Македонија
Левицата: Судско-обвинителската династија на СДС-ДУИ-ДПМНЕ го руши правосудниот систем
Најновата ранг-листата, објавена од Академијата за судии и обвинители, на кандидати што положиле и ќе бидат следните судии и обвинители, само дополнително ја поткопа довербата во судскиот систем, реагираат од Левицата.
„Повеќето од кандидатите што положиле се деца на актуелни политичари, како синот на Талат Џафери – Барлет Џафери, за кој се дозна дека полагал правосуден испит, иако не исполнувал услови и наместо да биде санкциониран, тој е награден на овој начин. Понатаму, сопругата на сегашниот градоначалник на општина Аеродром, Тимчо Муцунски, е една од кандидатите од оваа листа. Династијата Муцунски почнува уште со татко му Звонко Муцунски, кој е дипломат од кариера. Неговиот син, Тимчо Муцунски, во 2015 година незаконски беше избран за асистент докторанд на Правниот факултет“, се истакнува во соопштението од оваа партија.
Тука е, како што додаваат, и сопругата на актуелниот шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Ислам Абази, Албулена Абази, која е 51. на ранг-листата. И таа, како и Барлет Џафери, ќе биде јавен обвинител.
Наместо воспоставување систем на професионализам и отстранување на непотизмот, кој 30 години како метастаза се шири и ја намалува довербата во судството, според Левицата, се избираат кандидати за судии и обвинители и се прават недопирливи династии. Од друга страна, како што велат, се создава плодна почва за судии и обвинители од тефтерчиња, кои нема да ги гонат криминалот и корупцијата на роднинско поврзаните функционери.
„Очигледно е дека политичката култура на деградирање на владеењето на правото е заеднички креирана од СДС-ДУИ-ДПМНЕ преку обезбедување гаранции за неказнивост на нивните криминали, кои секојдневно се трудат да ги скријат или застарат“, се потенцира во пишаниот допис од Левицата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

