Македонија
Левица: Ситно политичките размислувања го дотолчуваат високото образование
Место да вложува во образованието, Владата на ДПМНЕ и ВРЕДИ ги намали средствата за научно – истражувачка дејност. Ова се потврдува со Програмата за изменување на Програмата за научноистражувачка дејност за 2024 година, донесена од новата Влада, а стапува на сила од 24. август 2024.
Македонските истражувачи го постигнуваат максимумот во условите во кои работат, а Владата место да ги стимулира, крати онаму каде што е тенко. За дополнително профилирање на македонските научници и кадри во високото образование, а со тоа и создавање предуслови за високо рангирање на македонските универзитети на ,,светските листи”, потребни се што повеќе трудови во највлијателните и најсилните списанија. Такви резултати може да се очекуваат само ако системски се вложува во современа опрема и во кадарот и, секако, ако се вложува во меѓународната соработка – нешто за што и оваа власт, очигледно, нема слух, истакнуваат од Левица.
Падот во квалитетот на високото образование кое го испорачува државата, според нив, е последица на ситно-политичките размислувања на владејачките елити.
„Годините претходно проследени со непотизам, коруптивни скандали и клептократија, како и премалите буџети за образование и наука го испорачуваат цехот, чија колатерална штета ја плаќаат младите, но и иднината на државата.
Сведочиме за потребата на младиот човек од квалитетно образование. Ова е една од основните причини поради која студентите се почесто се запишуваат на универзитетите надвор од Македонија. Несомнено, девастираното образование е еден од клучните фактори кои го принудуваат младиот човек да ја напушти државата!
Освен образовниот процес, студентите се оставени да живеат во домови кои немаат елементарни услови, моментално под закана дека ќе им биде укинат бесплатниот превоз, а потсетуваме дека минатата година Владата се обиде да им го одземе и оној премал додаток за студентски оброк.
Образованието има потреба од итна и сеопфатна реформа, но и изработка на национална стратегија за која се залага Левица!
Македонија има капацитети кои не се искористени. Убедени сме дека како земја поседуваме одлични кадри кои можат да го предадат своето знаење, стручност и вештина, но и да придонесат за целосно унапредување на образовниот систем“, според Левица.
Наместо воведување на меритократски ситем во образованието и насочување на најдобрите кадри во добробит за студентите и државата, партизираната држава, додаваат од Левица, создадена од ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ, преферира да користи поинакви методи, кои дефинитивно се покажаа како погубни за образованието, но и севкупно за државата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.
Македонија
Ангелов на работен состанок во Министерството за правда за измени на Законот за здруженија и фондации
На барање на директорот Стојанче Ангелов на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), денеска беше одржан работен состанок во Министерство за правда, посветен на најавените измени на Законот за здруженија и фондации, што директно ги засегаат доброволните противпожарни друштва во Македонија.
На состанокот беа разгледани можните правни импликации од предложените измени, со посебен акцент на правниот статус и функционирањето на доброволните противпожарни друштва (ДПД), нивната улога во системот за заштита и спасување и на потребата од усогласување на законската рамка со реалните теренски потреби и со европските практики.
Притоа, Ангелов, заедно со тим од ДЗС и од претставници на ДПД, ја истакна важноста од заштита, унапредување и институционално препознавање на доброволниот сектор, како клучен партнер во справувањето со кризи, пожари и природни непогоди. Соработката помеѓу институциите и доброволниот сектор е еден од темелите за ефикасен и функционален систем за заштита и спасување во Македонија.
Македонија
Лажни дојави за бомби во училишта во Скопје и Тетово
Во неколку училишта во Скопје и во Тетово денеска биле примени дојави за поставени експлозивни направи, но по извршените проверки било утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека веднаш по добивањето на пријавите биле преземени соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници.
„Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопштија од МВР.
Во Тетово дојавите ги опфатиле средните училишта СОУ „Никола Штејн“, СОУ Гимназија „7 Март“, СОУ Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ и СОУ „8 Септември“.
Кај основните училишта биле опфатени ООУ „Истикбал“, ООУ „Кирил и Методиј“, ООУ „Братство-Мигени“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Беса“ и ООУ „Прпарими“.
Надлежните институции продолжуваат со преземање мерки за расчистување на случајот.

