Македонија
(Видео) Лек до крајот на месецот очекуваат болните од цистична фиброза: со загубата на Благојче се активираа сите
Парите што Владата ќе ги обезбеди за „трикафта“ би покриле терапија за седум пациенти. Ова го посочи претседателот на Асоцијацијата за лицата болни од цистична фиброза, Фики Гаспар, по средбата со премиерот Димитар Ковачевски. Според него, претпоставка е дека до крајот на месецот ќе го добијат лекот.
„Обезбедени се средства. Тие не се предвидени за седум, но според најголемата цифра, би ги покрил седумте пациенти. Е, сега се надеваме дека нема да бидат само седум пациенти. За жал, вчера го изгубивме Благојче, не требаше така да се случат работите. Со таа загуба се активираа сите и проблемот дојде до самиот премиер и до Владата, нешто што претходно се префрлало од институција на институција, од министерство на министерство“, рече Гаспар.
Тој додаде дека и од компанијата производител ќе зависи колку бргу ќе стигне лекот.
„До крајот на месецот е претпоставка бидејќи има некои закони што треба да се сменат. Има и друга ситуација за која разговаравме бидејќи тие не произведуваат голема бројка на лекови, туку само системски за годината. Треба да се види и компанијата колку бргу може да го произведе тој лек и да го донесе. Се надеваме дека ќе биде за помалку од три недели“, додава тој.
Тие пред Владата посочија дека има критични пациенти, на кои уште денеска им треба лекот.
„Болеста е непредвидлива. Благојче не беше најкритичниот пациент, имаше и покритични. Сега е време да дојде лекот и сега можеме да направиме превенција за другите пациенти. Разговаравме за интервентен увоз. Се договоривме да не изјавуваме бројка бидејќи може да се промени. Најважно за нас е таа програма од три години, која ќе ги опфати сите пациенти не само оние што се сега, туку и новите што ќе се појават“, додаде Фики Гаспар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

