Македонија
(Видео) Макрадули: Борбата за здрава животна средина не трпи популизам
Поднесената информација „Енормно загадување на амбиенталниот воздух во Република Македонија“ се однесува на 2015 и 2016 година, а не за 2018 година како што беше презентирано, рече заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, на денешната јавна расправа на Комисијата за транспорт, врски и екологија во Собранието на Република Македонија, иницирана од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.
Макрадули ја оцени таквата информација како прилично неточна, паушална и несериозна, која беше поднесена од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој потенцира дека проблемот со загадувањето на воздухот треба да се решава заеднички, со вклучување на сите поединечно, особено децата, со цел да се развие општествената свест за заштита на животната средина.
„Податоците за квалитетот на воздухот 2015, 2016, 2017 и 2018 година – број на денови во среднодневни концентрации над гранични вредности – се помали во сите 18 мерни станици. Во сите. Ги имате и на страницата на Министерството. Центар од 63 на 27, Гази Баба од 56 на 49, Карпош од 54 на 31 итн. Значи, сите се помали. А дека е загадено, загадено е. И дека треба да бараме решенија – треба. Мораме да бараме решенија. Но, ова е вистината. И последните 11 дена кога нема загадување, да ширите дезинформации, да повикувате децата да не одат на училиште, е исто злонамерно, тенденциозно и шири паника. Сакам да ѝ укажам на јавноста. Ако не е загадено во денот, не ставајте му маска на детето. Тоа повеќе му штети отколку што му користи“, информира заменик-министерот Макрадули потенцирајќи дека со ширење дезинформации се создава непотребна паника кај луѓето дека загаденоста е голема.
Особено е важно, рече Макрадули, да им се објасни на граѓаните дека горењето дрва, заедно со пластика и други додатоци, како и користењето на јагленот како огрев, се штетни и истакна дека е потребно вклучување на граѓанските организации за организирање кампањи за заедничко дејствување во поглед на законски промени за забрана на греење на јаглен.
Макрадули нагласи дека Владата на Република Македонија првпат за оваа намена обезбеди дополнителни 1,5 милион евра, исклучиво за намалување на аерозагадувањето, и потенцира дека лично премиерот Заев е заслужен за јасно изразената политичка волја за спроведувањето на мерките преку програма за намалување на аерозагадувањето, чијаш имплементација станува стратешки приоритет на Владата за 2019 година.
Тој додаде дека е почнато со замена на типот на загревање во објектите што се загреваат на мазут и нафта со еколошки извор на загревање.
„Овој план ќе почне со градинките, основните училишта, здравствените установи, а првиот пример набргу ќе биде студентскиот дом ‘Кузман Јосифовски – Питу’, кој се наоѓа во центарот на градот, а кој некој од некакви си причини го префрлил на нафта, да ги загадува студентите внатре, да ја загадува околината. Тоа ќе го направиме и ќе го префрлиме на еколошки извор на загревање“.
Тој додаде дека на 800 семејства во Скопје, 150 во Битола, 150 во Тетово, со доделување инвертори како замена на печките на дрва, ќе им се помогне да го променат начинот на греење, а кои ќе бидат корисни и во лето за ладење, како и дека ќе се набават 1.700 садници за градинките, кои, како што рече, ќе чинат колку 18 палми во Скопје купени во претходните години.
„Двегодишниот план опфаќа враќање на 10 илјади граѓани – приклучоци на централното парно греење, 20.000 печки да се заменат со еколошки извори на загревање, за 10 илјади семејства – индивидуални објекти, да ја промениме енергетската ефикасност, 20 илјади инвертори ќе се набават за домаќинствата што користат нееколошки извори на загревање и 3 илјади објекти што ќе бидат дел од гасната инфраструктура или гасификацијата на државата“, истакна Макрадули.
Макрадули рече дека борбата за здрава животна средина не трпи популизам алудирајќи на постојаните лажни информации за зголемена загаденост и изрази уверување дека ќе биде постојан во неговата борба на овој план за што е убеден дека ќе донесе конкретни резултати.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Петрушевски: Обвинителството треба да истражи каде завршиле близу 1 милион евра од Државна Лотарија
Криминалите во Лотарија под раководство на Бајрами и неговиот гуру Груби, а дозволено од страна на СДС се потврди и во извештајот на Државниот завод за ревизија, изјави Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Државната ревизија утврдила дека Лотарија, под покровителство на Груби и Бајрами, а одобрено од СДС, директно исплаќала аванси за мали добивки на деловни соработници, односно 320 правни лица во износ од близу 14 милиони денари без да го користи пропишаниот „Мастер дилер’’. Од вкупните 14 милиони денари, за 13 милиони денари или нешто над 210.000 евра, во извештајот се вели дека документацијата е неуредна, невалидна или недостасува. Дополнително, ревизијата оценила дека документацијата е спорна и неверодостојна и во делот на готовински одливи од 36,5 милиони денари или 600.000 евра и приливи од близу 8 милиони денари или 130.000 евра“, рече тој.
