Македонија
Лефков: Бисера Антоанета со патниот налог доставила и сметки од чорапи, хулахопки, куфери, мечиња, кои ги платила со народни пари, на лагата ѝ се кратки нозете
Бисера Антоанета со патниот налог до сметкводство во Министерството за култура ги доставила и сметките кои ги покрила со народни пари, од истите може да се види дека со буџетски пари плаќала чорапи, хулахопки, куфери, мечиња. Ова е сметката за купен куфер Samsonite Crossover 9.7 од 59 фунти. Оваа сметка е доставена лично од Бисера Антоанета до сметководството во Министерството за култура, а ова е нејзиниот потпис на истата, вели Миле Лефков, пратеник, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Бисера Антоанета куферите ги купила на 26.10.2023, и тоа се гледа од оваа сметка каде како купувач е запишана таа, и на која истата се потпишала кога ја однела во Министерството за култура за да ги правда потрошените пари.
Одиме со следна сметка, од 219 фунти и поголемиот куфер Samsonite Upscape spiner, и на оваа сметка се гледа дека Бисера Антоанета е купувачот и на оваа сметка се гледа дека шопингот го правела на 26 октомври 2023.
Само да нотираме дека Антоанета се правда со некакви изводи од плаќање од 25, т.е. ден претходно. Чии се сметките од 25-ти воопшто не не интересира. Тема на интерес е тоа што Бисера Антоанета однела во Министерството за култура со цел правдање на потрошените средства, а тоа се овие сметки со нејзин потпис.
Ова е сметката од Gift Galore London, од 89 фунти, од каде Бисера Антоанета си купила плишано мече Paddington bear и фудбалска топка City football.
Бисера Антоанета, на лагите и се кратки нозете“, додава Лефков. Народот, како што вели, може да ги види сметките од твоето трошење со негови пари, сметки кои потоа си ги однела во Министерството за култура со цел правдање на потрошеното.
„Имај трпение Антоанета, ова е само почеток утре продолжуваме со уште поскандалозни случаи од твоето раскалашено и раскошно живеење со државни средства и ресурси“, порачува Лефков.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

