Македонија
Лекарската комора со апел: Почитувајте ги мерките, не групирајте се
Имајќи ги предвид препораките и заклучоците на Светската здравствена организација, Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести за коронавирусот, како и фактот дека на територијата на нашата држава сѐ уште бројот на заболени не опаѓа со очекуваната динамика, Лекарската комора апелира до сите институции, здруженија и граѓани, максимално да ги почитуваат и да се придржуваат до препораките од Министерството за здравство.
Од таму апелираат особено да се почитува мерката со која се забранува собирање во група не повеќе од две лица во паркови и други јавни места и јавни површини.
„Се молат граѓаните без поголема потреба да не ги напуштаат своите домови и да не се собираат и групираат. Почитувањето на мерките во голема мера ќе придонесе за спречување на понатамошно ширење на вирусот“, велат од Лекарската комора.
Со цел да се зачуваат капацитетите во здравството, додаваат од таму, голема поддршка за здравствените работници да се справат со пандемијата е сите институции, здруженија и граѓани да ги почитуваат мерките и насоките за заштита на нивното здравје. Поради тоа, посебен апел Комората упатува до оние што сѐ уште не ја сфатиле сериозноста на ситуацијата во која се наоѓаме сите заедно.
„Мерките мора да се почитуваат бидејќи од тоа зависи како и кога ќе се справиме со овој предизвик. Затоа, потребно е да се покаже највисоко ниво на самосвест, солидарност и заедничка одговорност дека знаеме и можеме да се справиме и со овој голем предизвик со кој се соочува целиот свет“, се наведува во соопштението на Лекарската комора.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Македонското небо се врзува со Сингапур: потпишан стратешки меморандум
Во рамките на престижниот глобален авијациски самит „Changi Aviation Summit 2026“, директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство, Драги Стојаноски и генералниот директор на Управата за цивилно воздухопловство на Сингапур, Хан Кок Јуан, официјализираа нов, сеопфатен Меморандум за разбирање.
Овој чин, реализиран за време на посетата на Стојаноски како висок делегат на специјална покана од сингапурските власти, означува суштинско унапредување на билатералните односи и директно поврзување на македонскиот воздухопловен сектор со еден од водечките светски авијациски центри.
„Потпишувањето на овој стратешки документ, претставува директна валоризација на новите политики на менаџментот на АЦВ како за меѓународно етаблирање на институцијата така и за забрзување на темпото за што побрза примена на најновите безбедносни стандарди. Со овој чекор се отвора широка рамка за институционален развој преку напредна едукација и специјализирани програми за обука во Сингапурската воздухопловна академија (SAA), која важи за една од најреномираните во светот“, соопшти Министерството за транспорт.
Договорот предвидува директна размена на експертиза и примена на најдобри практики во делот на регулативата, безбедносниот надзор и лиценцирањето, со што македонските воздухопловни власти ќе ги хармонизираат своите капацитети со најстрогите глобални стандарди. Покрај едукативната компонента, Меморандумот има силен регионален и технолошки фокус. Соработката подразбира заедничка реализација на проекти кои не само што ќе го зајакнат домашниот сектор, туку имаат потенцијал да ја позиционираат Македонија како регионален лидер во примената на иновативни решенија во воздушниот сообраќај.
Ова партнерство, како што велат од Министерството, е јасен показател за решителноста на Агенцијата да ги следи и имплементира најсовремените технолошки трендови во меѓународното цивилно воздухопловство.
Во својата изјава, директорот на АЦВ, Драги Стојаноски, истакна дека овој меморандум ја потврдува посветеноста кон примената на највисоките меѓународни стандарди на ICAO. Тој нагласи дека соработката со глобален лидер како Сингапур овозможува пристап до врвна експертиза со која дополнително ќе се подигне нивото на безбедност и ефикасност на македонското небо.
Македонија
Владата најави вонредни контроли на фирмите за медицински канабис
Владата на 149-тата седница одлучи да ги задолжи надлежните институции да спроведат вонредни контроли на сите фирми што имаат одобрение за одгледување и производство на канабис за медицински цели и во рок од 45 дена да достават извештај. Како што појаснуваат, контролите се со цел да се спречи индустриско нелегално производство и пласман на домашниот и меѓународниот пазар.
Воедно, ќе бидат именувани членовите на меѓуресорската државна комисија за борба против недозволено производство, трговија и злоупотреба на дроги. Од Владата посочуваат дека комисијата, формирана во 2017 година, досега не била активна и немала резултати, поради што во иднина ќе се бараат редовни извештаи за нејзината работа.
На истата седница е донесена и одлука за конечно решавање на проблемот со паркирањето во Клиничкиот кампус „Мајка Тереза“. Со одлуката се создава правна основа за потпишување договор меѓу Министерството за здравство и Градот Скопје.
Министерството за здравство во рок од три месеци го завршило процесот на регистрација на парцелите во Катастар и изработка на соодветни елаборати, со што се отвора можност за изградба на модерен и функционален паркинг, вклучително и катни гаражи, како и воведување софтверско решение за управување. Според Владата, проектот треба да обезбеди подобри услови за пациентите, здравствените работници и граѓаните што ги користат услугите на кампусот.
Владата го усвои и Предлог-законот за Советот на јавни обвинители, кој заедно со Предлог-законот за Јавно обвинителство добил позитивно мислење од Венецијанската комисија. Според информацијата, усвојувањето на овие закони во Собранието ќе значи исполнување на чекор од Реформската агенда.
„Нашата цел како Влада е да воспоставиме неселективност во постапувањето и да преземаме политики во интерес на граѓаните“, порачаа од Владата, додавајќи дека продолжуваат со реализација на програмата за обезбедување подобар, поквалитетен и побезбеден живот за сите.
Македонија
Владина делегација на средби во УНЕСКО: Потврдена определбата на државата за спроведување на преземените обврски за заштита на Охридскиот Регион
Владина делегација во состав Александар Николоски, заменик-претседател на Владата и министер за транспорт и врски, Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Љутков, министер за култура и туризам; Муамет Хоџа, министер за животна средина и просторно планирање; како и градоначалниците на Општина Охрид и Општина Струга, Кирил Пецаков и Менди Ќира, вчера и денес престојуваа во работна посета на Париз, каде остварија средби со високи претставници на УНЕСКО.
На средбите со генералниот директор на УНЕСКО, Калед Ел-Енани, претседателот на 43-та Генерална конференција на УНЕСКО, Конгкер Мохамад Талха, и претседателот на Извршниот одбор на УНЕСКО, Насер бин Хамад Ал Хинзаб, беше разговарано за значењето на УНЕСКО во современиот свет како единствена мултилатерална организација што промовира дијалог и меѓународна соработка во областите на образованието, науката, културата и комуникациите.
Во фокусот на разговорите беше состојбата на Охридскиот Регион како природно и културно светско наследство, при што беше нагласена важноста од континуирана и навремена имплементација на препораките за заштита, со цел зачувување на неговиот статус на Листата на светско наследство.
За време на средбите беше потврдена определбата на државата за спроведување на преземените обврски за заштита на Охридскиот Регион, како и подготвеноста за продолжување на соработката со Република Албанија во рамки на постојните механизми, со цел обезбедување долгорочна и одржлива заштита на регионот.

