Македонија
Лога со писмо ја известил меѓународната заедница за најавите за упад од парламентарното мнозинство врз правосудниот систем
Министерот за правда, Кренар Лога, испратил писма до делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, до амбасадите на САД, Германија, Франција, Холандија и Белгија, до Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје, до Стејт департментот преку Амбасадата на САД во РСМ и до Европската комисија во Брисел, во кое изразил загриженост за најавите на парламентарното мнозинство дека подготвуваат пакет-закони со кои ќе се распуштат двете уставни и независни категории – Судскиот совет и Советот на јавните обвинители, известуваат од неговиот кабинет.
Лога во писмото пишува:
„Ценејќи ја вашата досегашна континуирана поддршка изразена преку многубројните проекти и вложени средства, кои несомнено придонеле за реформските процеси, како и обезбедување цврсти гаранции на владеење на правото, со вознемиреност и загриженост ви се обраќам со ова писмо.
Во оваа пригода би сакал да ве информирам и да го насочам вашето внимание кон најавите за упад, кој се подготвува од парламентарното мнозинство во правосудниот систем. Паралелно со најавите за реформа на органите на управата и реорганизација на министерствата, владејачкото мнозинство соопшти дека подготвува и пакет-закони со кои ќе се распуштат двете уставни и независни категории – Судскиот совет и Советот на јавните обвинители“, пишува Лога.
Изјавите од партиски функционери за мене лично и за Министерството за правда, како што појаснува во писмото, се неприфатливи и недозволиви не заради одбрана на поединци во овие органи, туку за независноста и непристрасноста на овие институции за кои имаме добиено извештај од оценската мисија, каде што точно е наведено што треба да се преземе од страна на органите на државата за подобрување на состојбите во судството.
„Иако како министер за правда минатата година кога се случија настаните во Судскиот совет јавно излегов со став за престанок на мандатот на членовите за кој не добив поддршка од коалициските партнери, ниту од опозициските партии, а исто така и по одржани консултации со ваши претставници, ми беше сугерирано дека оценската мисија ќе ја скенира состојбата во Судскиот совет и ќе даде препораки за надминување на состојбите, а за што добивме и извештај. Препораките од извештајот со особено внимание беа разгледани од највисоките претставници на правосудната, академската и стручната фела, како и граѓанскиот сектор и другите засегнати страни. Дотолку повеќе што овие препораки се дел од најзначајните документи, како што се: стратегијата за развој на правосудниот сектор, патоказот за владеење на правото, како и планот за раст. Дополнително, беше формирана работна група за законски реформи на Судскиот совет, каде што во повеќе наврати беа поканети претставници на тогашната опозициска партија и сегашен носител на владејачкото мнозинство, ВМРО-ДПМНЕ, на што не добивме повратен одговор.
Изразуваме сериозна загриженост што поставеноста на ваквата концентрација на моќ на трите власти кај една политичка партија ќе значи пресликување на состојбите и проблемите пред 2017 година, кои неспорно создадоа заробена држава, констатирано во повеќебројни извештаи од меѓународните организации.
Ваквите најави се избрзани и опасни и цениме дека од страна на владејачкото мнозинство треба да се почитува процесот на правилно креирање политики, кое вклучува оценка на состојбите и консултација за сите претстојни обврски и одговорности кои Република Северна Македонија ги има во договор со Европската Унија и другите меѓународни партнери“, потенцирал Лога во писмото што им го испратил на делегации на меѓународната заедница.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Карпош и Бутел денеска без вода
Од ЈП водовод и Канализација известуваат дека поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на улицата Демир Трајко 51, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улицата Демир Трајко и Партизанска крак 1,3,5,7,9 и 11, општина Карпош. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Од ЈП водовод и Канализација исто така известуваат дека поради дефект на огрлица ф-300 мм на улицата Хо Ши Мин 292, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица, општина Бутел. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст
Сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 12 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Времето во наредниот период
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст. До средината на следната седмица ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец, а по одредени котлини ќе има појава на магла.
Македонија
Потпишан Меморандум со највисоко рангираните универзитети во Македонија за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, објави Ѓорѓиевски
Градоначалникот на Град Скопје, заедно со највисоко рангираните универзитети во Македонија потпишаа Меморандум за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, со што академската заедница официјално се вклучува како активен и рамноправен партнер во овој значаен европски културен процес, информираат од Град Скопје.
Со Меморандумот се потврдува јасната европска ориентација на универзитетите и нивната улога како двигатели на знаење, креативност и иновации, како и нивната општествена одговорност во развојот на заедницата. Вклучувањето во „Скопје 2028“ отвора можности за интеграција на културата во наставните и истражувачките програми, поттикнување на студентската креативност и младинскиот ангажман, развој на интердисциплинарни и меѓународни партнерства и зголемување на академската видливост на европско ниво.
Академската заедница останува посветена на активна, професионална и визионерска улога во реализацијата на „Скопје 2028“, со цел зајакнување на европските вредности, продлабочување на интеркултурниот дијалог и создавање одржлива, солидарна и креативна иднина за Скопје и Македонија.