А притоа, додаде Петрушевски, вреди да се напомене дека во Државната Лотарија во тој период кога се случувале овие злоупотреби, немало внатрешен ревизор.
„Јавното обвинителство треба да истражи каде завршиле близу 1 милион евра од Државна Лотарија? Дали тие пари завршувале во џебовите на Груби и Бајрами? Дали постои случај на перење на пари од нивна страна? Зошто СДС иако знаела што се случувало во Лотарија, молчела и не преземала ништо? Дали за опстанок на власт, СДС ги замижувал овие криминали? Доколку ВМРО-ДПМНЕ не излезеше во јавноста за случајот со Државна Лотарија и не станеше предмет на јавен интерес, јавниот обвинител Коцевски можеби и овие пријави ќе ги чуваше во фиока“, рече Петрушевски.
Македонија
Манасиевски: Наместо свеж кадар, Филипче ги врати старите истрошени кадри од времето на Заев и Ковачевски
По само еден ден од старо-новото раководство на Заев, изгласано од Филипче, летаат оставки од општински организации на СДС и бараат оставки од Филипче, изјави Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ.
„По толку помпезното најавување од страна на Филипче за реформи во СДС, тој го тргна Зоран и го стави Заев на неговото место. Наместо свеж, чист и нов кадар, тој ги врати старите истрошени кадри од времето на Заев и Ковачевски. Филип Андов, Јон Фрчковски, Јованка Тренчевска, Андреј Жерновски, Љупчо Фармаковски, Александар Наумоски се таканаречените нови лица на СДС. Луѓе полни со скандали, со лошо минато, луѓе без кредибилитет, луѓе кои не испорачаа кога им беше побарано од граѓаните. Некомпетентни и неквалитетни кадри“, рече тој.
А дека бродот во СДС тоне, кажа Манасиевски, доказ за тоа се неколку оставки од општински организации од Ѓорче, до Битола и Крива Паланка.
„Оставки од Филипче се бараат на секој чекор, а тој гордо ги продолжува да ги исполнува задачите кои му ги дава Зоран Заев. Реформите во СДС ќе дојдат само со формална оставка на Филипче и претседателот во сенка Зоран Заев“, рече Манасиевски.
Македонија
Општина Аеродром воведува системска селекција на пластичен отпад директно од домаќинствата
Општина Аеродром денеска официјално го започна проектот за системска селекција на пластичен отпад директно од домаќинствата, при што точно 50 домаќинства добија специјални канти за селекција на пластика, а во наредните фази ќе бидат опфатени вкупно 600 домаќинства, соопштија од општината.
Воведувањето ваков модел на управување со пластичен отпад, акко што појаснуваат, претставува прв чекор кон систем што постепено ќе се проширува низ целата општина.
„Ова не е кампања, туку функционален систем што им овозможува на граѓаните активно да учествуваат во заштитата на природата, почнувајќи од сопствениот дом“, изјави градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески.
Тој додаде дека како прва општина што воведува ваков модел, испраќа јасна порака дека одговорното управување со отпадот е можно кога постои визија, институционална поддршка и соработка со граѓаните.
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, изјави дека Општина Аеродром ја покажува вистинската иницијатива и одговорност кон животната средина. Според него, она што е особено важно за имплементацијата на проектот „Clean AirDrom“ – Нулта цврст отпад во Општина Аеродром, е што, покрај неговото значење за заштитата на животната средина, тој претставува и пример за успешно партнерство помеѓу Делегацијата на Европската Унија, Владата преку Министерството за локална самоуправа, Швајцарската Влада и Општина Аеродром. Преку ова партнерство е обезбедено и специјално електрично товарно возило за еколошки транспорт на отпадот.
За спроведување на проектот, за поттикнување на селекцијата кај граѓаните и за предавање на селектираниот отпад на овластени компании на понатамошен соодветен третман е задолжено Јавното претпријатие за комунални дејности на Општина Аеродром.
Со почнувањето на овој проект Општина Аеродром, додаваат од таму, директно придонесува кон намалување на мешан комунален отпад, заштита на природните ресурси и развој на свесни граѓански навики, но исто така покажува и дека нејзините еколошки политики не се само декларативни, туку практични и применливи.

