Македонија
Македонец ќе вози со велосипед 2.500 километри околу ексју републиките
Александар Стојков во рамки на велосипедската трка „Вера тур 2022“ ќе вози со велосипед 2.500 километри околу ексју републиките.
Стојков е организатор на трката која е во чест на неговата покојна мајка Вера Стојкова, но и во чест на сите оние што ги загубија животите од пандемијата Ковид-19.
„Идејата за ваков спортски предизвик, сериозен логистички и организациски потфат, дојде во момент кога поради смртта, Александар не беше во можност да ја однесе неговата мајка на местата каде што работи, создава и гради. Сето тоа го мотивираше да осмисли една ваква манифестација во форма на аматерска маратонска тура со велосипед, која ќе ги обедини сите тие места, сите главни градови на овие 6 држави, сите места од неговото детство, сите важни места за семејството, но и за нас како држава, Македонија“, велат организаторите на настанот.
Предвидена е посета со официјален пречек на споменикот на Тоше Проески во Нова Градишка, местото на кое загина претседателот Борис Трајковски со екипажот, новозавршената Македонска црква во Загреб, како и сите природни убавини на 6-те држави по должина на рутата.
Велосипедската тура почнува од родното место на Вера и на Александар, Свети Николе, на 21 март и ќе се вози низ 5 поранешни Ју-републики (Македонија, Србија, Хрватска, БиХ, Црна Гора) и Албанија, а финишот повторно е во Македонија, на 5 април.
„Оваа тура ќе биде порака до сите дека кога нешто се сака, едноставно нема пречки тоа да се оствари, туку треба само да се работи, да се мисли, да се биде посветен и упорен. Да се знае да се формира тим и да се поделат одговорностите и привилегиите. Во текот на турата ги респектираме сите села, градови и држави кои ги минуваме, ги почитуваме различностите, меѓутоа се претставуваме и во форма на тоа што сме, од каде сме и кои сме“, порачаа организаторите на настанот.
Турата ќе се вози во вкупно 15 етапи, со околу 170 километри секоја, во 15 дена, со само два дена пауза меѓу етапите, што е подвиг еднаков на големите велосипедски натпреварувања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Мали остатоци од снег има на планинскиот превој од (село Лисец – Попова Шапка) кои се задржани на коловозот, извести АМСМ.
Врнежи од снег со слаб интензитет има на патниот правец (Крива Паланка – г.п.Деве Баир) кој не се задржува на коловозот и намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 30 метри, Ѓавато до 100 метри и планинскиот превој Крушево до 40 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект ф-100мм на крстосницата Његошева/Софиска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Његошева, Бриселска, Копенхагенска, Стокхломска, Петар Драганов и Гаврил Лесновски, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд. Претпладне, врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и во некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен, а попладне наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на оваа седмица следува период на претежно облачно време со повремени врнежи од дожд, кои на повисоките планини, ќе преминуваат во врнежи од снег. Повремено наместа врнежите ќе бидат пообилни. До сабота ќе дува југоисточен и југозападен ветер, а во недела ветерот ќе го смени правецот и ќе дува засилен северен ветер.

