Македонија
Лукаревска од Македонска Каменица: На 8 мај гласајте за силен СДСМ, сега е најважно да не се враќаме назад
„Ветувањата ги остваруваме, oвде од Македонска Каменица започнавме уште на почетокот на мандатот и веќе во 2018 година Владата на СДСМ обезбеди бенефициран стаж за рударите. Луѓето со најтешка и најпочитувана професија заслужуваат уште повеќе, социјалдемократите го ценат трудот на работникот, секогаш сме биле први во заштита на работничките права и во обезбедување на социјална правда, зашто човечкиот капитал е највреден. И сега остануваме на истите принципи, гарантираме уште повисоки плати и пензии, зашто еднаш веќе тоа го направивме“, рече носителката на листа во третата изборна единица, Сања Лукаревска.
Таа истакна дека СДСМ ќе продолжи со силна поддршка на домашната економија за побрз развој, за повеќе работни места, за повисоки плати и подобар стандард, со 180 милиони евра директна поддршка за домашните компании, 3,5 милијарди евра за капитални инвестиции, 1 милијарда и 350 милиони евра инвестиции за земјоделството, од кои 750 милиони евра директна финансиска поддршка.
„Ќе продолжиме со континуирана поддршка на земјоделците, но и на младите, на жените, од земјоделството да направат успешен бизнис за подобар стандард дома. За младите земјоделци што го превземаат земјоделското семејно стопанство грант од 20 000 евра. За жени земјоделки, за бизнис за преработка на примарното производство, финансиската поддршка се зголемува од 6 000 на 10 000 евра. Вложуваме во повеќе работни места и подобри плати, обезбедуваме по 200 евра во првите 12 месеци за секое прво вработување на млади до 26 години. Затоа на 8 мај гласајте за силен СДСМ, сега е најважно да не се враќаме назад, во сојуз со граѓаните да продолжиме да работиме за просперитетна, напредна и модерна држава за сите, за подобар живот дома“, рече Лукаревска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денес во 18 часот состанок на Советот за безбедност поради случувањата на Блискиот Исток
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за денеска закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18:00 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
Членови на Советот за безбедност се: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Македонија
Од денеска побезбедни онлајн купувања со платежни картички
Од денеска стапува во сила законската обврска за засилена автентикација при онлајн-плаќања со платежни картички. Наместо досегашната потврда со СМС-код, корисниците на платежни картички ќе добиваат известување преку мобилната банкарска апликација и ќе треба да ја одобрат трансакцијата. Потврдата се врши со ПИН за апликацијата, отпечаток од прст или препознавање лице. Без оваа потврда плаќањето нема да може да се изврши, дури и ако некој ги има податоците од картичката.
Целта е да се обезбеди заштита на паричните средства на граѓаните и на компаниите преку дополнителни сигурносни проверки на идентитетот на лицето при плаќањата без физичко присуство.
Засилената автентикација како законска обврска за давателите на платежни услуги произлегува од Законот за платежните услуги и платните системи. Таа се воведува постепено во земјата и веќе е во примена при извршување онлајн-увид во платежните сметки од страна на клиентите, како и при извршување плаќања со платежни картички на физичките продажни места или со платни налози преку електронското или мобилното банкарство.
Македонија
Од денеска до 5 март пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк
Министерството за образование и наука ги информира студентите дека рокот за пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2025/2026 година трае од денеска до 5 март 2026.
Правото на субвенциониран студентски оброк може да го користат сите редовни студенти на додипломски студии кои имаат месечен приход помал од минималната нето плата, како и студентите запишани на постдипломски студии и на интегрирани студии на државните и на приватните универзитети во државата.
-Студентите што ги исполнуваат условите, а не аплицирале досега, може да поднесат апликација електронски преку порталот: https://e-uslugi.mon.gov.mk, се наведува во објавата на МОН каде што се наведени и условите за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк и контакти за поддршка при аплицирањето.
Студентите на кои им било прекинато правото на субвенциониран оброк, а сметаат дека ги исполнуваат условите, може повторно да аплицираат. Овој рок е, исто така, отворен за студентите кои не аплицирале во претходните активни рокови.

