Македонија
Македонските печалбари ја напуштаат Италија и заминуваат во други европски земји

Поради недостиг на работа во Италија, македонските печалбари сè почесто заминуваат во други европски земји. Според претседателот на здружението на нашите печалбари во Италија ,,Инсиеме – заедно“, Нахмир Гале, голем број печалбари од областа Долна Река, општина Маврово и Ростуше, кои повеќе години работеа во Италија, последните години ја напуштаат оваа земја и се преселуваат во Германија и Швајцарија.
Гале за ,,Макфакс“ објаснува дека тие таму бргу наоѓаат работа бидејќи имаат италијански документи. Според него, интересот на печалбарите што се во Италија, а сакаат да заминат на работа во други европски држави, и понатаму е голем.
Здружението „Инсиеме – заедно“ е едно од најактивните здруженија на печалбарите од Македонија во Италија. Седиштето му е во Гемона дел Фриули, во областа Удине, и во текот на годината организира многубројни средби и манифестации за нашите печалбари во Италија. Печалбарите од Македонија во најголем број живеат во областа Венето во северниот дел на Италија, во градовите Венеција, Местре, Трст, Басано, Болзано, но ги има и во Милано, Верона, Болоња, Римини и Рим. Над 60 отсто од населението во општина Маврово и Ростуше е на печалба во земјите на ЕУ, посебно во Италија, а сега и во Германија и Швајцарија.
К. М.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Уставен оформи предмет за вториот протокол меѓу Македонија и Бугарија

Уставниот суд оформи предмет по иницијатива на Лилјана Поповска, со која се оспорува Протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија со Бугарија, потпишан на 17 јули 2022 година во Софија.
Судот соопшти дека е во тек претходна постапка за прибирање на податоците и известувањата потребни за донесување одлука.
Во иницијативата се наведува дека Протоколот е во спротивност со член 8 став 1 алинеја 1, 2 и 11 од Уставот, како и со повеќе одредби од Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународни договори, бидејќи не бил ратификуван во Собранието, ниту објавен во уставниот рок во „Службен весник“. Се додава и дека документот има несоодветна форма и содржина, излегува надвор од рамките на правен акт и произведува штетни дејствија врз идентитетските прашања за македонскиот народ, јазик и држава.
Подносителката бара поништување на Протоколот, повикувајќи се и на Виенската конвенција за договорното право, со образложение дека е спротивен на императивните норми на меѓународното право. Таа истакнува дека во Македонија процедурата била нетранспарентна, за разлика од Бугарија, каде парламентот расправал за текстот пред неговото потпишување.
Протоколот беше потпишан од страна на тогашниот Министер за надворешни работи Бујар Османи и неговата колешка Теодора Генчовска во Софија. Османи го презентираше објаснувајќи дека е реципрочен. Генчовска изјави дека Бугарија и натаму не го признава македонскиот јазик.
Македонија
Стејт департментот: Нема значителни промени во состојбата со човековите права во Северна Македонија

Во најновиот извештај на Стејт департментот на САД за човековите права за 2024 година се наведува дека во Северна Македонија не се забележани значителни промени во состојбата со човековите права.
Документот идентификува повеќе клучни прашања, меѓу кои ограничувања на слободата на изразување и медиумите, насилство и закани врз новинари, зголемено вознемирување новинарки, стратешки судски тужби против медиумски работници и предизвици за уредничката независност поради политички и бизнис-притисоци.
Во извештајот се посочува дека измените на Законот за аудио-визуелните медиумски услуги, кои овозможуваат рекламирање кампањи со висок јавен интерес, платени од Владата преку комерцијални радиодифузери, предизвикале загриженост за можен клиентелизам.
Се наведува и дека Владата презела веродостојни чекори за заштита на правата на работниците, синдикално организирање и соработка со УНХЦР за бегалци и лица без државјанство.
Целот извештај на ЛИНКОТ.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Ако имало нешто противзаконско во „Еразмус +“ како што зборува СДС, бомбастично ќе ги затвореа луѓето додека беа власт

СДС денес повторно вели дека имало спорен момент во раководењето на Националната агенција Еразмус +, односно бил спорен моментот од 2014 година до 2017 година. Да потсетиме, СДС беше на власт 7 години од 2017 година до лани. Доколку имало нешто спорно во Агенцијата Еразмус +, тие не само што ќе ги затвореа луѓето, туку и ќе ги снимаа и омаловажуваа како Гордана и Миле, реагира ВМРО-ДПМНЕ, на прес-конференцијата на Манасков.
„СДС имаше можност 7 години да провери и да расчисти доколку имало некаков криминал. Но, на нив им одговараше Лидија Димова и таквите како неа, а секако тоа му одговарало и на тогашниот претседател Заев, кој можеби со тие пари и си ја има купено јахтата, во која заедно со Филипче уживаат на Егејското море.
Лицемерието на СДС е огромно. Нивните поранешни функционери тонат во криминал и корупција, нема институција во која немаат направено криминал, ама затоа имаат судии и обвинители кои ги штитат. И на ова ќе му дојде крајот“, се додава во реакцијата.