Македонија
Македонското еколошко друштво преку подружница во Ресен ќе се грижи за биодиверзитетот во Преспа
Македонското еколошко друштво (МЕД) својата работа ќе ја прошири во преспанскиот регион отворајќи ја првата подружница во Ресен.
„Отворањето на подружницата во Преспа претставува важен исчекор за нас имајќи на ум дека ние сме активна членка и основач на прекуграничната мрежа „Преспа нет“, која се формира во 2013 година и од тогаш досега спроведува акции за заштита на Преспанскиот Регион во Македонија, Албанија и во Грција“, се информира во соопштението на друштвото основано во далечната 1972 година.
Оттаму додаваат дека Преспанското Езеро и Преспанскиот Регион се жариште на биолошка разновидност, што потребно е да се заштитат за следните генерации.
„Се надевам дека со отворањето на оваа канцеларија нашата работа и посветеност за зачувување и истражување на Преспа ќе се интензивира и ќе наиде на добра соработка и од сите важни фактори во регионот и на национално ниво“, изјави извршната директорка на МЕД, Робертина Брајаноска.
МЕД во Преспа започна да спроведува мониторинг на крупни цицачи, мониторинг на растенија и водни живеалишта на прекугранично ниво во рамките на проектот „Прекугранична заштита на регионот Преспа преку заеднички партнерски акции на ‘Преспа нет’“, финансиран од Фондот за природа за регионот Преспа – Охрид (ПОНТ) и Фондацијата „Јенсен“.
„Заштитата на природата во Преспанскиот Регион е наш приоритет и како финансиери сакаме да бидеме присутни долгорочно поддржувајќи ја работата на локалните невладини организации, заштитените подрачја во трите земји, како и локалното население преку активности поврзани со екотуризам и одржливо користење на природните ресурси“, изјави извршната директорка на Фондот за природа за регионот Преспа – Охрид (ПОНТ), Мирјам де Конинг.
Во изминатите години, освен мониторинг и заштита на биодиверзитетот во Преспа, МЕД развива и едукативни програми со училиштата во регионот, а остварува и постојана соработка со управите на националните паркови Галичица и Пелистер и Општина Ресен како управител на паркот на природа „Езерани“ и споменикот на природа „Преспанско Езеро“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.
Македонија
Ангелов на работен состанок во Министерството за правда за измени на Законот за здруженија и фондации
На барање на директорот Стојанче Ангелов на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), денеска беше одржан работен состанок во Министерство за правда, посветен на најавените измени на Законот за здруженија и фондации, што директно ги засегаат доброволните противпожарни друштва во Македонија.
На состанокот беа разгледани можните правни импликации од предложените измени, со посебен акцент на правниот статус и функционирањето на доброволните противпожарни друштва (ДПД), нивната улога во системот за заштита и спасување и на потребата од усогласување на законската рамка со реалните теренски потреби и со европските практики.
Притоа, Ангелов, заедно со тим од ДЗС и од претставници на ДПД, ја истакна важноста од заштита, унапредување и институционално препознавање на доброволниот сектор, како клучен партнер во справувањето со кризи, пожари и природни непогоди. Соработката помеѓу институциите и доброволниот сектор е еден од темелите за ефикасен и функционален систем за заштита и спасување во Македонија.
Македонија
Лажни дојави за бомби во училишта во Скопје и Тетово
Во неколку училишта во Скопје и во Тетово денеска биле примени дојави за поставени експлозивни направи, но по извршените проверки било утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека веднаш по добивањето на пријавите биле преземени соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници.
„Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопштија од МВР.
Во Тетово дојавите ги опфатиле средните училишта СОУ „Никола Штејн“, СОУ Гимназија „7 Март“, СОУ Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ и СОУ „8 Септември“.
Кај основните училишта биле опфатени ООУ „Истикбал“, ООУ „Кирил и Методиј“, ООУ „Братство-Мигени“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Беса“ и ООУ „Прпарими“.
Надлежните институции продолжуваат со преземање мерки за расчистување на случајот.

