Македонија
Левица со остра реакција на најавените поскапувања на парното и струјата
Левица остро ја осудува одлуката за најновото зголемување на цената на парното за 5 проценти, како и најавениот раст на цената на електричната енергија од јануари. Од партијата сметаат дека овие одлуки не се само технички бројки во одлуките на Регулаторната комисија за енергетика, туку доказ за, како што наведуваат, хроничниот неуспех на Владата во енергетскиот сектор и за растечкиот удар врз стандардот на граѓаните.
Од партијата реагираат и на информациите дека ЕСМ ја нуди струјата по 65 евра за мегават-час, оценувајќи дека тоа ја демантира „владината приказна за стабилност во снабдувањето“.
Според Левица, граѓаните ја плаќаат струјата двапати – преку зголемените сметки и преку буџетски средства со кои се субвенционираат цените, со што, како што тврдат, Владата ја прикрива штетата од погрешните политики и скапи менаџерски одлуки.
Партијата дополнително обвинува дека РКЕ, наместо да го штити јавниот интерес, настапува како „сервис на монополските компании“, прифаќајќи ги нивните трошоци без реална проверка. Тоа, велат од Левица, резултира со повисоки тарифи на товар на граѓаните.
Во услови на инфлација и растечка енергетска сиромаштија, секое ново покачување претставува директен удар врз домаќинствата, реагираат од партијата. Наместо вложување во домашно производство, обновливи извори и енергетска ефикасност, според Левица, Владата дозволува стареење на мрежата, зависност од увоз и „одлив на профит кон приватен и странски капитал“.
Од таму бараат итно ревидирање на последните одлуки на РКЕ, јавно објавување на пресметките за поскапувањето, независна анализа на работењето на ЕСМ, промена на методологиите за пресметка на цени со заштита на стандардот на граѓаните, како и мерки за помош на енергетски сиромашните домаќинства.
Левица додава дека ќе продолжи да се спротивставува на политики кои, како што велат, го штитат профитот на монополите на штета на граѓаните и ќе се бори за враќање на клучните енергетски компании под државна контрола.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

