Македонија
Македонците во Полска може слободно да се движат со старите пасоши
Mинистерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, заменик-министерот Назим Буши и дополнителниот заменик- министер, Митко Бојмацалиев, остварија работна средба со амбасадорот на Полска, Кшиштоф Грзелчик.
Тошковски го поздрави разбирањето на земјите членки на ЕУ за техничката природа на проблемот со пасошите изразувајќи волја за надминување.
Во отсуство на заедничка одлука на земјите членки на ЕУ, останува секоја членка да одлучи за својот став по ова прашање.
Во таа насока, амбасадорот Грзелчик го пренесе ставот на Варшава дека ова е техничко, а не политичко прашање, и дека тие нема да бидат пречка македонските граѓани затекнати на полска територија слободно да се движат сѐ додека тие граѓани не остварат влез во својата матична земја со стариот образец на патната исправа.
Амбасадорот Грзелчик истовремено ја истакна соработката што е постигната, особено за време на миграциската криза, кога Полска со својата гранична стража даваше поддршка за нашата јужна граница, а во моментот тоа го прави и преку ФРОНТЕКС.
На крајот од средбата министерот Тошковски изрази уверување дека соработката во рамките на поголемите проекти меѓу двете земји ќе продолжи, но најави и зголемување на обемот на соработката со Полска како наша долгогодишна пријателска земја.
Во оваа пригода дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи, Митко Бојмацалиев, изрази благодарност од свое и од името на Министерството за внатрешни работи за целокупната поддршка што Полска ѝ ја дава на нашата земја како партнери преку Европската гранична и крајбрежна стража, агенцијата ФРОНТЕКС, што беше овозможено со потпишувањето на договорот од поранешниот министер Оливер Спасовски и еврокомесарот за внатрешни работи, Илва Јохансон. Воедно, Бојмацалиев ги истакна заложбите за наредниот период во однос на организирање слободни, фер и демократски избори според европски стандарди.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осомничениот за двојното убиство Љупчо Палевски – Палчо, спроведен во Кривичниот суд: одреден му е притвор од 30 дена
Осомничениот за двојното убиство во Скопје и Велес од ноември минатата година, Љ.П. кој на 15.05.2024 година беше екстрадиран од Р.Турција, по наредба на судија на претходна постапка денeска беше спроведен во Основниот кривичен суд Скопје за да се произнесе во однос на мерката притвор определна во негово отсуство, а по предлог на Основното јавно обвинителство – Скопје, соопшти Кривичниот суд.
„По признесување на осомничениот во присуство на неговиот бранител, поставен по службена должност, судија на претходна постапка донесе решение со кое на осомничениот му се определува мерка притвор во траење од 30 дена која започнува со нејзино реализирање од денот на неговиот прием во Истражниот затвор Скопје, а заради постоење на околностите од чл. 165 ст. 1 точка 1,2 и 3 односно постојат околности дека може да се даде во бегство, може да ја попречи кривичната постапка со влијание врз сведоците, и околности кои упатуваат дека ќе го доврши или повтори кривичното дело.
Против ова решение странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет на овој суд“, се истакнува во информацијата.
Македонија
Пороен дожд, град и силен ветер во Качаничката клисура и Скопска Црна Гора
Во подрачјето околу Качаничката Клисура и Скопска Црна Гора има значително нестабилна облачна маса и во ова подрачје има интензивен пороен дожд, чести грмежи, силен ветер и појава на град, известува УХМР.
Правецот на движење на оваа нестабилна маса е од запад кон исток, односно во правец кон Куманово.
Македонија
30-дневен притвор за судијата Наќе Георгиев
Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, за определување мерка притвор против Н.Ѓ., за кој постои основано сомнение за кривичното дело примање награда за против законито влијание од чл. 359 од КЗ, донесе решение со кое: По произнесување на осомничениот во присуство на неговиот бранител, како и ценење на фактите и доказите приложени од страна на Јавниот обвинител донесе решение со кое предлогот се уважува, а на осомничениот му се определува мерка притвор во траење од 30 дена заради постоење на основите од чл. 165 ст. 1 точка 2 и 3 односно може да ја попречи кривичната постапка со влијание врз сведоците, и околности кои упатуваат дека ќе го доврши или повтори кривичното дело.
Против ова решение, како што е наведено во соопштението од Кривичниот суд, странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет.
Од оваа институција информираат дека, по добивање на предлогот за определување на мерка притвор против осомниченот, кој е актуелен Врховен судија, Кривичниот суд се обрати до Судскиот совет на РСМ како надлежен за одлучување во однос на имунитетот на судијата за што советот донесе одлука:
„Судскиот совет на Република Северна Македонија на 487-та итна нејавна седница одржана на ден 21.05.2024 година расправаше и одлучуваше по барање на Основен кривичен суд Скопје за одземање на имунитет на судија и за одобрување на притвор на судија и ги донесе следните одлуки:
Го одзема имунитетот на судија на Врховниот суд на РСМ, заради непречено водење на кривичната постапка;
Го одобри барањето за одобрување на притвор на судија на Врховниот суд на РСМ поднесено од судија на претходна постапка на Основниот кривичен суд Скопје и
времено го оддалечи од вршење на судиската функција судијата на Врховниот суд на РСМ, до правосилно завршување на кривичната постапка“, е наведено во одлуката.
А, по добивање на одлуката на Судскиот совет, судијата на претходна постапка се обрати и до надлежниот Апелационен суд Скопје, со оглед да член на потесното семејство на осомничениот е избран судија во Основниот кривичен суд Скопје кој веднаш по изборот е времено делегиран да постапува во друг суд, а со цел доследно почитвање на Законските одредби и надлежноста во постапувањето. Од второстепениот суд е добиено решение според кое не постојат законски пречки судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје да постапува по предлогот на ОЈО ГОК, по што е донесено горенаведеното решение, соопшти Кривичниот суд.