Македонија
(Видео) Лекарски конзилиум одлучува дали да ѝ се ампутира ногата на 20-годишната пациентка
Конзилиум одлучува дали да ѝ се ампутира ногата на 20-годишната пациентка, информира денеска министерот за здравство, Венко Филипче.
Тој на прес-конференција рече дека во Градската општа болница „8 Септември“ се лекуваат 28 пациенти. Шестмина ќе бидат пуштени на домашно лекување.
„Од вкупниот број пациенти, 6 се на интензивно лекување, кај двајца се направени хируршки интервенции. Двајца се на машини за дишење и нивната состојба е критична. Кај нив има повеќе повреди, но засега нема потреба од интервенција. Во Клиничкиот центар на една млада пациентка на 20-ина година ѝ е згмечена ногата. Конзилијарно ќе се одлучува дали да ѝ биде ампутирана ногата“, рече министерот за здравство.
Во Клиничкиот центар се лекуваат 8 пациенти на разни клиники.
Директорот на Градската општа болница „8 Септември“, Христијан Костов, вели дека поради влошување на состојбата и губење крв, извршени се хируршки интервенции кај 15-годишен пациент и кај 40-годишник. Најпрвин е оперирано момчето по полноќ, кое имало повреда на црниот дроб и цревата со крвавење во стомакот. Кај вториот пациент е отворена абдоминалната шуплина кај тенкото црево. Во моментот се во добра состојба и стабилни. Нивната состојба се следи, информираат надлежните.
„Потреба од крв нема“, рече директорот на болницата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.
Македонија
Повредата на данскиот скијач не се случила на патека под наша надлежност, велат од Ски центарот „Попова Шапка“
Повредата на скијачот од Данска не се случила на официјална патека администрирана од „Попова Шапка“, бидејќи ски-лифтот „Церипашина“ не бил во функција поради силните ветрови и неповолни временски услови, информираат од Ски Центарот.
Се додава дека скијачот бил гостин на приватен оператор кој работи надвор од патеките управувани од овој центар.
„Ски центарот сноси одговорност исклучиво за патеките и просторот што се под наша официјална администрација и управување, а не и за зоните каде што оперираат трети страни надвор од овие патеки“, се наведува во соопштението на Ски Центарот Попова Шапка..
И покрај тоа, веднаш по добивањето на информацијата за повредата, спасувачката единица излегла на терен за да обезбеди помош и да асистира при транспортот и третманот на повредениот.
Од Центарот посочуваат дека безбедноста на посетителите останува врвен приоритет и му се заблагодаруваат на спасувачкиот тим за брзата и професионална реакција.
„Макфакс“ претходно објави дека 24-годишниот скијач од Данска бил пронајден на Попова Шапка, а според информациите од полицијата тој бил повреден од снежна лавина и со повреди пренесен во болница во Скопје.

