се обезбедиле тие средства.
Според ВМРО-ДПМНЕ, добрата страна на предлог-законот е што, како што велат, покажува дека СДС имале можност во минатото да ја зголемат минималната плата и до 600 евра, но тоа не го направиле.
Во реакцијата се наведува и дека доколку не била дозволена злоупотреба на околу 170 милиони евра државни пари за набавка на, како што велат, канцероген мазут со кој бил загадуван воздухот, работниците денес можеле да имаат и повисока минимална плата, можеби и од 700 евра.
Од ВМРО-ДПМНЕ дополнуваат дека СДСМ и ДУИ, според нив, наместо да работат во интерес на граѓаните, гледале како да ја ограбат државата и да си ги наполнат сопствените џебови.
Македонија
Променливо облачно со повремен дожд: снег на планините и заладување во недела
Утре времето ќе биде променливо облачно, со слаб повремен локален дожд, а на планините и на повисоките места со слаб снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималните температури ќе се движат од 0 до 6 степени, а максималните од 7 до 11 степени.
Во Скопје ќе преовладува променливо облачно време со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 5 степени, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Во наредните денови продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Пообилни врнежи се очекуваат во недела, кога дождот ќе преминува во снег и во дел од пониските места.
Македонија
Јаневска: Македонија доби 8,2 милиони евра од ЕУ за спроведување на ЕРАЗМУС програмата во 2026 година
За спроведување на ЕРАЗМУС + програмата на Европската комисија наменета за образование, обука, млади и спорт, Македонија годинава доби најголем буџет откако во истата учествува како програмска земја. Со речиси 8,2 милиони евра ќе се финансираат заеднички проекти на македонските образовни установи, институции и граѓански организации со партнери од земјите во ЕУ, како и кратки истражувачки и студиски посети.
Можностите за вмрежување, приоритетните области, постапката за изработка и роковите за аплицирање со проекти денес беа претставени на конференција на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во присуство на ректори на јавните и приватните високообразовни установи во државава, претставници на училишта, граѓански здруженија и други потенцијални корисници на средства во рамки на ЕРАЗМУС програмата, се обратија претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука Весна Јаневска и директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Ана Михајлов.
На конференцијата беше посочено дека во фокусот на програмата се младите, односно јакнење на нивното знаење и вештини во границите на ЕУ, со кои потоа ќе придонесат за развој на сопствената држава.
Министерката Јаневска смета дека и оваа година ќе има ефикасна искористеност на можностите, затоа што државата има зајакната законска основа во која задолжителни компоненти се мобилноста, европската димензија и меѓународната соработка, зајакнати се и капацитетите на Националната агенција каде има ново раководство и добра внатрешна структура, а воедно и МОН како национален авторитет ги засилува механизмите за контрола на целиот процес за спроведување на програмата ЕРАЗМУС.
Таа ги повика заинтересираните кандидати да ги разгледаат можностите и со свои проекти да аплицираат на повиците за распределба на средства, што Националната агенција ќе ги објави на 19 февруари, односно на 5 март.
Македонија е дел од ЕРАЗМУС програмата уште од нејзиното воведување од страна на Европската комисија во 2014 година, кога буџетот изнесуваше 3,5 милиони евра.

