Македонија
Локвенец: За првпат во историјата наш министер учествува на состанок во НАТО
,,За првпат во историјата, министер од нашата држава учествува на состанок во седиштето на НАТО, заедно со колегите од земјите членки на Алијансата.Со учеството на министерката Радмила Шекеринска на состанокот на министри за одбрана на Северноатлантскиот совет на НАТО, станавме активен учесник во процесите за глобална безбедност, на иста маса со земјите членки на најсилниот безбедносен сојуз.Граѓаните од цела држава се горди на историскиот успех, ние сме НАТО!, изјави Хари Локвенец, пратеник од СДСМ и коалицијата.
Според него, се остваруваат децениски национални и државни интереси, обезбедена е иднината, стабилноста и сигурноста.
,,Политиките на интеграција, решавање на проблемите, градењето пријателства се препознаени од нашите европски пријатели.Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО, веќе започна да се ратификува во земјите членки на Алијансата. По Република Грција, Протоколот веќе е ратификуван и од парламентите на Словенија и Република Албанија. Првиот чекор е поминат во парламентот на соседна Бугарија, најавана е брза постапка за ратификација во парламентот на Црна Гора.Ова е важно за што поскоро завршување на пристапниот процес.
Република Северна Македонија го доби своето заслужено место во НАТО, станува 30 земја членка на Алијансата.НАТО значи безбедност и стабилност но значи и економија, поголеми инвестиции, повеќе пари.Влезот во НАТО е можност за зголемена конкурентност, економски раст, поттик за нови, сериозни странски инвестиции, нови и подобро платени работни места. Сето тоа значи повеќе пари и повисок животен стандард.Истовремено, со запишувањето на новото име во Обединетите нации, македонскиот јазик, македонскиот идентитет и посебност се трајно заштитени и загарантирани. СДСМ, преку Владата и парламентарното мнозинство што ги предводи, презеде одговороност пред граѓаните и државата.Остануваме посветени на интересите на граѓаните, на процесите кои ја движат земјава напред, на мерките и реформите што обезбедуваат сигурна и стабилна иднина за сите”, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Состојбата е стабилна и нема опасност по безбедноста
Не сме изложени на нестабилност и нема опасност по безбедноста внатре и во регионот. Систем за предупредување постои, институциите ја следат состојбата, се координираат и оттаму е оваа оценка за стабилност и безбедност, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по седницата на Советот за безбедност на која на дневен ред беше безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

Таа додаде дека институциите ќе продолжат да ја следат состојбата.
-Координирани сме и со органите во регионот и ќе споделиме информации, најави претседателката Сиљановска – Давкова.
Претседателката Сиљановска Давкова е претседател на Советот за безбедност, а на седницата присуствуваа и членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски како и експертите Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија,Тимчо Муцунски, кој е на пат за САД, на седницата беше вклучен преку видеоврска.

На седницата присутни беа и директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски и началникот на Генералштабот, генерал – мајор Сашко Лафчиски.
Македонија
Повеќе од 150 македонски државјани побарале помош од амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби за евакуација
Расте бројот на македонски државјани кои пријавуваат дека се затечени во загрозените подрачја на Блискиот Исток. Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека досега повеќе од 150 македонски државјани, ги контактирале амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби, околу можностите за евакуација.
Со сите нив се одржува постојан контакт и доколку се пријават за евакуација ќе се преземаат подготвителни активности за евентуална асистенција за нивно безбедно враќање, наведуваат од МНР.
– Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, преку дежурниот телефонски број и преку дипломатско-конзуларните претставништва, и понатаму останува целосно на располагање на граѓаните. Уште еднаш ги повикуваме сите наши државјани кои се наоѓаат во земјите од регионот доследно да ги почитуваат упатствата и насоките на локалните надлежни безбедносни органи, велат од Министерството.
Поради ситуацијата на Блискиот Исток, во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија од вчера функционира кризен штаб кој е на 24 часовно располагање на граѓаните за сите информации.
За дополнителни информации и помош, на располагање се:
СОС дежурен телефон (МНРНТ):
075/273-732
Амбасада на Република Северна Македонија во Доха
Тел: +974 50 173 111
Амбасада на Република Северна Македонија во Абу Даби
Тел: +971 56 441 7532
Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив
Тел: +972 54 500 8566
Тел: +972 54 967 0546.
Македонија
Малолетник сакал да се самоубие, МВР го спречи постапувајќи по објава оставена на социјалните мрежи
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи интервенираше навремено откако беше забележана објава на социјалните мрежи што укажуваше на можност за самоубиство од страна на малолетен корисник.
Полицијата веднаш ги презеде сите неопходни мерки за утврдување на идентитетот и локацијата на лицето, кое за кратко време беше пронајдено. Малолетникот е во добра состојба, а родителите се известени и запознаени со понатамошните чекори за негово ментално здравје.
Овој настан уште еднаш ја нагласува важноста од внимателно следење на однесувањето на младите во дигиталниот простор. Родителите треба редовно да комуницираат со своите деца, да се интересираат за нивните активности на социјалните мрежи и да реагираат веднаш при забележување загрижувачки објави или несвојствено однесување – апелираат од Секторот за компјутерски криминал.
Апел е упатен и до пријателите, соучениците и сите корисници на социјалните мрежи: доколку забележат објави што упатуваат на самоповредување, безнадежност или најави за самоубиство, веднаш да ги искористат механизмите за пријавување на платформата или да известат родител, наставник или најблиска полициска станица.
-Навремената реакција може да спаси човечки живот. Секторот за компјутерски криминал ќе продолжи со засилени активности за рано откривање и превенција на ризични појави во дигиталниот простор, велат од МВР.

