Македонија
Четворица новинари од Авганистан пристигнаа во државата, добивале закани од Талибанците
Изутрината на Меѓународниот аеродром Скопје пристигна група од четворица новинари од Авганистан кои се во опасност од новите тамошни власти.
Станува збор за ТВ и радионовинари кои работеле за локални медиуми и дописници за странски медиумски куќи, а по падот на демократската влада, добивале закани по живот од Талибанците.
Северна Македонија им обезбеди привремен престој до заминување во трета држава по барање на Меѓународната организација на новинари и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.
Со прифаќање на овие авганистански граѓани, земјава ја продолжува активната улога во големата хуманитарна операција за помош на продемократското население во Авганистан, соопштија владините служби.
Информираат дека по слетувањето била спроведена стандардната процедура – безбедносна проверка, заштита и ПЦР-тест.
Тие, како што објаснуваат од Владата, ќе бидат привремено сместени во Скопје, а трошоците во целост се покриени од организацијата Новинари за човекови права.
Во земјава во моментов престојуваат 534 граѓани на Авганистан за кои институциите им ја обезбедуваат и пружаат потребната поддршка и помош.
Од Северна Македонија до сега заминаа 85 граѓани на кои траен престој им обезбедија Франција, Грција, Ирска, Португалија, Бразил и САД.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денеска сончево, од утре голема промена на времето
Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб, а во западните делови умерен ветер од југозападен правец. Минималните температури ќе бидат во интервал од -3 до 5, а максималните од 16 до 20 степени целзиусови.
Во Скопје, наутро во делови од котлината ќе има услови за појава на слаба магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево и претежно тивко со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе биде 1, а максималната 16 степени.
Управата за хидрометеоролошки работи информира дека утре облачноста ќе се зголеми, а од вторник ќе преовладува променливо облачно време со локални врнежи од дожд, наместа пообилни. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Македонија
ЦУК: Пронајдени се двете женски лица кои се изгубија на патот кон Дрисла
Пронајдени се двете женски лица кои се изгубија на патот кон Дрисла, информираат од Центарот за управување со кризи.
„Добиена е повратна информација од Полициската станица Драчево дека двете женски лица се пронајдени на црн пат помеѓу Долно Количани и Батинци. Лицата се во добра здравствена состојба и со возило, во придружба на полицијата, веќе се движат кон Драчево. Појаснуваме дека, поради грешка во првичната комуникација, не станува збор за странски државјанки, туку за државјанки на Р.С.Македонија“, стои во известувањето од ЦУК.
Македонија
ЦУК: Две странски државјанки изгубени на патот кон Дрисла – полицијата упатена на терен
Преку единствениот број за итни повици 112 добиена е информација дека две женски странски лица, кои патувале со возило, се изгубиле во реонот на патот кон Дрисла, информираат од Центарот за управување со кризи.
Оттаму велат дека ЦУК е во постојана комуникација со МВР и Полициската станица Драчево, од каде е побарано упатување екипа на терен.
Полициска екипа од ПС Драчево е веќе упатена кон локацијата и постапува по случајот, соопшти ЦУК.

