Македонија
Лимани од Букурешт: Северна Македонија гради модерен, инклузивен и дигитализиран систем на социјални услуги
Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани учествува на тридневна регионална конференција во Букурешт, Романија. Конференцијата насловена – Од рамка до акција: Градење посилни, поинклузивни и интегрирани социјални услуги ги обедини креаторите на владини политики на европско ниво, претставниците на Светска Банка за Европа и Азија, академската фела и експертите за социјални политики со цел размена на искуства и унапредување на социјалните сервиси.
Министерот Лимани кој се обрати во министерската сесија се осврна на реформата на системот за социјална заштита во Северна Македонија, започната во 2019 година, која претставува директен одраз на стратешките приоритети на Владата – социјална правда, економска инклузија, грижа за младите и семејствата и изградба на функционална, модерна и дигитална држава.
„Во услови на повеќекратни кризи – економски, здравствени и енергетски, ние одлучивме да инвестираме во луѓето. Затоа оваа реформа е вредносна. Таа ја промени логиката на системот: од фрагментирана помош кон интегрирана, од администрирање кон грижа, од централизирани институции кон услуги блиску до граѓаните. Оваа реформа е резултат на долгогодишната и континуирана соработка со Светска банка, чија стручна и финансиска поддршка беше од клучно значење за нејзината подготовка и успешна имплементација. Без оваа поддршка, реформскиот процес тешко дека ќе беше реализиран или ќе ги постигнеше планираните резултати ,“ истакна Лимани.
Тој истакна неколку клучни промени кои придонеле за унапредување на социјалната заштита во државата, како креирање на цврста законска и институционална рамка, усогласена со европски стандарди. Притоа ги посочи новиот Закон за социјална заштита, Законот за социјална сигурност на стари лица и измените на Законот за заштита на децата кои се темелот за градење на стабилен систем кој е правичен, транспарентен, одржлив.
„Борбата против сиромаштијата и социјалната исклученост ја адресиравме преку темелна реформа на паричните надоместоци. Го поедноставивме системот, воведовме реално таргетирање според потребите на домаќинствата и ги зголемивме износите за најранливите категории за над 300%,“ посочи Лимани.
Лимани зборуваше и за темелната реформа на центрите за социјална работа, со која социјалната заштита се трансформира од пасивен во активен систем. Зборуваше за инвестициите во инфраструктурата, човечките ресурси и професионализацијата на услугите.
Тој ја истакна децентрализацијата и развојот на социјалните услуги како јасен и директен одраз на владината политика за рамномерен регионален развој.
„Денес функционира мрежа од над 150 лиценцирани даватели на социјални услуги, а услугите за помош и нега во домот и личната асистенција се веќе реалност во десетици општини низ државата, обезбедувајќи поддршка, достоинство и поголема вклученост за најранливите категории граѓани. Како резултат, освен што се подобри грижата, се создадоа и над 1.500 нови работни места за лица кои претходно беа корисници на социјална помош или долгорочно невработени,“ рече Лимани.
Тој се осврна и на воспоставувањето на интегриран дигитален систем кој поврзува институции и овозможува 90% од податоците да се разменуваат по службена должност, во реално време. Тој посочи дека тоа значи помалку администрација, помалку коруптивен ризик и повеќе доверба во институциите.
„Оваа реформа е доказ дека социјалната политика може да биде столб на економскиот развој, демографската стабилност и европската интеграција,“ порача Лимани.
Во рамки на посетата на Романија, министерот Лимани оствари билатерална средба со министерот за труд, семејство, млади и социјална солидарност на Романија, Петре-Флорин Маноле. На средбата се разговараше за досегашната соработка помеѓу двете земји и продлабочување на истата и размена на искуства во областите кои се во надлежност на министерствата, а од која придобивки би им имале граѓаните на двете држави.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кардиологија и Кардиохирургија стануваат еден центар: заштедите од спојувањето ќе одат во опрема и едукација, најави Алиу
Владата на последната седница, која се одржа минатиот вторник(24.02.2026), на предлог на Министерството за здравство, донесе одлука за спојување на Клиниката за кардиологија и Државната клиника за кардиохирургија, со цел обезбедување повисок степен на интегрираност, координација и ефикасност во третманот на пациентите со кардиоваскуларни заболувања, преку рационално искористување на постојните човечки, просторни и технолошки ресурси на двете установи.
