Македонија
Лекарската комора бара Фондот да ги повлече казните за матичните лекари
Во интерес на пациентите, Лекарската комора бара Фондот за здравствено осигурување да ги повлече казните за матичните лекари и да најде решение кое е прифатливо за сите договорни страни.
Околу 1.000 матични лекари од почетокот на месецот добија казни за пропишување лек по истечен извештај од специјалист, за што рекоа дека е „прелевање на чашата“ и почнаа да се организираат за штрајк.
„Лекарска комора неколку пати досега реагираше до Фондот за здравствено осигурување со барање за повлекување на казните и нивно ревидирање, како и промени на казнената регулатива на ФЗО. Потенцираме дека сега матичните лекари повеќе отколку било кога не се во состојба да ги поднесат овие трошоци. Порачуваме дека во интерес на пациентите, здравствените работници и здравствениот систем е Фондот сериозно да постапи по овие реакции и во најкусо време да обезбеди решение кое е прифатливо за сите страни, бидејќи едностраното носење одлуки, без комуникација на договорните страни само ќе ги продлабочи проблемите кои постојат“, велат од Лекарската комора.
Од таму остро реагираат на моментот во кој се изречени казните, среде најголемиот притисок што го имаат матичните од почетокот на пандемија.
„Лекарската комора на Република Северна Македонија остро реагира на наплатата на изречените казни за матичните лекари од страна на Фондот за здравствено осигурување, кое се случува во време во кое целиот здравствен систем, а особено докторите од примарното здравство се исцрпени од борбата со пандемијата предизвикана од Ковид-19. Напомнуваме дека реакцијата се однесува на казните кои се изречени за административни пропусти во работењето и не се поврзани со пропусти во лекувањето“, велат од Комората.
Од таму нагласуваат дека апсурдно е лекарите да се казнуваат за административни пропусти. Најголем дел од лекарите пропишале лек на пациенти по извештај од специјалист со истечен рок.
„Матичните доктори во местата каде што нема специјалисти по одредени специјалности, лековите за хронична терапија кои требале да бидат пропишани врз основа на претходна препорака, односно медицински извештај од одреден специјалист, ги препишувале врз основ на медицински извештаи од специјалисти кои согласно режимот на препишување на лекови немале право да ги препишуваат. Ова се правело со цел да излезат во пресрет на потребите на пациентите“, објаснуваат од Лекарската комора.
На докторот приоритет му е обезбедување на континуитет во лекувањето на пациентите, сметаат од Комората и велат дека здравствената регулатива треба да биде во функција на овој приоритет. Лекарите се исцрпени од зголемениот интензитет на работа, а постоењето на нивните ординации од финансиски аспект е засегнато и со други негативни ефекти од кризата, како што е набавката на медицинска заштитна опрема која во целиот период на пандемијата е на нивен трошок, како и значително повисоките сметки за електрична енергија кои ги добиваат поради енергетската криза.
Казните за матичните лекари се од 15.000 – 75.000 денари, а има и такви кои по жалбата добиле само опомена. Од Фондот објаснија дека тоа зависи од видот на пропустот што го направиле. Дел од матичните лекари веќе известија дека си ги подигнале и ги платиле, но останаа на ставот дека револтот треба да го изразат преку штрајк.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ-Кисела Вода бара итна исплата на надоместоците за избирачките одбори
Општинската организација на СДСМ-Кисела Вода од градоначалничката на оваа општина бара итно постапување по одлуката на Советот на Општина Кисела Вода од 7-та пленарна седница одржана на 29 јануари 2026 година, со која е предвидена исплата на надоместоците на членовите на избирачките одбори од последните локални избори.
Во писмото се наведува дека одлуката е донесена, средствата се обезбедени, но дека изостанува извршната постапка.
„Одлуката е донесена. Обврската е јасна. Средствата се обезбедени. Она што недостасува е – Ваша извршна постапка“.
Од СДСМ – Кисела Вода порачуваат дека станува збор за средства обезбедени од државата за реализација на изборниот процес и оценуваат дека секое понатамошно одлагање претставува поткопување на институционалниот интегритет.
Тие бараат најдоцна до утре да се пристапи кон исплата на средствата согласно одлуката на Советот.
Во спротивно, советничката група на СДСМ најавува испраќање официјален допис до Државната изборна комисија, известување до Министерството за локална самоуправа и информирање на претставници на меѓународната заедница.
