Македонија
(Видео) Македонија нема датум за преговори со ЕУ, туку надеж дека идната година ќе добие, тврди Мицкоски
Одуката на Европска Унија е само надеж дека можеби идната година ќе се исполнат сите критериуми за определување датум за преговори. Ова е ставот на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој додава дека Македонија цела година ќе мора да тапка во место бидејќи согласно со извештајот, потребно е да се направи прогрес во корупцијата, но и суштински реформи во повеќе области. Обезбедување независнно судство е исто така пречка, според Мицкоски.
„Македонија со владата на Зоран Заев продолжува да биде надвор од патот на Европската Унија. Македонија со Зоран Заев доби штетен и капитулантски договор за смена на името, но не и почеток на преговори со Европската Унија, и тоа веднаш. На надворешен план имаме распродажба на државата, трговија со националните и државни интереси, а на домашен план економско цунами. Владата е едно големо фијаско кое нижи само порази“, вели Мицкоски.
Договорот со Грција не резултирал со ништо, тврди Мицкоски, а за сметка на тоа, Владата го одземала достоинството на народот.
„Зоран Заев направи чекори за отстапки со кои се согласи за бришењето на името Македонија, промена на Уставот со цел промена на уставното име, промена и широко толкување на идентитетот, фуснота за македонскиот јазик и редица други отстапувања, а не доби ништо, иако ветуваше светла иднина и подобар живот, и тоа веднаш. Капитулантскиот договор со Грција нема да им ја заврши домашната работа и да го подобри животот на граѓаните, тој нема да ја направи помалку корумпирана владата и нашето општество ниту да го подобри стандардот на граѓаните. За тоа е потребна работа каква не видовме во период од една година од оваа влада предводена од Зоран Заев и СДСМ“, вели Мицкоски.
Христијан Мицкоски вели дека не може на Македонија, која е прогласена за најкорумпирана држава во Европа, најмал економски раст, судство кое е политизирано и полиција која се злоупотребува, да ѝ се отворат вратите кон Европската Унија.
„Иако луѓето од власта ги гледаме со вештачки насмевки, со изнасилена еуфорија, целиот овој театар нема поразот да го претвори во победа. Затоа што граѓаните и без да има некаков извештај знаат дека живеат лошо, и затоа што целата држава живее со последиците и поразите од оваа Влада.
ВМРО-ДПМНЕ ја даде целосно поддршката за системските закони кои беа од значење за европската интеграција на државата, вели Мицкоски додавајќи дека главната домашна задача е во рацете на Зоран Заев и Владата.
„Неуспехот во исполнување на планот 3-6-9 нема да може да се покрие со капитулантскиот договор на Зоран Заев кој ние никако и никогаш нема да го поддржиме“, тврди Мицкоски.
Според него, Македонија има само порази и пред неа има многу за сработување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали во Брисел: Билатералните прашања не смеат да го кочат европскиот пат на земјата
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и за спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи го владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците. Истакната е важноста билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ.
Исто така, беше оценет постигнатиот напредок во Планот за раст и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB и приклучувањето во SEPA, како и соработката со Претседателството на Кипар и европските партнери за решавање на предизвиците со транспортерите по воведувањето на Системот Entry/Exit.
Првиот заменик-претседател Сали повторно ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.
Македонија
Во наредните денови дожд, на планините снег – температурите растат
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во среда повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи
Промената во светот бара промена во образованието, гледање на реалноста низ очите на новите генерации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати, што денеска се одржува во Дубаи, во пресрет на Светскиот самит на владите.
На еминентниот собир, на којшто учествуваат околу 150 врвни научници, вклучувајќи Нобеловци и лидери на истражувачки институции од целиот свет, Сиљановска-Давкова посочи дека во време на подем на вештачката интелигенција, образованието повеќе не е еднонасочна улица на пренесување и помнење на факти и посочи на потребата фокусот на образованието да се префрли на критичко и креативно размислување.
„Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не може и не треба да биде забранета. Сепак, тоа треба да се регулира, бидејќи носи бројни ризици, меѓу коишто е зависноста“, рече претседателката.
Според неа, образованието мора да почне да се фокусира на менталната стабилност, емоционалната интелигенција и етичкото и моралното расудување, што ѝ недостасува на вештачката интелигенција.
„Ни треба глобален консензус дека вештачката интелигенција во образованието и во секојдневниот живот мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Вештачката интелигенција мора да биде алатка, а не господар“, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката смета дека промена на парадигмата е потребна и во македонскиот образовен систем.
„Верувам дека во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи. Имаме луѓе со одлични идеи. Имаме хемичари и физичари кои се меѓу првите 2% од најцитираните научници на глобално ниво. Имаме жени во STEM кои ги надминуваат регионалните и европските нивоа. Имаме талент и потенцијал, но не можеме да го направиме тоа сами. Ни треба вашата поддршка, идеи, а најважно од сè, вашиот совет. Македонската академија на науките и уметностите, нашите универзитети и факултети се отворени за соработка во истражувачки и развојни проекти од коишто сите би можеле да имаме корист“, рече претседателката на самитот.

