Македонија
Личните карти ќе важат и по истекот на рокот, за пасошите се бара решение

Премиерот Димитар Ковачевски, денеска, изјави дека личните карти, кои се за внатрешна употреба, ќе важат и по истекот на рокот за нивна замена, а за пасошите ќе се разгледаат сите опции.
„Ќе ги испитаме сите опции со цел, ако има потреба, да се направи пролонгирање во делот на пасошите бидејќи тие им служат за граѓаните да може да патуваат надвор од земјата“, рече Ковачевски.
Вработените во Министерството за внатрешни работи веќе имаат издадено еден милион и двесте пасоши во државата.
Одговарајќи на новинарски прашања, премиерот за иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ рече дека Уставниот суд ќе го каже своето мислење.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Тројца пациенти денеска се враќаат од Шведска и Грција

Министерството за здравство информира дека тројца пациенти од повредените лица од пожарот во Кочани се враќаат во земјава, од кои двајца беа хоспитализирани во Грција и еден пациент во Шведска. Согласно протоколите ќе бидат задржани под 24-часовен надзор.
Во Србија остануваат хоспитализирани 23 пациенти, Бугарија 14 паценти, Турција 10 пациенти, Грција 8 пациенти, Словенија 4 пациенти, во Унгарија, Хрватска, Шпанија, Австрија и Литванија се хоспитализирани по 3 пациенти, во Италија и Полска по еден пациент.
Во Скопје, на Клиниката за токсикологија вчера беше хоспитализиран пациент по враќање од Полска, истиот денеска се пушта на домашно лекување.
На Клиниката за пластична хирургија остануваат двајца пациенти, а во Хируршката клиника Св.Наум Охридски 6 пациенти.
Во ГОБ 8 Септември се хоспитализирани 5 пациенти, од кои еден е планирано да биде пуштен на домашно лекување, на Клиниката за пулмологија двајца пациенти, а во приватната болница Систина се хоспитализирани тројца пациенти.
Министерството за здравство внимателно ја следи состојбата на повредените пациенти и останува во постојана комуникација со медицинските тимови во земјата и странство, посветено на обезбедување најдобра можна нега за повредените од несреќата во Кочани, велат од ова министерство.
Македонија
Општина Центар почна со редовна пролетна дератизација

Општина Центар започна со редовна пролетна дератизација на целата територија. Во текот на следните две недели ќе бидат опфатени над две илјади шахти, со цел уништување на штетни глодари и инсекти, како и превенција од можни заразни болести.
Дератизацијата се спроведува два пати годишно, во пролет и есен, и претставува една од клучните мерки што Општината ги презема за заштита на здравјето на населението.
Општина Центар информира дека препаратот што се користи за дератизацијата е селективен, сертифициран од овластен производител и е специјално дизајниран за контрола на популацијата на глодари. Препаратот е одобрен од Министерството за здравство на Република Северна Македонија и не претставува ризик за другите животински видови.
Македонија
Директорот на БЈБ, Јанев, ја отвори работилницата на Интерпол, која денеска и утре се одржува во Скопје

Директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР, Александар Јанев, денеска ја отвори работилницата на Интерпол за сребрена потерница, која се одржува на 2 и 3 април 2025 година во Скопје, на која учествуваат 60-ина јавни обвинители, полициски службеници и претставници од финансиски институции надлежни за враќање на криминално стекнат имот, од европските држави и од САД.
Работилницата е фокусирана на дискусија за имплементација на новата уникатна алатка на Интерпол преку која на државите членки им се овозможува поуспешна борба против организираниот и сериозен криминал и зајакната меѓународна полициска соработка преку упатување барања и размена на информации за лоцирање, идентификување и добивање податоци за криминално стекнат имот во странство.
Како дел од експертската работна група на Интерпол за сребрена потерница меѓу 32 држави од светот, како и дел од пилот-проектот за сребрена потерница меѓу 51 држава од светот, нашата држава е единствената од регионот на Западен Балкан, која дава активен придонес во пилот-фазата за распишување на сребрени потерници, со воспоставена тесна координација на национално ниво помеѓу сите надлежни служби за спроведување на законот. Процесот за враќање на криминално стекнатиот имот е од особена важност во борбата против криминалот и корупцијата, придонесува кон разбивање на криминалните мрежи и зацврстување на довербата кај граѓаните. Преку враќање на криминално стекнатиот имот се удира директно во главниот двигател на криминалната активност – стекнувањето профит и значителната економска заднина, која е од суштинско значење за функционирањето на криминалната мрежа, а од друга страна, се отвара можност за генерирање финансиски средства за понатамошен развој и јакнење на правниот систем во државите.