Македонија
Николоски: Филипче се однесува како бомбаш самоубиец во обид да го заштити столчето во СДСМ
Заменик претседателот на Владата, Александар Николоски во одговор на новинарско прашање во Прилеп, каде што присуствуваше на отчет 100 дена од новото раководство на локалната самоуправа во Прилеп, истакна дека Филипче води црна и гнасна кампања против него и Македонија, со што сака да ја уништи и СДСМ и стратешките пријатели.
„Не сум изненаден, гледаме еден нихилизам, една црна кампања, гнасна кампања која доаѓа од СДС, јас сум свесен дека и Венко Филипче е свесен дека му се ниша позицијата во СДС, ја има практично киднапирано партијата за цели што само тој ги разбира и буквално се однесува како бомбаш самоубиец, сакајќи да се заштити себе и сопствената позиција во партијата и уништува се околу себе“ појасни Николоски.
Вицепремиерот истакна дека лагите и обвинувањата од страна на Филипче се гол популизам, затоа што во исто време создава токсична атмосфера во општеството којашто не е добра за Македонија.
„Најголем проблем е што овој начин на комуникација создава една токсична атмосфера во општеството, создава една атмосфера којашто не е добра и нешто што нејќе Македонија да го види. Во исто време не кара и со стратешките пријатели, знаете дека цела кампања водеше против Велика Британија со којашто потпишавме стратешки договор и со којашто имаме стратешко партнерство“, нагласи Николоски.
Во однос на обвинувањата од Филипче во делот за превозниците, Николоски е дециден дека овој наследен проблем се решава со дијалог со ЕУ.
„Пред неколку недели превозниците од Македонија и целиот регион со право ги блокираа граничните премини коишто одат кон Шенген зоната со барање да ЕК започне дијалог за решавање на проблемот за престој за професионалните возачи во рамките на Шенген зоната. Нивното основно барање беше да се започне дијалог. Планот нивни беше да блокада трае 7 дена, да на четвртиот ден излезе претседателката на ЕК и каже дека таков дијалог ќе се случи и презентираше документ којшто се вика Нова визна стратегија на ЕУ со којшто документ возачите се признати како професионалци, тоа беше едно од основните барања и во рамки на овој дијалог којшто се води во моментот треба да се донесат конечните решенија. Никој никаде а камо ли во систем како ЕУ; дека за две недели сите работи ќе бидат решени, туку тоа што јас го кажав дека ќе започне овој дијалог и дека новата визна стратегија е начинот и патеката по којшто ќе се оди“, истакна Николоски.
Македонија
Oбиколница за Прилеп и автопат од Фариш, најави Николоски
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски денеска од Прилеп најави три крупни инфраструктурни проекти за долгорочен развој за општината.
Интенизивно се гради автопатот Прилеп – Битола, се започнува постапка за изградба и на нов автопат од Фариш до Прилеп, а во соработка со општината веќе се работи на план за изградба на обиколница, истакна вицепремиерот Николоски.
„Автопатот Прилеп – Битола се гради со засилена динамика и очекувам годинава да бидат поставени и првите километри асфалт. Второ, градоначалникот амбициозно работи на проектна програма, со цел да се направи обиколница на градот, за тешките возила да не влегуваат во градот, нешто што е ветувано децении наназад. Тој е прв што е решен да прави ваква програма и еве да дадам ветување дека ние како Влада ќе го финансираме целокупно овој проект и овој проект ќе биде реализиран во рамки на неговиот мандат.
И трето, во интензивни преговори сме, мислам дека во следните месец до месец и пол ќе видите и активности во Собранието, за она што го ветив, а тоа е од Фариш до Прилеп исто така да одиме со автопатско решение, како Прилеп од двете страни би бил поврзан со автопат”, изјави заменик претседателот на Владата, Александар Николоски.
На одбележувањето на настанот 100 дена локална власт во Прилеп, вицепремиерот истака дека Владата овозможува сериозна подршка за општината и градоначалникот Проданоски, во насока на економски и инфраструктурен развој на градот.
„Сакам да му честитам на градоначалникот за успешната работа во овие 100 дена. Таа работа се гледа во сите делови од градот, 100 дена е навистина краток период но може да се види каде ќе се развива општината во следниве четири години и убeден сум дека ова ќе е исклучително успешен мандат. Ние како Влада ќе продолжиме со подршката која што ја дававме во изминатиот период, дали се работи за средства кои директно се префрлаат од буџетот кон општината за да може да реализира инфраструктурни проекти, дали се работи за подршка на стопанството или земјоделието, сето она што сме го ветиле на најдобар можен начин ќе се обидеме да го реализираме“, изјави вицепремиерот Николоски.

