Македонија
Македонскиот полициски синдикат бара да им додели парична помош на колегите заболени од коронавирус
Македонскиот полициски синдикат со оглед на новонастаната состојба предизвикана од Ковид-19, појавата на неколку случаи на заболени колеги од вирусот и, за жал, случајот на починат колега од Ковид-19, излезе со предлог-мерки и активности, кои бараат да се преземат во следниот период со цел почитување во целост на препораките за заштита од Ковид-19 од Светската здравствена организација, Владата и Центарот за јавно здравје.
„Итно да се почне со распределба на заштитна опрема и средства за дезинфекција, кои МВР ги доби како донација во изминатиот период, еднакво за сите вработени во Министерството (не селективно како досега) и со забрзано темпо да се почне со неделна дезинфекција на сите простории каде што вработените ги извршуваат своите работни обврски во Министерството и секојдневна дезинфекција на сите службени возила. Ставање во мирување сите постапки за утврдување дисциплинска и материјална одговорност, кои се водат во МВР, тестирање на Ковид-19 на сите вработени во Министерството кои биле во контакт со заболените колеги, редовна исплата на испратнини на вработени во Министерството кои заминуваат во пензија“, се наведува во соопштението.

Исто така, бараат да се почне со исплата на додаток на плата од 5 отсто за сите вработени во Министерството од криминалистичката полиција, кои своите работи и работни задачи ги извршуваат во смени и забрзување на тендерските постапки за работна униформа и ангажирање поголем број конфекции во државата со цел нивна побрза изработка.

„Поради неможноста да се искористи годишниот одмор од 2019 година во законски утврдениот рок, бараме да се пролонгира рокот за користење годишен одмор за време колку што трае спреченоста за користење или тој да се плати доколку за тоа има согласност од вработениот, да се изготви предлог-уредба со која приправниците од класата 2018/2019 ќе добијат овластувања без да полагаат приправнички испит. Во овој период, поради вонредната состојба во државата, вработените во Министерството се ангажираат повеќе од пропишаното со закон работно време поради што од ваша страна бараме да се изнајде решение за исплата на сите изработени часови, а сè со цел во иднина да го поштедеме Министерството од тужби и излевање големи парични средства од неговиот буџет.
Министерството да изготви и дистрибуира мини прирачник со инструкции за заштита од Ковид-19 на вработените во Министерството за време на извршување на своите службени задачи, доделување еднократна финансиска помош во висина на една просечна плата на сите колеги што се заболени од Ковид-19, како и на семејството на починатиот колега. Министерството за внатрешни работи итно да обезбеди и психолошка помош и поддршка на вработените што се во изолација или самоизолација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од општина Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енегија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, дел од корисниците од село Орман улица 5, општина Ѓорче Петров.
Македонија
Претежно облачно и тивко, максималната температура до 17 степени
Времето денеска ќе биде прeтежно облачно. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 12 до 17 степени.
Во Скопје, претежно облачно и тивко. Во делови од котлината ќе има услови за појава на утринска магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, освен во четврток кога ќе има услови за слаб локален дожд. Во четврток и петок ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северозападен правец кој ќе биде поизразен долж Повардарието.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Состојбата е стабилна и нема опасност по безбедноста
Не сме изложени на нестабилност и нема опасност по безбедноста внатре и во регионот. Систем за предупредување постои, институциите ја следат состојбата, се координираат и оттаму е оваа оценка за стабилност и безбедност, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по седницата на Советот за безбедност на која на дневен ред беше безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

Таа додаде дека институциите ќе продолжат да ја следат состојбата.
-Координирани сме и со органите во регионот и ќе споделиме информации, најави претседателката Сиљановска – Давкова.
Претседателката Сиљановска Давкова е претседател на Советот за безбедност, а на седницата присуствуваа и членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски како и експертите Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија,Тимчо Муцунски, кој е на пат за САД, на седницата беше вклучен преку видеоврска.

На седницата присутни беа и директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски и началникот на Генералштабот, генерал – мајор Сашко Лафчиски.

