Македонија
Македонија на 77. место според индексот на демократија, во категорија „хибридни режими“
Македонија се наоѓа на 77. место, според најновиот индекс за демократија за 2019 година, во којшто се анализирани 167 држави.
Извештајот „Година на демократски назадувања и народни протести“ го објави британскиот весник „Економист“, а рејтингот се заснова на комбинација на експертски оценки и резултати од анкети во опфатените земји.
Како што се наведува, анализирани се пет клучни показатели кои укажуваат на состојбата на демократијата во државите: изборниот процес, транспарентноста на власта, учеството во политичкиот живот, политичката култура и нивото на граѓанска слобода.
Во извештајот земјите се делат во четири категории, според типот на режим на: целосна демократија, нецелосна демократија, хибриден режим и авторитарен режим.
Помеѓу земјите од регионот, на листата Македонија (77. место), заедно со Албанија (79.), Црна Гора (84.) и БиХ (102.) се наоѓа во категоријата хибридни режими.

Србија, Хрватска и Словенија се оценети како нецелосни демократии и се позиционирани на 66., 59. и 36. место.
На врвот на Индексот на демократија на „Економист“ прва е Норвешка, зад неа се Исланд, Шведска, Нов Зеланд и Финска, додека на последното место е Северна Кореја.
Индексот на демократија се изработува од 2006 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Со оружје, стотици парчиња муниција и импровизирани направи во возилото, Италијанец се обидел да ја помине границата на Табановце – приведен е
На Граничниот премин Табановце, на влез во државата, полициски службеници го привеле С.В. (45) од Италија.
При гранични проверки и контрола на возило со италијански национални ознаки, кое го управувал, биле пронајдени и одземени осум импровизирани направи со игла за активирање на непозната муниција, пиштол калибар 22, шест кутивчиња со по 100 парчиња муниција, едно кутивче со 200 парчиња муниција, едно кутивче со 60 парчиња муниција, како и други предмети.
По наредба на јавен обвинител, лицето е задржано во полициска станица, а по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Македонија
Левица ја повика Сиљановска-Давкова да не го потпишува законот за продолжување на легализација на дивоградби
Партијата Левица ја повика претседателката Гордана Сиљановска-Давкова да не го потпише новиот закон со кој се продолжува рокот за легализација на дивоградби.
Од Левица посочуваат дека претседателката претходно, како пратеник, јавно укажувала дека етички и правно е невозможно да се повикува на владеење на правото, а истовремено да се носат закони со кои се уредува правниот статус на бесправно изградени објекти.
Собранието го продолжи рокот за легализација до 3 март 2031 година, наместо претходниот рок 3 март 2026 година, со што, како што велат од Левивца, процесот од временски ограничена мерка станува подолгорочна пракса.
Партијата оценува дека секое ново пролонгирање испраќа порака дека прекршувањето на законот ќе биде наградено со легализација, додека граѓаните кои градат согласно прописите остануваат изиграни.
Во соопштението се наведува дека ваквиот пристап ја поткопува правната сигурност и довербата во институциите, како и дека наместо зајакнување на инспекциските и урбанистичките механизми, државата избира модел на амнестија.
Партијата останува на ставот дека прашањето со дивоградбите треба да се решава системски, со јасна разлика меѓу социјалните случаи и, како што наведуваат, профитерската злоупотреба, и ја повикува претседателката да не го потпише законот.
Македонија
Дебар Маало доби 24-часовна бесплатна Wi-Fi мрежа, наскоро и во Капиштец
Општина Центар, во рамки на проектот EU4Digital, обезбеди бесплатна Wi-Fi зона во Дебар Маало, поточно на улицата Боемска и на скверот пред Општината.
Согласно програмата, наскоро се предвидува поставување слободни интернет зони (Wi-Fi) и во Капиштец, со што граѓаните ќе имаат полесен пристап до дигитални услуги и информации на отворено.
Користењето на Wi-Fi зоните е достапно 24 часа, седум дена во неделата, бесплатно и без лозинка, со вградени безбедносни ограничувања за заштита на корисниците.
„Општина Центар е лидер во дигитализацијата на општинските услуги. Воспоставувањето на слободни интернет зони е пример како треба да функционира една современа општина, со безбедни и модерни јавни простори и отворен пристап до информации и дигитални услуги за сите граѓани“, порача градоначалникот Горан Герасимовски.
Овие слободни Wi-Fi зони се наменети за жителите, посетителите и туристите, за кои централното подрачје претставува една од најпривлечните и најатрактивните дестинации во Скопје.

