Македонија
Македонија одбележува 30 години независност
По повод 30 години независност на државата денеска во центарот на главниот град ќе продефилираат здравствени работници, спортисти, пожарникари, полицајци и војници, рудари, земјоделци, волонтери на Црвен крст, извидници, како и националните ансабли и културно-уметничките друштва. Централната прослава ќе биде на отворено пред Собранието на Република Северна Македонија со почеток во 17:30 часот, а ќе започне со изведба на делото „Симфонија за филхармонија“ од композиторот Живоин Глишиќ по што следи дефилето.
Според протоколот, официјалниот дел ќе почне во 18:30 часот со интонирање на химната на Македонија од страна на Воениот оркестар, по што ќе следуваат говорите на државниот врв. Според најавите обраќање ќе имаат претседателот на државата Стево Пендаровски, претседателот на Собранието Талат Џафери и премиерот Зоран Заев.
Од 19:30 часот започнува музичкиот дел со изведба на песна специјално аранжирана за оваа прилика и музички дел со познати солисти кои заедно со Националната филхармонија ќе изведат неколку антологиски забавни нумери.
Покрај официјалните гости и медиумите, според протоколот и актуелната состојба со пандемијата, предвидено е присуство на околу 1000 акредитирани граѓани кои приложиле вакцинален сертификат или потврда за прележаност од Ковид-19.
Поради одбележувањето на празникот, затворени за сообраќај од 11 часот ќе бидат бул. „Кочо Рацин” на потегот од крстосницата со бул.„Кузман Јосифовски Питу” до ул.„Кирил и Методиј”, ул.„11-ти Октомври” на потегот од ул.„Крушевска Република” до ул.„Димитрие Чуповски”, ул. “Филип Втори” на потегот од бул.„Гоце Делчев” до ул.„11–ти Октомври”, Кеј „13–ти Ноември” на потегот од ул.„Филип Втори “до бул.„Кочо Рацин”, ул.„Мирче Ацев” на потегот од ул.„Филип Втори „до бул.”Кочо Рацин”, ул.„Димитрија Чуповски” на потегот од порта Македонија до бул.„Климент Охридски” и ул.„Даме Груев” од крстосницата со ул. „Македонија” до ул. „11-ти Октомври”
Претседателот Стево Пендаровски денеска по повод Денот на независноста, со орден „8 Септември“ ќе ги одликува Стојан Андов, прв претседател на првото повеќепартиско собрание, како и пратениците во Собранието на Република Македонија во мандатниот период од 1990 до 1994 година.
Претседателот Пендаровски, премиерот Зоран Заев, замениците на премиерот Артан Груби, Љупчо Николовски и Фатмир Битиќи како и министерка за образование и наука Мила Царовска ќе положат цвеќе на вечните почивалишта на поранешните претседатели Киро Глигоров и Борис Трајковски на градските гробишта Бутел во Скопје.
Цвеќе пред вечните почивалишта на Глигоров и Трајковски ќе положи и собраниска делегација предводена од потпретседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Горан Мисовски, составена од пратеничките Снежана Калеска-Ванчева и Велика Стојкова-Серафимовска
Во пресрет на одбележувањето синоќа артилерискиот баталјон на Армијата изврши почесна артилериска стрелба со 10 плотуни.
Пред три децении на денешен ден, над 95 проценти од граѓаните на референдум се изјаснија за самостојна и суверена држава.
Претходно, на 25 јануари 1991 година, беше усвоена Декларацијата за независност од првото повеќепартиско македонско Собрание, а два дена подоцна пратениците го избраа Киро Глигоров за прв претседател на самостојна и суверена Република Македонија.
Важни чекори за утврдување на државноста беа усвојувањето на новиот Устав на 17 ноември 1991 година, монетарното осамостојување и воведувањето на денарот на 26 април 1992, формирањето на сопствени вооружени сили.
Меѓународно-правниот субјективитет на државата беше потврден на 8 април 1993 година, кога со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации, беше примена како 181. полноправна членка на Светската организација. Поради противењето и притисоците од страна на Грција, која не го прифаќаше уставното име на Република Македонија, зачленувањето во ОН беше под привремената референца: Поранешна Југословенска Република Македонија.
Спорот со Грција поради името, по долгогодишни разговори под покровителство на Обединетите нации, беше решен на 17 јуни 2018 година во Преспа со потпишување договор меѓу двете држави. Со тоа се отвори патот на земјава кон НАТО и ЕУ.
На 27 март 2020 година Северна Македонија стана 30-та членка на НАТО.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ-Кисела Вода бара итна исплата на надоместоците за избирачките одбори
Општинската организација на СДСМ-Кисела Вода од градоначалничката на оваа општина бара итно постапување по одлуката на Советот на Општина Кисела Вода од 7-та пленарна седница одржана на 29 јануари 2026 година, со која е предвидена исплата на надоместоците на членовите на избирачките одбори од последните локални избори.
Во писмото се наведува дека одлуката е донесена, средствата се обезбедени, но дека изостанува извршната постапка.
„Одлуката е донесена. Обврската е јасна. Средствата се обезбедени. Она што недостасува е – Ваша извршна постапка“.
