Македонија
(Видео) Лекарите на протестот предупредија: Ако не се спречи насилството, ќе престанеме со работа
Медицинските работници, во организација на Асоцијацијата на специјализантите и младите лекари, денеска излезегоа на протест во Клиничкиот центар по повод серијата напади што се случија изминатиов период врз медицинските работници од страна на пациенти и нивни роднини.
Тие велат дека ова ќе биде последен протест како предупредување до надлежните институции да го решат овој системски проблем во здравството.
Ненад Лазаров од Асоцијацијата на специјализантите и младите лекари потенцира дека се оградуваат од секакви политички елити. Тој вели дека насилството врз лекарите мора да престане веднаш.
„Собрани сме да кажеме доста е. Ова ќе биде наш последен револт, повеќе не смее да дозволиме да бидат напаѓани здравствените работници. Со години тенденциите и негативната кампања се одразуваат врз медицинските работници, а целта е да се стават во сенка лошите одлуки на раководните лица во системот. Време е да се преземат мерки за подобри услови на работниците и пациентите. Ќе престанеме да работиме сè додека овие прашања не бидат решени“, истакна Лазаров.
Според лекарите, овие проблеми не смее да се решаваат зад затворени врати, туку само со отворена дебата. Тие на протестот наведоа пет барања, кои во најбрз можен рок мора да бидат решени.

Станува збор за донесување закон за докторска дејност, итно спроведување и законско изедначување на напад врз медицинско лице со напад врз полициско лице. Полициско обезбедување на сите здравствени установи, особено во ургентните центри. Вклучување на младите лекари во носењето на сите здравствени политики. Задолжително организирање некаков внатрешен систем на контрола на медицинските работници.
Медицинските работници истакнаа дека по овој протест, ќе остават малку време за надлежните да ги решат проблемите и да ги прифатат овие пет барања. Доколку, како што велат, утврдат дека нема никаква желба за решавање на проблемите, ќе престанат со работа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.
Македонија
Повредата на данскиот скијач не се случила на патека под наша надлежност, велат од Ски центарот „Попова Шапка“
Повредата на скијачот од Данска не се случила на официјална патека администрирана од „Попова Шапка“, бидејќи ски-лифтот „Церипашина“ не бил во функција поради силните ветрови и неповолни временски услови, информираат од Ски Центарот.
Се додава дека скијачот бил гостин на приватен оператор кој работи надвор од патеките управувани од овој центар.
„Ски центарот сноси одговорност исклучиво за патеките и просторот што се под наша официјална администрација и управување, а не и за зоните каде што оперираат трети страни надвор од овие патеки“, се наведува во соопштението на Ски Центарот Попова Шапка..
И покрај тоа, веднаш по добивањето на информацијата за повредата, спасувачката единица излегла на терен за да обезбеди помош и да асистира при транспортот и третманот на повредениот.
Од Центарот посочуваат дека безбедноста на посетителите останува врвен приоритет и му се заблагодаруваат на спасувачкиот тим за брзата и професионална реакција.
„Макфакс“ претходно објави дека 24-годишниот скијач од Данска бил пронајден на Попова Шапка, а според информациите од полицијата тој бил повреден од снежна лавина и со повреди пренесен во болница во Скопје.

