Македонија
Левица: Успешната приказна ,,Еуроникел” на Заев и Анѓушев повторно е под стечај
Вработените во ,,Еуроникел Индустри: повторно останаа без работа. Откако на почетокот на декември, Комерцијална банка ја активираше хипотекарната гаранција во вредност од речиси 38 милиони евра, банката стана сопственик на комбинатот. Сега најуспешната приказна на стечај, како што помпезно ја најавуваа поранешните функционери Заев и Анѓушев, повторно е пред стечај, вели Левица.
„На вработените не им се исплатени три плати и бараат што побрзо да се најде инвеститор, за фабриката да може да продолжи со работа. Покрај вработените, две илјади фирми и поедници зависат од функционирањето на овој металургиски гигант. Компанијата ,,Еуроникел Индустри’’, основана на почетокот на 2019 година, стана нов сопственик на кавадаречкиот комбинат за фероникел ,,ФЕНИ”, откако во стечајната постапка ги откупи побарувањата на двете најголеми банки, Стопанска и Комерцијална. Нејзин основач е инвестицискиот фонд – Глобал Спешл Опортунитиз (ГСОЛ) ЛТД од Бахамите (земја на црната листа на даночни раеви), а егзотичното потекло на оваа компанија отвори простор за многу шпекулации во јавноста околу вистинската сопственост на оваа офшор-компанија. Владата претходно на ,,Еуроникел” му додели милион евра финансиска поддршка во 2019 година, а претседателка на Комисијата за евалуација беше посебната советничка на вицепремиерот Анѓушев. ,,Еуроникел” за три години (од 2019 до 2021 година) оствари над 25 милиони евра ПРОФИТ и откако офшор инвеститорите целосно го испумпаа профитот, како впрочем претходно и ,,Фени”, ги оставија на цедило вработените. Овој гигант станаа жртва на погубните владини политики кои дозволија инвеститори од озлогласени даночни оази да станат сопственици, зад кои често се кријат домашни инвеститори. Покрај даночните затајувања, офшор фирмите се немилосрдни во однос на иднината на компанијата. Со голема леснотија земаат кредити и го ставаат под хипотека недвижниот и подвижниот имот, како што е случајот со ,,Еуроникел”. Левица апелира државата да ја откупи компанијата ,,Еуроникел Индустри”, кој беше економски гигант во минатото, и да основа јавно претпријатие или акционерско друштво во државна сопственост, со цел овој загубар да се трансформира во еден од најзначајните светски производители на фероникел“, пишува во партиското соопштение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Глоба од 1.300 евра за нечисти гуми: Општина Аеродром казни градежна фирма
Општина Аеродром спроведува засилен инспекциски надзор, при што е изречена глоба од 1.000 евра за компанија и 300 евра за одговорното лице, поради прекршување на Законот за јавна чистота.
При извршена контрола на градилиште во близина на СУГС „Димитар Влахов“ на булевар „Трета македонска бригада“, инспекторите утврдија дека градежни возила се движеле по коловоз со нечисти гуми, со што се нарушува чистотата на јавните површини и се создава дополнително загадување .
„Општината нема да дозволи несовесно постапување, а прекршувањата ќе се санкционираат строго и без исклучок. Во наредниот период ќе продолжат и дополнително ќе се интензивираат контролите на сите активни градилишта. Особено внимание ќе се посвети на: Почитување на мерките за заштита на животната средина; Спречување на загадување и несоодветно одлагање отпад; Одржување на чиста и безбедна околина околу градилиштата; Заштита на јавните површини од узурпација“, велат од Аеродром.
Општината упатува апел до сите изведувачи и инвеститори да ги исполнуваат своите законски обврски. Само со дисциплина и одговорност, како што се додава, можеме да обезбедиме уредна, чиста и безбедна средина за сите жители на Аеродром.
Македонија
Трендафилов побара мерки против пратеничката Дафина Стојановска оти ги објави неговите деца и за утре најави блокада на газдите
Утре напладне, повторно со најмалку 21 работник, Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) ќе ги блокира Стопанската комора, Организацијата на работодавачи на Македонија и Бизнис- конфедерацијата од кои бараат минималната плата да се зголеми на 600 евра, а сите останати плати да се зголемат за најмалку 100 евра. Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов на денешната прес-конференција кажа дека објава на видео од неговите малолетни деца нема да го замолчи и ги повика институциите да преземат мерки против пратеничката Дафина Стојановска.
„Нема да потклекнам, нема да се предадам сѐ додека не се предадат тие и не ги зголемат работничките плати, но ќе дозволите да зборувам за монструмите, оние кои не се под детските кревети. Оние кои седат во пратеничките клупи, кои ги гледате во кафулињата, кои ги среќавате на улица, кои ги имате во партијата, кои снимаат малолетни деца. Монструмите не се само на телевизија. Монструмите се покрај сите нас. Министерството за внатрешни работи, министерот за внатрешни работи и Обвинителството треба веднаш да преземат мерки против пратеничката Дафина Стојановска. Истата Дафина која некој ја познава како богаташка која ми ги објави малолетните деца за да можат сите да ги оцрнуваат и на таков начин да ме уценуваат мислејќи дека ако ме следат мене, преку децата ќе ми направат штета и ќе ме замолчат. Се случија големи катастрофи со деца. Не сакам да верувам дека целта ѝ била тоа, но нормален премиер наместо да дава изјава дека ова е само почеток со заканите кон моите деца и кон моето семејство ќе си дадеше оставка или најмалку, ќе ја разрешеше Дафина. Нормална Влада во нормални држави за ваква работа паѓа“, рече претседателот на ССМ Трендафилов.
Забележувајќи дека „во нормална држава пратеничката веќе ќе беше во затвор“ Трендафилов побара Собранието да поведе постапка за нејзино разрешување и најави дека за случајот ќе ги извести сите амбасади, Делегацијата на Европската Унија, братските синдикати и Меѓународната организација на трудот.
„ Денеска прогон на синдикалци затоа што се борат за зголемување на платите има само во Белорусија и во Мјанмар“, рече Трендафилов.
За време на вчерашната блокада на Собранието, пратеничката Дафина Стојановска на социјалната мрежа „Фејсбук“ објави видео од Трендафилов и неговите две деца со објаснување дека ги вози во службениот автомобил.
Македонија
Сали на средба со амбасадорот на Чешка: Поддршка за реформите и европската интеграција
Министерот за европски прашања и прв заменик-претседател на Владата, Беким Сали, оствари средба со амбасадорот на Чешката Република, Јарослав Лудва.
На средбата беше разговарано за европската интеграција на Северна Македонија и за приоритетите поврзани со Реформската агенда и пристапниот процес. Министерот Сали ја истакна посветеноста на Владата на испорака на конкретни резултати, со посебен фокус на владеењето на правото, реформата на јавната администрација, функционирањето на демократските институции и подобрувањето на апсорпцијата на европските фондови.
Соговорниците ја нагласија важноста од континуираната поддршка на Чешката Република за европската перспектива на Северна Македонија, како и можностите за продлабочување на соработката во области поврзани со пристапниот процес, размена на искуства, користење на европските фондови и јакнење на институционалните капацитети.
На средбата беше истакната и досегашната соработка преку европските инструменти, како и поддршката на Чешката Република преку различни проекти со директно влијание врз локалните заедници.
Министерот Сали изрази благодарност за континуираната поддршка и ја нагласи подготвеноста на Министерството за европски прашања за натамошно продлабочување на соработката.