Од СДСМ – Кисела Вода порачуваат дека станува збор за средства обезбедени од државата за реализација на изборниот процес и оценуваат дека секое понатамошно одлагање претставува поткопување на институционалниот интегритет.
Тие бараат најдоцна до утре да се пристапи кон исплата на средствата согласно одлуката на Советот.
Во спротивно, советничката група на СДСМ најавува испраќање официјален допис до Државната изборна комисија, известување до Министерството за локална самоуправа и информирање на претставници на меѓународната заедница.
Македонија
Николоски: Филипче се однесува како бомбаш самоубиец во обид да го заштити столчето во СДСМ
Заменик претседателот на Владата, Александар Николоски во одговор на новинарско прашање во Прилеп, каде што присуствуваше на отчет 100 дена од новото раководство на локалната самоуправа во Прилеп, истакна дека Филипче води црна и гнасна кампања против него и Македонија, со што сака да ја уништи и СДСМ и стратешките пријатели.
„Не сум изненаден, гледаме еден нихилизам, една црна кампања, гнасна кампања која доаѓа од СДС, јас сум свесен дека и Венко Филипче е свесен дека му се ниша позицијата во СДС, ја има практично киднапирано партијата за цели што само тој ги разбира и буквално се однесува како бомбаш самоубиец, сакајќи да се заштити себе и сопствената позиција во партијата и уништува се околу себе“ појасни Николоски.
Вицепремиерот истакна дека лагите и обвинувањата од страна на Филипче се гол популизам, затоа што во исто време создава токсична атмосфера во општеството којашто не е добра за Македонија.
„Најголем проблем е што овој начин на комуникација создава една токсична атмосфера во општеството, создава една атмосфера којашто не е добра и нешто што нејќе Македонија да го види. Во исто време не кара и со стратешките пријатели, знаете дека цела кампања водеше против Велика Британија со којашто потпишавме стратешки договор и со којашто имаме стратешко партнерство“, нагласи Николоски.
Во однос на обвинувањата од Филипче во делот за превозниците, Николоски е дециден дека овој наследен проблем се решава со дијалог со ЕУ.
„Пред неколку недели превозниците од Македонија и целиот регион со право ги блокираа граничните премини коишто одат кон Шенген зоната со барање да ЕК започне дијалог за решавање на проблемот за престој за професионалните возачи во рамките на Шенген зоната. Нивното основно барање беше да се започне дијалог. Планот нивни беше да блокада трае 7 дена, да на четвртиот ден излезе претседателката на ЕК и каже дека таков дијалог ќе се случи и презентираше документ којшто се вика Нова визна стратегија на ЕУ со којшто документ возачите се признати како професионалци, тоа беше едно од основните барања и во рамки на овој дијалог којшто се води во моментот треба да се донесат конечните решенија. Никој никаде а камо ли во систем како ЕУ; дека за две недели сите работи ќе бидат решени, туку тоа што јас го кажав дека ќе започне овој дијалог и дека новата визна стратегија е начинот и патеката по којшто ќе се оди“, истакна Николоски.
Македонија
Oбиколница за Прилеп и автопат од Фариш, најави Николоски
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски денеска од Прилеп најави три крупни инфраструктурни проекти за долгорочен развој за општината.
Интенизивно се гради автопатот Прилеп – Битола, се започнува постапка за изградба и на нов автопат од Фариш до Прилеп, а во соработка со општината веќе се работи на план за изградба на обиколница, истакна вицепремиерот Николоски.
„Автопатот Прилеп – Битола се гради со засилена динамика и очекувам годинава да бидат поставени и првите километри асфалт. Второ, градоначалникот амбициозно работи на проектна програма, со цел да се направи обиколница на градот, за тешките возила да не влегуваат во градот, нешто што е ветувано децении наназад. Тој е прв што е решен да прави ваква програма и еве да дадам ветување дека ние како Влада ќе го финансираме целокупно овој проект и овој проект ќе биде реализиран во рамки на неговиот мандат.
И трето, во интензивни преговори сме, мислам дека во следните месец до месец и пол ќе видите и активности во Собранието, за она што го ветив, а тоа е од Фариш до Прилеп исто така да одиме со автопатско решение, како Прилеп од двете страни би бил поврзан со автопат”, изјави заменик претседателот на Владата, Александар Николоски.
На одбележувањето на настанот 100 дена локална власт во Прилеп, вицепремиерот истака дека Владата овозможува сериозна подршка за општината и градоначалникот Проданоски, во насока на економски и инфраструктурен развој на градот.
„Сакам да му честитам на градоначалникот за успешната работа во овие 100 дена. Таа работа се гледа во сите делови од градот, 100 дена е навистина краток период но може да се види каде ќе се развива општината во следниве четири години и убeден сум дека ова ќе е исклучително успешен мандат. Ние како Влада ќе продолжиме со подршката која што ја дававме во изминатиот период, дали се работи за средства кои директно се префрлаат од буџетот кон општината за да може да реализира инфраструктурни проекти, дали се работи за подршка на стопанството или земјоделието, сето она што сме го ветиле на најдобар можен начин ќе се обидеме да го реализираме“, изјави вицепремиерот Николоски.

