Македонија
Лефков поднесе претставка до ДКСК за Ковачевски
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, поднесе претставка до ДКСК за премиерот Димитар Ковачевски, во врска со аферата Броило.
„Денеска сум овде пред ДКСК да поднесам претставка, практично ќе им дадеме можност на ДКСК да се поправат, и наместо да потклекнат под политички притисок, за аферата ‘Броило’, во чијашто средина се наоѓа дезертерот Ковачевски, да ги согледаат фактите и да донесат одлука врз основа на закон. Залудни им се сите обиди да го амнестираат премиерот, кога тој потоа излегува на емисија и признава дека во време додека бил заменик-министер за финансии, исплаќана е државна помош на фирмата основана од него, а сега водена од неговиот кум, Пиксел груп.
Но да почнеме со ред и полека, за да може ДКСК да разбере:
1. Ковачевски и неговиот кум ја основаат Пиксел груп 5 месеци откако СДС формира влада во 2017 година. Од тука почнува аферата „Броило“ и создавањето на соларниот картел кој до сега е влезен во бизниси од над 26 милиони евра.
2. За само една година, Пиксел груп гради фабрика за изработка на фотоволтаични панели.
3. Во истиот период КМГ ЕОЛ Квазар, сопственост на кумот на Ковачевски добива државни тендери во висина од 2 милиони евра, и тоа за поставување соларни панели, кои ги прави Пиксел груп. Од тука почнуваат сомнежите за злосторничко здружување.
4. Ковачевски станува заменик-министер за финансии, а КМГ ЕОЛ Квазар склучува договор со ЕВН од над 2 милиони евра, повторно за монтирање на фотоволтаични панели, која самата не ги изработува, туку ги изработува Пиксел груп основана од Ковачевски. Тргувањето со влијание е впечатливо.
5. Ковачевски станува премиер во јануари 2022 година. 4 месеци подоцна во Бугарија се отвора фирма од бугарски граѓани под името Солар Хорајзон. Во август 2022 бугарската фирма доаѓа во Македонија и заедно со Пиксел груп основана од Ковачевски почнуваат инвестиција во фабрика во ТИРЗ Тетово во вредност од 54 милиони евра.
И во целиот овој период од 5 години Пиксел груп на Ковачевски добива државна помош, и во време кога Ковачевски е заменик-министер за финансии, факти кои и самиот тој ги признава. Но и во време додека е мандатар за избор на нова влада, кога на Пиксел груп и се префрлени над 200 илјади евра. Дали се потребни уште докази?“ вели Лефков.
Тој порача ДКСК да не потклекнува под политички притисок, и да ги согледа фактите. Ја охрабруваме антикорупциска да делува согласно закон, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.
Македонија
Традиционална церемонија на свечено менување на државното знаме во претседателскиот кабинет
Повеќе од 170 основци од скопските училишта „Ѓорѓија Пулевски“ и „Кочо Рацин“ и од училиштето „Св. Наум Охридски “ од Охрид, денеска ја проследија церемонијата на свечено менување на државното знаме, којашто во Кабинетот се одржува секој втор петок во месецот во знак на оддавање почит кон државата.
Во присуство на бројни претставници на Армијата, учениците, заедно со своите наставници и образовни асистенти, најпрво внимателно го ислушаа командирот на почесната единица кој ги образложи причините и процесот на менување на знамето.
Потоа, нивните љубопитни очи се вперија кон јарболот на којшто постојното, беше заменето со ново државно знаме. Церемонијата заврши со интонирање на македонската химна од Воениот оркестар, пропратено со детскиот хор.
Во рамки на посетата, дечињата ја разгледаа свечената сала со двата импозантни мозаици на академик Глигор Чемерски, „Македонија-светла земја“ и „Македонија-земјата памети“.
Претседателката изрази радост за присуството на најмладите посетители и одговараше на бројните креативни прашања меѓу кои и: Кои и биле омилените книги на нивна возраст? Дали ѝ недостигаат студентите? Сонувала и посакувала ли некогаш да стане претседателка? Какви карактеристики треба да поседува еден лидер? Како се одвива еден нејзин работен ден и колку долго трае? Дали ги помни омилените наставници?
Таа, во својство на ученичка, ги именуваше саканите учители, истакнувајќи дека имале огромно влијание врз нејзината љубов кон учењето.
На крајот, Сиљановска-Давкова им порача дека вреди да се учи и дека нема подобар влог во иднината, од оној во знаењето.
Младите посетители, освен со убави спомени, од Кабинетот си заминаа и со автограм од претседателката Сиљановска-Давкова.
Македонија
Бугарија го ратификуваше договорот за тунелот на Коридор 8 – отворање на нова железничка врска Скопје-Софија
Бугарија го ратификуваше Договорот помеѓу Македонија и Бугарија за изградба на меѓуграничен железнички тунел на Коридорот 8, објави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил.
„Денес Народното Собрание на Република Бугарија го ратификуваше Договорот помеѓу Македонија и Бугарија за изградба на меѓуграничен железнички тунел на Коридорот 8.
Овој Договор во декември беше ратификуван и во Македонското Собрание.
Со ова се исполнети сите услови за доиадбзгра на железничкото поврзување помеѓу Скопје и Софија и Бургас.
Горд сум што овој Договор кој го потпишавме на 6ти Ноември со заменик претседателот на Владата на Бугарија Гроздан Караџов ќе значи поблиски економски врски помеѓу двете држави и двата народи, но покажува и силна посветеност на Македонија во реализација на Коридор 8 кој е исклучително значаен безбедносен коридор од висок интерес на НАТО и нашите стратешки партнери.
Паралелно го развиваме и Коридор 10 и Македонија ја правиме вистинска раскрсница на Балканот за добробит на сите македонски граѓани.
Продолжуваме да работиме“, напиша Николоски.

