Македонија
Македонија гласа на референдум за промена на името – право на глас имаат 1.806.336 граѓани
Почна референдумот во земјава на којшто гласачите ќе можат да се изјаснат на прашањето „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО, со прифаќање на договорот на Република Македонија и Република Грција?“ со заокружување „за“ или „против“.
Право на глас имаат еден 1.806. 336 гласачи запишани во Избирачкиот список. Се гласа на 3 748 избирачки места кои ќе бидат отворени од 7 до 19 часот. Државната изборна комисија и за референдумот постави интерактивна мапа на својата веб-страница на која ќе може да се следи текот на гласањето по општини и излезноста на гласачите.
На референдумот први гласаа членовите на избирачките одбори кои го спроведуваат гласањето во странство. На избирачкиот список се запишани 104 такви членови. Иако на посебниот список на граѓани кои се на привремена работа или престој во странство има запишано 76 060 гласачи, за гласање на референдумот во странство пријавени беа 2 695 македонски државјани во 33 дипломатско-конзуларни претставништва.
Вчера гласаа лицата во казнено-поправните домови, внатрешно раселените, лицата кои се наоѓаат во куќен притвор и немоќните и болните лица кои го побарале тоа од општинските изборни комисии.
Според податоците што ги соопшти синоќа ДИК, во затворите одѕивот бил 64,69 отсто.Од 1859 кои гласаат дома, односно болните и немоќни лица, гласачкото право го оствариле 1520 гласачи.
Вкупно 36,56 отсто, односно 985 лица гласале досега во странство, каде на 33 места право на глас имаа 2 694 лица, соопшти на прес-конференција Државната изборна комисија.
Избирачот може само еднаш да гласа. Гласањето се врши тајно, зад параван, а заокружувањето треба да биде со сино пенкало. Забрането е фотографирање и снимање на избирачкиот материјал и на избирачите додека гласаат. Гласање за друго лице е забрането, може само да му се помогне на избирач кој има физички недостаток или е неписмен.
До 19 часот трае и изборниот молк. Дотогаш може да се известува за изборите и текот на гласањето, но престануваат сите облици на изборно медиумско претставување.
По затворањето на гласањето во 19 часот, Државната изборна комисија првичните резултати од референдумот добиени по електронски пат ги објавува сукцесивно, а резултатите врз основа на податоците од записниците и целокупниот гласачки материјал од ОИК во рок од 24 часа по нивниот прием. Конечните резултати од референдумот ДИК ги објавува веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа од денот на нивната конечност. Комисијата ги објавува резултатите од референдумот во „Службен весник“ во рок од 15 дена од денот на одржувањето.
Референдумот во Македонија е под лупа на 11 927 домашни набљудувачи. Во ДИК се акредитирани и 493 меѓународни набљудувачи, 194 преведувачи и 111 странски новинари.Најбројна е мисијата на ОБСЕ – ОДИХР со 197 претставници. Комисијата акредитирала и 83 новинари од 32 медиуми од земјава и од регионот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради врнежи од снег воведена забрана за камиони и автобуси на патот Тетово-Попова Шапка
Поради врнежи од снег од 07:45 часот на патниот правец Тетово – Попова Шапка воведена е забрана за сообраќај на тешки товарни возила и автобуси, соопшти Автомотосојузот на Македонија.
Претходно АМСМ информираше дека во 5.45 часот изутрина воведена е забрана за камиони и автобуси на патот село Лисец-Попова Шапка.
По целосниот прекин на патот Кичево – Гостивар предизвикан од одрон во 5.40 часот изутрината, екипа од Македонија пат ја исчисти едната сообраќајна лента и сообраќајот од 06.50 часот се одвива наизменично.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Филипче и СДС да одговорат за поврзаноста со сопственикот на фирмата каде се запленети 30 тони дрога
„Наместо спин и манипулација, Филипче и СДС да одговорат за поврзаноста со сопственикот на фирмата во која се запленија 30 тони дрога“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата наведуваат дека по, како што велат, обидите на Филипче и СДС да ѝ „сервираат“ информации на јавноста околу темата за канабисот, треба да дадат објаснување за фотографија со Тони Котев, сопственик на фирмата „ЦБД Медплант“, која, според ВМРО-ДПМНЕ, е поврзана со нелегална марихуана.
Во соопштението се споменуваат поранешниот премиер Зоран Заев и поранешниот министер за здравство Венко Филипче, за кои од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека стојат зад процеси поврзани со издавање лиценци за медицински канабис.
Партијата наведува дека во 2020 година имало иницијатива за легализација на марихуаната, а по неуспехот, според нив, следувало масовно издавање лиценци за медицински канабис на лица блиски до СДС. Како што се додава, струмичкиот регион станал центар на производство.
Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат и на измените на Правилникот за одгледување канабис од 2023 година, со кои, според нив, било дозволено одгледување и на отворено, оценувајќи дека тоа е во колизија со законските одредби и ГМП стандардите за медицинско производство.
„По големите заплени на марихуана од компании со лиценци за медицинско производство, каде во прашање се 40 тони, околу 30 тони потекнуваат од ‘ЦБД Медплант’, фирма основана во 2018 година од блиски луѓе до Заев“, се наведува во соопштението.
Од партијата прашуваат каде завршувала марихуаната што, како што тврдат, не можела да се користи како легален медицински производ и дали станува збор за лични или партиски интереси.
Воедно, од ВМРО-ДПМНЕ го повикуваат Јавното обвинителство да ја истражи, како што велат, целосната релација помеѓу Заев и Филипче и нивната можна вмешаност и одговорност во случајот со запленетите 30 тони марихуана, нагласувајќи дека јавноста заслужува транспарентност и еднаквост пред законот.
Македонија
СДСМ прашува кој дозволил да се одгледува марихуана на површина од 40 фудбалски стадиони
„Кој во власта дозволил да се одгледува марихуана на површина од 40 фудбалски стадиони, нелегално? Поминаа 15 дена и сè уште нема одговор за најголемиот нарко-скандал во регионот – како 5 тони дрога поминале преку македонската граница и кој ќе одговара“, велат од СДСМ.
Од партијата посочуваат дека, како што наведуваат, „сите молчат“ и ги прозиваат премиерот Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, како и функционерите Александар Николовски, Јохан Тарчуловски и Бојан Томовски.
Според СДСМ, соочени со, како што тврдат, сопствената одговорност, претставниците на власта започнале медиумска кампања и лицитирале со наводно запленети 100 тони марихуана, за која велат дека била нелегално произведена.
„Но, така заглавија уште подлабоко. Ако некој успеал нелегално да произведе 100 тони марихуана, тоа е уште една потврда дека вината е целосно кај Владата и институциите кои тоа го дозволиле, не го контролирале и не го спречиле“, наведуваат од партијата.
Оттаму додаваат дека за производство на 100 тони марихуана е потребна површина од над 30 хектари, што, според нив, е еднакво на повеќе од 40 фудбалски стадиони, и прашуваат кој дозволил толкава површина да се одгледува во државата и зошто не била направена ниту една теренска контрола.
СДСМ прашува и како безбедносните служби не забележале толкава количина дрога да се транспортира, складира и пакува, како и што правеле АНБ и АР. Во соопштението се поставува и прашањето како 5 тони дрога поминале преку граница, покрај системот „Сејф сити“, скенери, контроли, полиција и царина.
„Нема одговор на овие прашања затоа што одговорноста за нарко-скандалот е во врвот на власта. СДСМ нема да дозволи овој нарко-скандал да се заташка. Нема бегање од одговорноста. Сите ќе одговарате“, се наведува во соопштението.

