Македонија
Лимани: Новата детска градинка во Ѓорче Петров ќе обезбеди влез на нови 100 деца во предучилишното воспитание и образование
Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, денеска, заедно со претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицковски, градоначалникот на општината Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, министерот Мисајловски, заменик-министерот Велковски, и други присутни пратеници, советници и граѓани, симболично го означи почетокот на изградба на новата детска градинка во населеното место Стопански Двор, Ѓорче Петров.
„Оваа детска градинка претставува значајна инвестиција во иднината на нашите деца. Нови 100 деца добиваат можност да посетуваат градинка во своето место на живеење. Истовремено, ова претставува двојна придобивка, и за родителите, кои може да се вклучат на пазарот на труд со згрижувањето на своите деца, подобрување на економската состојба на семејството, а и за нас како држава со зголемување на бројката на вработени граѓани“, посочи Лимани.
Новата детска градинка, која е дел од ЈОУДГГ „Росица“, се гради со одлука на Владата за распределба на средства обезбедени со потпрограма „ЗА – изградба, опремување и одржување на објекти за детска заштита“ во вредност од 60 милиони денари.
„Ова е само почетокот на нашите заложби за подобрување на животните услови на најмладите. Веруваме дека со заеднички напори ќе создадеме подобра и посветла иднина за нашите деца. Во периодот кој следува засилено ќе инвестираме во изградба на нови градинки, со цел намалување на листите на чекање за влез во предучилишните установи. Затоа што секое дете треба да има можност да биде дел од предучилишното воспитание и образование,“ истакна Лимани.
На крајот, порача дека Владата и Министерството остануваат отворени за сите предлог-решенија што ќе бидат за подобрување на нивната благосостојба.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на панел во Давос со американскиот секретар за енергетика: „Македонија мора да стане активен играч во енергетиката“
Премиерот Христијан Мицкоски денеска учествуваше на панел за енергетика во рамки на Светскиот економски форум во Давос, заедно со секретарот за енергетика на САД, Крис Рајт. Тој изјави дека зад себе има успешен и инспиративен ден со средби со мултинационални компании од областа на енергетиката, здравството и високата технологија.
„Претставивме можности за инвестиции во македонската економија – нешто што значи додадена вредност за граѓаните“, рече Мицкоски во видео-обраќање.
Во фокусот на денот, како што рече, бил панелот на кој учествувале водечки светски енергетски компании. „Разговаравме за очекувањата и плановите за развој на енергетиката, особено во производството на електрична енергија“, кажа Мицкоски, кој притоа истакна три клучни поенти од панелот:
Побарувачката на електрична енергија ќе расте два и пол пати побргу од вкупната побарувачка на енергија во светот во наредните години. „Македонија не смее да биде нем набљудувач, туку активен чинител“, порача тој, повикувајќи на рестарт на проекти како Чебрен, Галиште и Бошков Мост.
Во следните десет години, светот ќе треба да изгради капацитети што ќе произведуваат 40.000 терават-часови електрична енергија – што е 5.500 пати повеќе од целата потрошувачка на Македонија, и приближно колку што трошат САД, Канада, ЕУ и Јапонија заедно. Причина за ова е експанзијата на вештачката интелигенција и дата центрите што работат исклучиво на електрична енергија.
Македонија треба да ја диверзифицира економијата и од фокус на автомобилската индустрија да стане значаен играч во енергетиката, користејќи ги постојните ресурси и потенцијали за обновлива енергија.
„Убеден сум дека можеме да успееме како држава во оваа насока“, изјави премиерот.
Македонија
МВР го пронајде возачот кој се снимаше додека вози со 293 километри на час
Министерството за внатрешни работи делуваше по објавата на шокантно видео на социјалните мрежи, на кое се гледа како возач управува со патничко моторно возило со неверојатни 293 километри на час на автопатот Скопје–Гевгелија, во близина на Неготино. На тој дел од патот максимално дозволената брзина е 120 километри на час.
Возачот, А.Д. (36) од село Елово, скопско, веднаш бил идентификуван, пронајден и повикан од полицијата.
„Тој е санкциониран согласно законските одредби“, велат од МВР.
Министерството повторно апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, за зачувување на безбедноста на сите граѓани.
Фото: МВР
Македонија
Утре снежни врнежи, наместа снежната покривка ќе се зголеми и до 25 сантиметри, најавува УХМР
Облачно време со повремени локални врнежи од снег се очекува утре низ целата земја. Пообилни врнежи ќе има во западните делови, каде што висината на снежната покривка на планините и на некои повисоки места ќе може да се зголеми и до 25 сантиметри. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде помеѓу -8 и -2 степени, додека максималната ќе достигне од 0 до 6 степени, јавува УХМР.
За Скопје се најавува претежно облачно време со повремени врнежи од снег со послаб интензитет. Во Скопје, исто така, ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се движи околу -6, а максималната ќе биде до 2 степени.
Во наредните денови се очекува период на променливо облачно време со пораст на температурите. До сабота ќе продолжи претежно стабилно време, со појава на магла во поодделни котлини. Од сабота кон крајот на денот повторно се очекуваат локални врнежи од дожд, односно снег на планините и повисоките места.

