Македонија
Локалните власти ги подобруваат условите за настава во средното медицинско училиште во Битола
Со средства од буџетот на Општината во вредност од 2.608.080 денари се подобруваат условите за работа во средното општинско медицинско училиште „Д-р Јован Калаузи“ во Битола.
Градоначалничката Наташа Петровска, заменик-градоначалничката Емилија Костурски и менаџерскоит тим на училиштето денеска разговараа за извршените санации и моментните актвиности во оваа образовна установа.
„Целосното осветление, вклучувајќи го и осветлението во спортската сала, е заменето со ЛЕД и поставени се енергетски ефикасни ПВЦ-прозорци“, се наведува во соопштението.
Во тек е поставување натстрешница на задниот влез од училиштето кон спортската сала и целосно обновување на вториот кат од училиштето, каде што се врши реновирање на кабинетите, бојадисување, менување на подот, реновирање на скалите и менување на дограмата.
„Паралелно со инфраструктурните зафати, училиштето се опремува и со нагледни средства. Покрај опремата за квалитетно изведување онлајн-настава, за што Општината издвои средства на почетокот од оваа учебна година и со која беа набавени нови компјутери, со дополнителна опрема од камери и звучници, дополнително се набавени 3 телевизори со големина од 55 инчи и 4 паметни табли. Обновена е целосната опрема за практична работа (ново торзо, лабораториска опрема и комплетно обновување на лабораториите)“, стои во соопштението од Општина Битола.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска делови од Чаир, Бутел и Шуто Оризари
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08.00 до 11.00 часот корисниците од дел од улицата Бајрам Шабани и дел од улицата Чаирска, општина Чаир;
· во периодот од 09.00 до 10.00 часот корисниците од објектите околу Фитофарм-Визбегово, општина Бутел;
· во периодот од 09.00 до 12.00 часот корисниците позади бензинската ОКТА во Шуто Оризари, општина Шуто Оризари.
Македонија
Делови од Карпош и Шуто Оризари денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на улицата Демирхисарска бр 13 прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улицата Демирхисарска, од 17:30 часот до завршување на дефектот, општина Шуто Оризари.
Од ЈП Водовод и Канализација исто така известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-100мм на ул. Софиска 7, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Бриселска, Петар Драганов, Његошева, Копенхагенска и Стокхломска, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Македонија
Утрото постудено и магливо, преку денот сончево со мала до умерена облачност
Утрото постудено со услови за појава на магла по одделни котлини и речни долини. Преку денот времето ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 16 до 21 степен.
Во Скопје, утрото постудено, во делови од котлината магливо. Преку денот времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 18 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на висок воздушен притисок следува период на стабилно и суво време со постудени утра, а дневната температура ќе биде во пораст, особено во деновите од викендот. Претпладне по одделни котлини и речни долини ќе има услови за појава на магла.

