Македонија
Лекарската комора: Пациентите со цироза на црниот дроб имаат голем ризик за смртност од Ковид-19
„Eдна третина од пациентите со Ковид 19 имаат нарушена црнодробна функција, а оние кои имаат цироза на црниот дроб за 32 отсто имаат поголеми шанси за смртен исход од вирусот“, истакна д-р Бети Тодоровска од Клиниката за гастроентерохепатологија на редовните онлајн едукации кои секој недела ги организира Лекарската комора на РСМ со цел да се оствари подобра комуникација и размена на искуства и сознанија меѓу лекарите од сите нивоа на здравствениот систем за унапредување на третманот на пациентите со Ковид-19.
Претседателот на Лекарската комора проф. д-р Калина Гривчева Старделова која беше модератор на настанот истакна дека имајќи во предвид дека Ковид-19 е системско заболување, тоa може да предизвика оштетувања и на црниот дроб и на гастроинтестиналниот систем, за што во почетокот на пандемијата постоеја помалку информации и податоци, но сега веќе лекарите овие манифестации полесно ги препознаваат и успешно ги лекуваат.
Оштетување на црниот дроб кај заболен од Ковид 19 може да настане поради директно токсично дејство на самиот вирус или преку имунолошки механизам познат како цитокинската бура. Црниот дроб страда и кога не добива доволно кислород (хипооксија) во случаите на нарушена работата на срцето и на белите дробови, но тој може да се оштети и од лековите кои се даваат во третманот на Ковид-19, како што се антипиретиците и антивирусните лекови. Вирусот кај пациентите со хронична болест на црниот дроб може да предизвика нејзина значителна прогресија и влошување.
„Ковид-19 најчесто предизвикува хепатоцелуларно оштетување на црниот дроб, при што се зголемуваат трансаминазите (AST, ALT), а поретко се работи за холангиоцелуларна оштета, при што се покачуваат холестатските ензими (GGT, ALP), но за среќа, ретки се случаите каде овие оштетувања доведуваат до акутна црнодробна слабост”, истакна д-р Тодоровска.
Научните истражувања покажуваат дека пациентите кои имаат неалкохолно замастен црн дроб и кои се заразени со Ковид-19 имаат стабилен тек на болеста во 80 отсто од случаите, но оние кои имаат и покачен крвен притисок, дебелина или дијабетес мелитус тип 2 развиваат потешка клиничка слика на Ковид-19. Оваа категорија на пациенти се повеќе склони и кон појава на оштетување на црниот дроб предизвикано од лекови.
Пациентите со црнодробна цироза имаат за 32 отсто зголемен ризик од смртен исход од Ковид-19.
„Пациентите со цироза на црниот дроб кои се Ковид-19 позитивни задолжително треба да се хоспитализираат, потребно е активно мониторирање на влијанието на антивирусната терапија врз црнодробната функција, како и активен третман на компликациите поврзани со цирозата“, објаснува д-р Тодоровска.
Важно за исходот на лекувањето е пациентите со веќе дијагностицирана црнодробна болест строго да се придржуваат кон вообичаените правила за заштита од Ковид-19 и редовна да ја примаат препишаната терапија. Д-р Тодоровска препорачува дека лекарите треба задолжително да ги следат црнодробните тестови кај сите заболени пациенти од Ковид-19, со особен осврт кон пациентите со претходно дефинирана црнодробна болест, додека пак оние со цироза на црниот дроб веднаш да бидат испратени на болничко лекување поради ризикот од лош исход.
Се уште нема јасни препораки околу вакцинацијата на пациентите со хронично заболување на црниот дроб, но со оглед на ризикот од летален исход кај пациентите со црнодробна цироза сепак мора да мислиме на заштита на оваа вулнерабилна група на пациенти.
„Со оглед дека вакцините на Моderna, Pfizer/BioNTech и AstraZeneca не содржат ниту жив, ниту ослабен вирус, се чини малку веројатно дека имунизацијата претставува закана по безбедноста за пациентите со црнодробна цироза. Од друга страна, кај пациенти кои имаат имунокомпромитирана состојба или пак примаат имуносупресивна терапија, како што се оние со автоимуна болест на црниот дроб и со трансплантиран црн дроб, генерално не се препорачува да примаат вакцина заснована на т.н. mRNA технологија” порачува д-р Тодоровска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши и Бегај од Скопје порачаа: Заеднички кон ЕУ и подлабока регионална соработка
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.
