Македонија
Лукровски: Карпош е заробен од приватни интереси, граѓаните сакаат крај на бетонизацијата и лажните зборови
Кандидатот за градоначалник на Општина Карпош од ВМРО-ДПМНЕ, Сотир Лукровски, изјави дека општината е заробена од приватни интереси кои ги претвориле зелените површини во градилишта и дека е време Карпош да добие нова политика – транспарентна, современа и во интерес на граѓаните.
„Во последниве денови слушаме смешни обиди за манипулација, истите луѓе кои ја водат општината со години сега се обидуваат да ме прикажат како дел од некакви матни приказни. Јас не ја водам општината – тие ја водат, и токму таму лежи проблемот“, изјави Лукровски.
Тој нагласи дека токму актуелното раководство ги претворило зелените површини во градилишта и со спорни урбанистички планови го уништило ликот на општината.
„Под нивно водство се планира огромно бетонско чудовиште кај ‘Алумина’, пет згради на ‘Прашка’, проширување на ‘Настел’, трговски центар пред ‘Горење’ и City Mall, како и нова зграда пред СЦ ‘Борис Трајковски’“, рече тој.
Лукровски оцени дека ваквите урбанистички решенија се носат „под маса“, со сериозни последици по квалитетот на живот во Карпош, додека актуелното раководство „измислува приказни за ‘Скопје на вода’ и ‘Карпош на вода’ за да го одвлече вниманието од вистинските проблеми“.
„Карпош не сака повеќе празни зборови и лажни обвинувања. Нудам план за транспарентна и модерна општина, со чист воздух, уреден урбан развој и крај на партиските тендери. Тоа не е ветување, тоа е обврска“, порача Лукровски.
Тој додаде дека „Карпош не е ничија приватна фирма, туку општина на граѓаните“, и најави дека тоа „ќе стане реалност штом ја преземе функцијата градоначалник“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно и релативно топло
Времето утре ќе биде променливо облачно и релативно топло.
Претпладне ќе има слаб локален дожд, а по одделни котлини ќе има појава на магла. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во западните делови ќе има врнежи од дожд. На повисоките планини во северозападните делови врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови наместа повремено засилен ветер од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 5, а максималната ќе достигне од 11 до 18 степени.
Во Скопје, времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Во наредните денови следува период на променливо време. Во недела претпладне ќе има локални врнежи од дожд, а на планините во северозападните делови од снег. Врнежи од дожд ќе има и во понеделник кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови, а на планините ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух врнежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Потоа во следните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а нови врнежи повторно се очекуваат од четврток.
Македонија
Трипуновски: Работиме на стабилен откуп и цена на суровото млеко
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски оствари средба со претставниците на поголемите млекарници во државата, на која се разговараше за стабилен откуп и цена на суровото млеко, покрај тоа што европскиот пазар и регионот се соочуваат со вишок на млеко.
На средбата се договори дека откупната цена на суровото млекото ќе биде стабилна, како и дека нема да има неоткупено млеко од страна на млекарниците.
Ќе се засилат контролите на пазарот со фокус на безбедноста и квалитетот на млекото и млечните производи, како и на добиточната храна.
Министерството останува посветено на унапредување на млекопроизводниот сектор и обезбедување на одржливи услови за фармерите и млекарниците, велат од таму.
Македонија
ЗНАМ до СДСМ: Димитриевски нема „златни визи“, не е вмешан во скандали и не оди на журки во Дубаи
Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија обвини дека СДСМ со нападите врз Максим Димитриевски и партијата се обидува да ја дефокусира јавноста од сопствената политичка и економска катастрофа. Во соопштението, ЗНАМ ги нарекува обвинувањата на СДСМ „политичка манипулација и замајување“, оценувајќи ги како „неосновани, тенденциозни и без докази“.
Од партијата велат дека Димитриевски има лична и професионална кариера надвор од политиката и дека не бил поврзан со корупциски скандали.
„За разлика од двоецот Заев-Филипче кој ги троши народните пари по луксузни јахти низ светот, тој не поседува ‘златни визи’ и не оди на журки во Дубаи“, се наведува во соопштението.
Според ЗНАМ, сите јавни набавки и финансиски постапки се спроведуваат законски и под надзор, а партијата останува доследна на принципите на отчетност и јавна одговорност. „Политиката за нас не е приватен бизнис, туку јавна одговорност во интерес на граѓаните“, велат од движењето.

