Македонија
Лога го потпиша решението за клубот „Цар Борис III“ во Охрид – името предизвикува тензии и нетолеранција

Министерот за правда Кренар Лога го потпиша решението за неусогласеност врз основа на добиеното негативно мислење од Комисијата за употреба на имиња на личности за употреба на името Цар Борис III во називот на Здружението за афирмација на културните вредности на македонските бугари Цар Борис III Охрид.
Комисијата за употреба на имиња на личности смета дека евентуалното именување на здружението со таков назив предизвикува тензии и нетолеранција во целото македонско општество. Во образложението,Комисијата наведува дека тој е одговорен за злосторства извршени за време на бугарската окупација на Македонија во Втората светска војна, при што се ликвидирани стотици граѓани. Посебно е потенцирано мислењето дека неговата соработка и сојузништво со Третиот рахј и нагласената антисемитска политика се најдирекно одговорни и за депортацијата и екстерминацијата на илјадници Евреи од Македонија во логорот на смртта Треблинка.
Министерството за правда постапува согласно одредбите од Законот за здруженија и фондации притоа земајќи го предвид и мислењето на Комисијата за имиња на личности. Решението ќе се достави до централен регистар на Македонија за понатамошно постапување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Метеж на границите: се чека до 40 минути на Табановце за влез и на Богородица за излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива по суви коловози.
Денеска, во временски период од 08:00 – 17:00 часот поради обезбедување на велосипедска трка, сообраќајот на регионалниот пат во село Доброшане кон Свети Николе до место викано Студена Вода ќе биде во прекин, извести АМСМ.
Исто така во време од 09:00 часот до 14.00 часот поради обезбедување на велосипедска трка, сообраќајот на стариот пат за Крива Паланка на потег на место викано Салон кај ресторан Фемили па по регионалниот пат Куманово кон граничен премин Пелинце до Меморијален центар АСНОМ во село Пелинце ќе биде во прекин.
Повремено затворање на регионалниот пат Куманово – граничен премин Пелинце е планирано и за наредниот ден.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На ГП Табановце за влез и ГП Богородица за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 30-40 минути. На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Муцунски ќе се сретне со грчкиот министер за надворешни работи: зајакнување на односите меѓу двете земји во фокусот на разговорите

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во 12:00 часот, во рамки на работната посета на Атина, ќе оствари средба со неговиот хомолог, министерот за надворешни работи на Грција, Јоргос Гераптеритис.
Како што извести Министерството, во фокусот на разговорите се очекува да бидат идните активности за зајакнување на односите и соработката меѓу двете земји, со акцент на економската и енергетската соработка и инфраструктурното поврзување.
Европската интеграција на регионот, како и актуелните геополитички случувања, исто така ќе бидат дел од темите за кои ќе се разговара, водени од заедничкиот интерес за зајакнување на регионалната стабилност и просперитет на двете земји како непосредни соседи и НАТО-сојузници, се додава во соопштението на Министерството.
Македонија
Сончево и многу топло со температури до 41 степен

Времето денеска, сончево и многу топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 21, а максималната ќе достигне од 35 до 41 степен.
Во Скопје, сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе се спушти до 21, а максималната ќе достигне до 41 степен.
До сабота (26.07) ќе се задржи сончево и многу топло време со мала до умерена локална облачност. Дневната температура наместа ќе надминува 40 степени и насекаде ќе биде над просекот за месец јули.
Во недела ќе има локална појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи, а дневната температура ќе биде во опаѓање.
Фото: принтскрин