Македонија
Лимани: Интензивно работиме на јакнење на капацитетите на предучилишното воспитание и образование
Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани денеска учествуваше на завршен настан на проектот „Подигнување на квалитетот на предучилишното образование и грижа“. Оваа иницијатива, финансирана од Европската Унија, целеше кон подигнување на квалитетот на услугите за предучилишно образование и грижа.
Поздравни обраќања покрај министерот Лимани имаа и Шефот за соработка во Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија, г-дин Штефан Худолин и директорот на проектот, Г-дин Џузепе Москети.
Во своето обраќање до присутните министерот Лимани посочи дека, Министерството за социјална политика, демографија и млади интензивно работи на јакнење на капацитетите на предучилишното образование, воспитание и грижа со цел подигнување на квaлитетот на услугите во оваа дејност.
„Силно веруваме дека вложувањето во учењето и развојот на децата уште од најмала возраст е клучно за развојот и напредокот на општеството. Како отворен, динамичен и развоен процес, воспитанието, образованието и грижата за секое дете во детските градинки подлежи на промени кои обезбедуваат модернизација и напредок на системско ниво,“ посочи Лимани.
Тој информираше дека, во изминатиот период во детските градинки се реализираа разновидни форми на професионално усовршување на вработените. Како и дека модернизацијата на професионалниот развој и негово системско поставување има цел да обезбеди унифициран пристап кој ќе носи позитивни ефекти во работата на сите стручни профили но и на детската градинка како институција.
„Министерството за социјална политика, демографија и млади, подолг временски период го спроведува процесот на лиценцирање и обнова на лиценца на сите стручни лица. Овој процес има големо значење во дејноста и токму затоа искуствата покажуваат дека постои потреба од ревидирање на постојниот модел со цел негово развивање и подобрување,“ истакна Лимани.
Тој посочи дека дел од услугите кои детските градинки ги нудат, се однесуваат и на соработката со родителите, а министерство ги вклучува сите, и родителите на деца во ризик и деца кои се социјално исклучени.
Голема поддршка за овие прашања, порача Лимани се активностите на рамки на проектот „Подигнување на квалитетот на предучилишното образование и грижа“ финансиран од Европската Унија во рамките на Акција 4 „Образование, вработување и социјална политика“ од Акциската програма на ИПА 2017.
Главна цел на овој проект е подигнување на квалитетот на услугите за предучилишно образование и грижа, што треба да доведе до поголеми образовни постигнувања, личен развој и социјална вклученост на децата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денеска посебен режим на сообраќај во Скопје
Денеска со почеток од 11:00 часот од страна на Сојузот на синдикати на Македонија ќе биде одржан протест пред Владата на булеварот „Илинден“ и булеварот „Свети Климент Охридски“ и доколку се појави потреба од пренасочување, сообраќајот ќе биде пренасочен по околните сообраќајници.
Од тие причини Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот во централното градско подрачје на Град Скопје.
„Апелираме до сите граѓани учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници“, велат од МВР.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Очекуваме Јавното обвинителство темелно и целосно да го расветли случајот со модуларната болница во Тетово
„Сведоштвата на поранешната обвинителка Лејла Кадриу отвораат сериозни прашања за причините и одговорноста за трагичниот настан во модуларната болница во Тетово. Филипче ја составил, потпишал и одобрил техничката спецификација, но доколку постапувал согласно закон и доколку не го интересирале провизии, трагедијата можела да биде спречена“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Модуларната болница во Тетово била изградена без исполнување на минимум стандарди. Наместо овие објекти да служеле за безбедност на граѓаните, истите не биле во согласност со пропишаните стандарди за изградба на објекти од областа на здравството.
Зошто законите не се почитувале и се импровизирало при нивното спроведување?
Зошто не биле доследно применети Законот за градење и Законот за здравствена дејност?
Зошто профитот бил ставен пред јавното добро?
Филипче и СДС наместо безбедноста на граѓаните ги интересирале провизии, анекси и тендери.
Во време на Филипче се вршеле набавки на вакцини од фирма која продава манго и ананас. Дополнително, се делеле физиолошки раствори наместо хемотерапија на Онкологија.
Пожарот во модуларната болница во Тетово исто така се случил поради низа пропусти при изградбата на објектот.
Очекуваме Јавното обвинителство темелно и целосно да го расветли случајот со модуларната болница во Тетово“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
(Видео) Аврамовски: Потребни се искрена посветеност и сериозен ангажман од власта во надминувањето на кризата со транспортерите
„Додека нашите владини претставници уверуваа за брзо решение со транспортерите, претставникот на здружението ‘Меѓународен транспорт’, кое ги води преговорите со ЕУ за надминување на блокадите, изјави дека Унијата не прифатила ништо од нивните барања и дека се повторно се можни нови блокади“, изјави портпаролот на Либерално-демократската партија (ЛДП), Љубен Аврамовски.
ЛДП уште пред две недели алармираше дека додека нашите министри се враќаат од Брисел со „одлични вести“ за надминувањето на проблемот со транспортерите и ЕУ, босанскиот министер за транспорт Един Форто, изјави дека засега „нема решение за проблемот со транспортерите и ќе има дополнителна работна група“.
„Повторното нагласуваме, одложувањето на проблемот до септември не значи никакво решение, ниту одлична вест. Секој изминат ден за превозниците значи изгубено време и губење на заработката. Упатуваме апел до нашите државни претставници за искрена посветеност и сериозен ангажман во врска со надминување на моменталната криза со транспортерите. Возачите на камиони мора да бидат сметани за професионалци, а не за туристички патници“, вели Аврамовски во својата изјава за медиумите.