Гаши изрази големо задоволство од средбата и истакна дека очекува пријателството и соработката што постојат меѓу двете земји во иднина уште повеќе да се зајакнат и унапредат. На меѓународен план, двете држави имаат исти цели и интереси, а тоа се членството во Европската унија, меѓусебната поддршка како непосредни соседи и сојузници во НАТО и продлабочувањето на регионалната соработка.
Тој изрази очекување и надеж дека двете држави заеднички ќе го продолжат својот пат кон европската интеграција, бидејќи тоа е многу важно не само за Северна Македонија и Албанија, туку и за останатите земји од регионот на Западен Балкан. Во функција на промоција на парламентарната дипломатија и градење на билатералните парламентарни односи, претседателот Гаши истакна дека одржува редовни контакти со колегите од Парламентот на Албанија и дека посетите на највисоко парламентарно ниво се одржуваат речиси секоја година.
Претседателот Бегај истакна дека Република Северна Македонија и Албанија се две пријателски земји кои делат исти вредности, визии и предизвици и претставуваат пример за соработка во регионот. Тој посочи дека е унапредена соработката во многу сфери од заеднички интерес, што е во функција на подобрување на животниот стандард на граѓаните во двете држави. Останува определбата за уште поголема соработка, особено во економската сфера.
Двајцата соговорници ја потенцираа важноста и улогата на Македонците и Албанците кои живеат во двете земји и претставуваат мост за градење стабилни и пријателски односи. Патничкото, енергетското и железничкото поврзување меѓу двете земји во рамките на Коридорот VIII ќе придонесе за уште поголема размена на луѓе, стоки и услуги, за што постои огромен потенцијал.
Албанскиот претседател Бајрам Бегај се потпиша во Книгата на впечатоци и се обрати пред пратениците во Собранието.
Македонија
Движење ЗНАМ: Иницираме кратење на пратеничкиот состав од 120 на 90 во новото решение на Изборниот Законик
Потпретседателката на Движење ЗНАМ за Наша Македонија, Весна Бендевска, на првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство, ја потврди заложбата на Движењето во однос на неопходноста од суштински и системски измени на изборниот модел во Република Македонија.
„Заложбите на Движење ЗНАМ се за воведување на една изборна единица со изборен праг од 2 до 3 проценти, со што ќе се овозможи правична застапеност и на помалите политички субјекти и независните пратенички листи. Што всушност беше и барање во одлуката на Уставниот суд.“ – истакна Бендевска.
Дополнително, таа нагласи дека цврст став на Движењето е намалување на бројот на пратеници во законодавниот дом на 90, бројка што, како што посочи, ќе соодветствува на реалната големина на популацијата во државата.
„Го афирмирам односно реафирмирам ставот на Движење ЗНАМ за намалување на бројот на пратеници на 90 со што ќе се придонесе за рационализација на трошоците, материјални, финансиски и човечки и ќе значи значителна придобивка за Буџетот на државата. Воедно, ќе се добие пофункционално, поефикасно и поконсолидирано законодавно тело, кое ќе биде во служба на побрз, поквалитетен и посериозен законодавен процес.“ – потенцираше потпретседателката.
Во однос на гласањето на дијаспората, таа потсети дека воведувањето на ваквиот модел беше проследено со зголемување на бројот на пратеници на 123, што, како што нагласи, отвори низа прашања за финансиската оправданост и ефикасноста на изборниот процес во странство.
„Сведоци сме колку чини изборната постапка која подразбира испраќање избирачки одбори во дијаспората, при што бројот на гласачи во повеќе случаи не соодветствуваше со првичната намера и очекувањата.“ – изјави Бендевска.
ЗНАМ додава дека ќе продолжи да се залага за изборен модел што гарантира еднаква вредност на секој глас и институции што работат ефикасно, транспарентно и во интерес на граѓаните на Република Македонија.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.

