Македонија
Лога во „Идризово“: Мизерни и супстандардни услови, потребна е итна амнестија
Министерот за правда, Кренар Лога, заедно со претседателот на Анкетната комисија за заштита на човековите слободи и права, Халил Снопче, членот на Комисијата, Драгица Ѓавочанова , директорот на УИС, Јовица Стојановиќ, директорот на КПУ „Идризово“, Зоран Јовановски, и заменик-директорот Феми Јонузи, изврши увид и одблиску се запознаа со состојбата, условите во затворот, разговараше директно со затворениците и беше информиран за проблемите со кои се соочуваат.
„Мизерни, катастрофални и супстандардни услови за издржување на затворските казни, пренатрупаност, затвореници спијат на подот, нема соодветна здравствена заштита, нема соодветни санитарии, искршени кревети, мувлосани ѕидови. Овие услови докажуваат зошто ни е потребен итно закон за амнестија, со кој барем минимално ќе се растоварат капацитетите. Се работи за луѓе. И покрај извршените дела, тие се луѓе и заслужуваат достоинство. Наместо ресоцијализација и враќање во нормален живот, со ваков третман состојбата на овие лица може да се влоши уште повеќе“, вели Лога.

Апелира оваа состојба да не се злоупотреби за политички цели, а пратениците да покажат хуманост и да му дадат поддршка на законот за амнестија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Претпладне претежно облачно, а кон крајот на денот и во текот на ноќта врнежи од дожд и снег
Претпладне претежно облачно, а кон крајот на денот и во текот на ноќта облачноста ќе се зголеми и најпрвин во западните делови, а потоа насекаде ќе има врнежи од дожд, а на повисоките планини слаб снег. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер.
Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 8 до 12 степени.
Во Скопје, претежно облачно, а попладне со повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
Денеска кон крајот на денот и во четврток, повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на планините од слаб снег. Во петок и недела ќе преовладува претежно облачно време со услови за слаби локални врнежи од дожд и снег, а во сабота и понеделник ќе биде променливо облачно.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф 80 мм на улицата Мирослав Крлежа бр.54, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од улицата Мирослав Крлежа во општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување.
Македонија
Го разбираме револтот и незадоволството: СДСМ го поддржува протестот и барањата на работниците
СДСМ го поддржува протестот на работниците и Сојузот на синдикатите во борбата за достоинствени плати и зголемување на минималната плата, соопштуваат од оваа партија.
„Го разбираме револтот и незадоволството кај работниците и целосно ги поддржуваме нивните барања, за зголемување на минималната плата на 600 евра и за зголемување на платите за 100 евра во останатите сектори.
Граѓаните, работниците живеат тешко, инфлацијата и покачените цени го јадат стандардот на работниците, сиромаштијата расте а платите стојат во место.
Владата на Мицкоски нема пари за зголемување на минималната плата, пари има само за тендери. 161 тендер за една фирма, 51 тендер преку општините за друга фирма, 9 милиони евра за тендери со двајца вработени, 1,2 милиони евра за тендери преку Пошта“.
За време на владеењето на СДСМ, додаваат од опозициската партија, парите завршуваа кај граѓаните, ја зголемивме минималната плата од 8.000 денари на над 20.000 денари а просечната плата од 22.000 денари на над 42.000 денари.
И како опозиција, напоменуваат, СДСМ стои зад работниците.
„СДСМ предлагаше Закон за покачување на минималната плата но власта го одби. Поднесовме законски решенија и амандмани во Собранието за покачување на платите во различни сектори, но власта и тоа го одби.
Обврска на владата е да обезбеди покачување на минималната плата наместо да увезува „економски работници“ а да извезува квалификувани кадри надвор од земјата“.

