Македонија
Лични асистенти ќе им помагаат на лицата со попреченост
На предлог на Министерството за труд и социјална политика (МТСП), Владата на Република Македонија ја усвои Програмата за персонална асистенција на лица со попреченост за 2018 година. Оваа услуга се воведува првпат во Македонија и е целосно финансирана од буџетот.
Како што информираат од МТСП, со овој чекор се исполнува долгогодишното барање на лицата со попреченост, што ќе придонесе за нивно независно и самостојно живеење, активно и рамноправно учество во заедницата и во општеството во целина.
„Со оваа програма ќе се обезбеди персонална асистенција за 100 лица на возраст од 18 до 64 години, кои имаат потешка или најтешка физичка попреченост или лица со целосно оштетен вид. Личните асистенти ќе им помагаат при извршувањето на секојдневните лични и домашни активности, при посета на високообразовни институции, неформално образование, професионална рехабилитација или поддршка на работно место“, се наведува во соопштението.
Како што наведуваат од Министерството, асистентите ќе бидат лица кои поседуваат сертификат за завршена обука за стекнување со вештини за лична асистенција, верифицирана од ЈУ Центар за образование на возрасни. Во Оперативниот план за мерки и услуги за вработување за 2018 година се предвидени средства за обука на 100 невработени лица.
За реализација на Програмата издвоени се 17.500.000 денари од буџетот на МТСП. Оттаму наведуваат дека со воведување на персоналната асистенција ќе се зајакне системот на социјална заштита и ќе се придонесе за практична имплементација на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост. Министерството за труд и социјална политика ќе го следи извршувањето на програмата заради планирање на проширување на опфатот и достапноста на услугата во наредниот период.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Зимзоленд: Продолжуваме со работа, шпекулација е дека настанот ќе биде затворен
Од Зимзоленд велат дека продолжуваат со работа и дека информациите за неговото затворање се шпекулации.
„Во последните часови на одредени медиуми се појавија неточни информации и шпекулации дека Зимзоленд ќе биде затворен. Ве информираме дека ова не е точно. Зимзоленд продолжува да работи со редовно работно време“, се наведува во јавното соопштението.
Во него се додава дека е точно дека во претходните денови имало инспекциски надзори, но велат дека до надлежните служби била доставена целосната и потребна документација.
Македонија
Ѓорѓиевски најавува враќање на празничниот дух, на 15 декември почнуваат настаните на плоштад „Македонија“
На 15 декември почнуваат предновогодишните настани на плоштад „Македонија“.
„Градот Скопје со радост најавува дека годинава празничниот дух повторно се враќа на плоштадот „Македонија“. Со посебна атмосфера, богата програма и многу изненадувања за сите генерации, претстојниот настан го означува почетокот на новогодишните и божиќните празнувања во главниот град“, велат од Градот.
„ Ајде заедно да го осветлиме градот. 15.12.2025 во 18:00 часот. Почитувани скопјани, драги родители, најдраги дечиња, нашиот град е најубав тогаш кога свети од радост, насмевки и празнична магија. А сите ние – и младите, и возрасните ја заслужуваме таа топлина што ја носат Новогодишните и Божиќните празници. Затоа, со огромна радост ве поканувам заедно да го означиме почетокот на едно ново празнично поглавје исполнето со забава, музика, многу подароци и вашите омилени херои кои ќе ги израдуваат најмалите. На 15 декември, во 18 часот, на плоштадот „Македонија“, заедно со вас ќе го осветлиме градот и после неколку години ќе ја почувствуваме првата искра на празничниот дух. Веќе од наредниот ден, па сѐ до самата Нова година, ќе следуваат секојдневни настани и забави за сите генерации. А дочекот, ви ветуваме, ќе биде спектакуларен и незаборавен“, објави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Македонија
Притвор за скопјанецот кој насилно упадна во студиото на „Инфомакс“
Судот му определи притвор на 43-годишниот скопјанец кој вчера насилно упадна во студиото на „Инфомакс“.
Според информациите од МВР, полицијата поднесе кривична пријава по брза постапка против Г.С.(43) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела насилство и спречување на службено лице при вршење службено дејствие.
„Имено по претходна пријава од страна на А.М. водител на емисијата ‘Инфомакс’ и по преземени мерки од страна на полициските службеници извршен е разговор со оштетениот и сведоците на настанот, обезбедени се видео записи од безбедносни камери, извршен е службен разговор со пријавениот и документирани се заканувачки пораки од пријавениот кон оштетениот. Тој е изведен пред судија на претходна постапка при што му е изречена мерка притвор“, соопшти МВР.

