Македонија
Левица: Расте бројот на измамени граѓани со брзи кредити, ќе иницираме законски измени
Расте бројот на оштетени граѓани што никогаш не зеле брзи кредити, а „продавниците за пари“ ги известуваат дека треба да враќаат кредити за кои воопшто не аплицирале, реагираат од Левица.
Во 2021 година во Македонија, како што информираат, се регистрирани 142 кривични дела за злоупотреба на лични податоци, за кои по преземени мерки, кривично се пријавени 67 сторители.
„Во 2022 година регистрирани се 125 кривични дела и мерки на кривичен прогон се преземени против 76 сторители, додека во 2023 година само за седум месеци има 65 пријави до МВР“, велат од партијата.
Вистинската бројка на ваквите случаи според Левица, сигурно е поголема, затоа што голем дел од оштетените граѓани стравуваат од извршители и наместо да пријават, ги плаќаат туѓите долгови.
Левица претходно реагираше дека во овој бизнис се инволвирани роднини на политичката елита, како синовите на Љубчо Георгиевски и Зоран Верушевски, како и мајката на Трајче Заев.
„Продавниците за пари“ како што оценуваат, со голема леснотија одобруваат потрошувачки кредити, каде не е потребно кредитобарателот да се идентификува со физичко присуство, освен ако кредитот го подигнува во готовина.
„Наменските или стоковите кредити се исплаќаат директно на добавувачот, без притоа да се достави профактура или договор за намената за која е одобрен кредитот.
Министерството за финансии, и покрај тоа што е задолжено да врши надзор над овие „продавници за пари“ како финансиски друштва, сепак, министерот Бесими воопшто не се огласува за проблемот со масовната појава на измами во овие друштва“, реагираат од оваа партија.
Додаваат дека согласно измените на Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити, договорите се склучуваат во писмена форма или преку друг траен медиум, иако претходно се сметаа ништовни договорите кои не се склучени во писмена форма и беше предвидена глоба во износ од 3 000 до 5 000 евра.
Левица како што информираат, ќе поднесе измени на Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити, со што ќе се спречи одобрените кредити да ги користат лица кои не се вистинските кредитобаратели и ќе заврши грабежот на граѓаните кои не зеле брзи кредити.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Полицајци спасија жител на Македонска Каменица кој останал заглавен на тераса во пожар во неговата куќа
Полициски службеници спасија жител на Македонска Каменица, кој беше заглавен на тераса откако настана пожар во неговата куќа, соопшти МВР.
Вчера попладне во 13:23 часот во СВР Штип е пријавено дека на ул.„14 Јуни“ во Македонска Каменица настанал пожар во куќа, сопственост на Љ.Ѓ.(80).
Полициски службеници од СВР Штип – Полициско одделение Македонска Каменица излегле на местото и го затекнале сопственикот заглавен на тераса на вториот кат, по што се преземени мерки и со помош на скали безбедно го спуштиле.
Нему му е укажана помош во Клиничка болница Штип поради вдишување чад, по што е пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје за понатамошно лекување.
Пожарот е изгаснат од Територијалната протипожарната едница Македонска Каменица. Увид е извршен.
Македонија
Менаџер на продавница во Скопје украл 2,7 милиони денари, парите од дневниот промет си ги ставал во џеб
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице вработено во продавница во трговски центар во Скопје. Тој е осомничен дека украл 2,7 милиони денари, а според последните информации од истрагата, тој сè уште ги крие парите.
Осомничениот 35-годишник ја злоупотребил својата службена положба – менаџер на продавница во трговски центар во Чаир, како и дадената доверба и пристапот до касите и сефот, па во периодот од 18.12.2025 година до 04.02.2026 година, во повеќе наврати одземал парични средства што му биле доверени. Парите од дневниот промет не ги депонирал во сеф ниту ги предавал на овластено лице за собирање и транспорт на прометот. На овој начин осомничениот незаконски присвоил 2.783.867 денари и ја оштетил компанијата во која работел.
Бидејќи откако бил откриен тој веднаш бил отстранет од работното место, јавниот обвинител предложи и дополнителни мерки на претпазливост во текот на постапката – забрана за напуштање на живеалиште, обврска да се јавува во судот и привремено одземање на пасошот.
Притоа, обвинителството го имаше предвид ризикот од бегство како и фактот дека осомничениот сè уште ги крие и не ги враќа противправно одземените пари на правното лице.
фото/Depositphotos
Македонија
Хоџа: Продолжува партнерството со Светска банка за системска борба против аерозагадувањето
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, оствари работна средба со претставници на Светската банка, предводени од Карол Мегеванд, на која беше разговарано за досегашната соработка и можностите за нејзино понатамошно продлабочување во областа на управувањето со квалитетот на воздухот.
Од Министерството информираат дека на средбата било констатирано дека во моментов се имплементираат повеќе значајни проекти насочени кон подобрување на состојбата со аерозагадувањето, но дека останува потребата од дополнителни инвестиции.
Министерот Хоџа истакнал дека негова цел е системска промена во справувањето со аерозагадувањето, како клучен приоритет во неговата работа и во работата на Министерството. Тој нагласил дека долгорочните и одржливи решенија бараат силно партнерство со меѓународните институции и континуирана поддршка во спроведувањето на реформите.
Во таа насока, Хоџа изразил подготвеност за продолжување и продлабочување на соработката со Светската банка, нагласувајќи дека отворената комуникација ќе продолжи и во иднина, со заедничка цел – подобрување на квалитетот на воздухот и заштита на здравјето на граѓаните.
Министерот посочил дека Министерството и Владата континуирано работат на унапредување на квалитетот на воздухот преку Акцискиот план за чист воздух, Програмата за периодот 2024–2030, како и преку тековните проекти финансирани преку ИПА 2 и ИПА 3. Притоа, било истакнато дека останува потребата од дополнителни инвестиции и засилена техничка поддршка, за да се намали загадувањето и да се обезбеди чиста животна средина за сите граѓани.