„Со донесената одлука за спојување на двете клиники формираме единствен центар на терциерно ниво за кардиоваскуларна медицина, кој овозможува континуитет на дијагностичко-терапевтскиот процес, од превенција и дијагностика, до интервентен и хируршки третман. Преку укинување на административните дупликати и оптимизација на организациската структура, создаваме предуслови за заштеда на средства кои ќе се реинвестираат во унапредување на квалитетот на услугите, модернизација на медицинската опрема и професионална едукација на кадарот“, појаснува министерот за здравство, Азир Алиу.
На овој начин ќе се овозможи подобра искористеност на капацитетите, односно зголемен број интервенции со интеграција на лабораториските, стерилизациските и операционите служби. Пациентите ќе добиваат комплетна кардиолошка и кардиохируршка грижа во рамки на единствена установа, без административни пречки и чекање трансфер, што значи поголема достапност и континуитет на здравствените услуги.
Воедно, спојувањето на клиниките ќе придонесува кон развој во сегментот на едукација и истражување, со креирање обединет академски центар со повеќе можности за обука на специјализанти, супспецијализанти и развој на научни програми.
Македонија
Исчистен просторот кај СЦ „Борис Трајковски“, подигнати 3.500 м³ отпад за 100 дена
Општина Карпош спроведе сериозни активности за уредување на јавните површини. Дивите депонии на повеќе локации се расчистени, а просторот околу Спортскиот центар „Борис Трајковски“ е целосно исчистен. На потегот кај „Скупи 5“ и кон Бардовци се подигнати над 3.500 кубни метри отпад, информираат од општината.
Покрај тоа, од општината велат дека се реализирани повеќе од 50 интервенции на јавното осветлување, спроведена е редовна дератизација и одржување на противпожарната инфраструктура во училиштата и градинките. Исто така, објавен е повик за стерилизација на улични мачки, а во училиштата започнаа активности за производство на компост и намалување на аерозагадувањето.
Македонија
МНР и НТ формира кризен штаб, се повеќе македонски граѓани бараат помош по нападите на Блискиот Исток
Со оглед на влошената безбедносна состојба во регионот на Блискиот Исток, вчера во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија беше формиран кризен штаб, кој е на 24-часовно располагање на граѓаните. Неговата задача е континуирано да ја следи состојбата и да ги координира и систематизира сите постапки поврзани со македонските државјани кои се наоѓаат во и околу загрозените подрачја, а на кои им е потребна помош или асистенција.
„Истовремено, дипломатско-конзуларните претставништва се во постојана комуникација и целосно на располагање на граѓаните. Согласно информациите од Амбасадите на Македонија во Тел Авив, Доха и Абу Даби, како и според јавувањата на СОС телефонот во Министерството во Скопје, тековно се зголемува бројот на наши државјани кои пријавуваат дека се затечени во загрозените подрачја. Со сите пријавени лица се одржува постојан контакт, при што се преземаат подготвителни активности за евентуална асистенција и нивна безбедна евакуација, во зависност од развојот на состојбата. Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, преку дежурниот телефонски број и преку дипломатско-конзуларните претставништва, и понатаму останува целосно на располагање на граѓаните. Уште еднаш ги повикуваме сите наши државјани кои се наоѓаат во земјите од регионот доследно да ги почитуваат упатствата и насоките на локалните надлежни безбедносни органи“, велат од МВР.
За дополнителни информации и помош, на располагање се:
СОС дежурен телефон (МНРНТ):
075/273-732
Амбасада на Република Северна Македонија во Доха
Тел: +974 50 173 111
Амбасада на Република Северна Македонија во Абу Даби
Тел: +971 56 441 7532
Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив
Тел: +972 54 500 8566
Тел: +972 54 967 0546

