Македонија
Македонија со поддршка за санкциите на ЕУ кон Белорусија, Србија дала делумна поддршка
Шефот на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел, денеска го поздрави усогласувањето на третите земји со одлуката на Советот на ЕУ од 21 јуни, со која на списокот на оние кои подлежат на рестриктивни мерки се додадени 78 државјани на Белорусија и седум правни субјекти, пренесуваат медиумите во регионот.
Меѓу лицата кои беа санкционирани според четвртиот пакет има голем број судии и обвинители одговорни за бројни политички мотивирани пресуди, против новинари, активисти и демонстранти, како што е објаснето во одлуката на Советот.
Целта на санкциите беа и неколку прорежимски новинари на медиуми, ректори на повеќе универзитети за протерување студенти кои учествувале на протестите и бројни бизнисмени за блиски врски со режимот на Лукашенко.
Синот на Лукашенко Дмитриј и сопругата на неговиот најстар син Лилија се исто така на списокот за поддршката на режимот на Лукашенко, пренесуваат агенциите.
„Земјите кандидати Северна Македонија, Црна Гора, Србија и Албанија и Европската асоцијација за слободна трговија (ЕФТА), Исланд, Лихтенштајн и Норвешка, членки на Европската економска област, се приклучуваат на оваа одлука на Советот. Тие ќе осигураат дека нивните национални политики се во согласност со оваа одлука на Советот, ЕУ ја забележува оваа обврска и ја поздравува “, се вели во соопштението од Советот.
Се додава и дека Србија не се приклучила на одлуката на Советот на ЕУ да ги санкционира лицата одговорни за режимската репресија во Белорусија, но ја поддржала одлуката за санкционирање на оние кои ЕУ ги смета за одговорни за присилното слетување на авионот на Рајанер во Минск, пренесуваат регионалните медиуми.
Тоа е државната компанија за контрола на летање. Во одлуката на Советот се наведува дека компанијата е одговорна за пренасочување на авионот на Рајанер кон аеродромот во Минск на 23 мај за апсењето на опозицискиот новинар Роман Протасевич, и затоа е одговорна за репресија на граѓанското општество и опозиција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Бутел утре без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре поради изведување на водоводен приклучок ф-225мм на Радишанска Лево бб (Бел Камен), општина Бутел, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
(Видео) Се уриваат дискотеките во Градски парк, ќе се гради нов Луна парк
Старите дискотеки во Градскиот парк во Скопје ќе бидат урнати, а на нивно место ќе се изгради нов Луна парк, најави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Уривањето на дискотеките и расчистувањето на просторот веќе е започнато, а нема најава кога ќе почне изградбата на новиот Луна Парк.
Ѓорѓиевски објави видео на кое, како што вели, се отстрануваат старите бесправно изградени дискотеки, со што локацијата се подготвува за реализација на проектот – изградба на Луна паркот во Скопје.
„Ред мора да има! Се расчистува просторот за изградба на луна паркот. Старите бесправно изградени дискотеки во Градскиот парк заминуваат во историјата. Како што ветив, најдоброто за Скопје“, напиша тој.
Македонија
АХВ нема да постапува по анонимно поднесени претставки
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ги информира физичките и правните лица дека согласно член 62 став 3 од новиот Закон за инспекциски надзор, кој е во сила од 01.01.2026 година, инспекциските служби на АХВ нема да постапуваат по анонимно поднесени иницијативи за спроведување на инспекциски надзор за прашања од делокруг на работењето на институцијата.
Постапувањето по иницијативите кои се уредно поднесени ќе се реализира согласно Процедурата за постапување по иницијативи за инспекциски надзор на АХВ.
Иницијативата може да се поднесе директно до АХВ преку контакт формата Поднесете претставка објавена на интернет страната на Агенцијата, електронски на [email protected], [email protected], како и лично во секоја подрачна единица на АХВ, на соодветен образец за поднесување иницијативи.
„Иницијативата задолжително треба да содржи назив на инспекцијата до која се поднесува, име, презиме и адреса на подносителот, односно, назив и седиште на правното лице, законски застапник или полномошник доколку го има, краток опис на повредата и назначување на субјектот кај кој се бара вршење на инспекциски надзор.
Доколку поднесената иницијатива е нецелосна или нејасна, таа ќе се врати до подносителот кој треба да ја прецизира/дополни во рок кој не подолг од 7 дена. Доколку подносителот не ја дополни иницијативата во определениот рок ќе се смета дека истата е повлечена“, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство.

