Македонија
Макрадули: Скопје во грејната сезона троши онолку дрва колку што има на Водно
На иницијатива на Светската банка, во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање, денеска во Скопје се одржува регионална конференција „Управување со квалитетот на воздухот (AQM) во регионот на Западен Балкан – прашања, решенија и можности за финансирање“.
На конференцијата, на која со свои обраќања настапија министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, министерот за животна средина на Република Косово, Фатмир Матоши, директорот на Светска банка за Северна Македонија и Косово во рамките на регионот на Европа и Централна Азија, Марко Мантованели, и заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, воведничарите се осврнаа на потребата од заедничко дејствување, за изнаоѓање механизми за имплементација на најдобрите начини за борба против аерозагадувањето.
Министерот Нуредини поздравувајќи ги учесниците, изрази уверување дека дискусиите ќе бидат конструктивни и корисни за справување со најголемиот предизвик во нашата земја и регионот, а тоа е присуството на штетни ПМ-честички.
„Знаеме дека едно од најголемите причини е затоплувањето на домовите и начинот на којшто се грееме. Во зимскиот период ова влијае на квалитетот на воздухот, а патниот сообраќај е уште една причина загадувањето, како и старите и лошо одржувачите возила, за кои знаеме статистички дека се речиси 60 проценти под стандардот Еуро 4. Енергетското производство и индустријата исто така имаат свое влијание на квалитетот на воздухот, како и намалувањето на зелените површини“, рече министерот за животна средина и просторно планирање, потенцирајќи дека Министерството презема активности за следење и подобрување на квалитетот на воздухот за развивање на краткорочни и долгорочни мерки.
Заменикот-министер Макрадули подетално пред присутните презентираше податоци за загадувањето, задржувајќи се на проблемите, решенијата и финансиските аспекти.
„Кога се зборува за загаденоста кај нас, зборуваме дека таква во 90 проценти штетните материи доаѓаат од греењето на дрва, за жал, и од греењето на пластика, гуми, од пожарите, користењето на јаглен. За жал, Скопје, во една зимска сезона троши 317 илјади тони дрва, онолку колку што има на планината Водно. Имаме мала енергетска ефикасност на објектите, многу возила, околу 30.000 доаѓаат во Скопје, за жал, се палат почвите и отпадот, и во зимската сезона не се сите градежни активности се согласно стандардите“, рече заменик-министерот за животна средина и просторно планирање.
Тој додаде дека во наредниот период ќе се имплементираат мерките од Планот за чист воздух, донесен од Владата, каде се внесени препораките од Светската здравствена организација за борба со овој проблем и за кој за првпат има одвоено средства во буџетот.
„Тој беше препознаен од страната на Европската комисија и за првпат, како што вели Комисијата – има план и средства кои не се многу и затоа бараме заедничка помош со сите“, подвлече Макрадули правејќи споредба дека слични проекти предвидени во Планот за чист воздух имаат и многу земји како Полска, Чешка, Словачка, Бугарија, каде што се стимулира замената на нееколошки извори.
Заменик-министерот Макрадули најави дека со поддршка на Светската банка Министерството покренува заедничка иницијатива со земјите од регионот за формирање Работна група којашто ќе се справува со заедничките проблеми кои го создаваат аерозагадувањето, како во делот на активностите така и во делот на мобилизирање на финансиски средства за справување со проблемите и изворите на загадување.
Директорот на Светска банка за Северна Македонија и Косово во рамките на регионот на Европа и Централна Азија Марко Мантованели, се задржа на податоците дека аерозагадувањето е поширок проблем и дека 4,2 милиони луѓе во светот секоја година умираат од аерозагадувањето, додавајќи дека заболувањата од загадувањето на воздухот се сериозен проблем и за земјите од Западен Балкан и од тие причини Светската банка помага во напорите на локалните влади да преминат од анализи на состојбите кон конкретни решенија.
Регионалната конференција денеска ќе резултира со Заедничка декларација за чист воздух во регионот на Западен Балкан, со која ќе се повика на заедничка имплементација на сите активности и мерки на земјите, со оглед на тоа што загадувањето на воздухот не познава физички граници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Студени утра, посвежи денови: променливо облачно време со сончеви периоди
Времето денес ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Во западните делови ќе дува умерен западен ветер.
Минималната температура ќе биде во интервал од -12 до -3, а максималната ќе достигне од 0 до 7 степени.
Во Скопје, променливо облачно и студено со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер од променлив правец.
Минималната температура ќе се спушти до -9, а максималната ќе достигне до 3 степени.
До крајот на седмицата ќе се задржи стабилно и суво време. Од среда по котлините ќе има услови за појава на магла, а температурата ќе биде во благ пораст.
Македонија
Без струја делови од Аеродром и Сопиште
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, на ден 13.01.2025 година ( вторник ) без електрична енергија ќе останат:
· од 09:00 до 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Ѓорѓи Андреевиќ Кун. (општина Аеродром)
· од 09:00 до 15:00 часот, корисниците од ул. 23 Село Сопиште (со сите подулички). (општина Сопиште).
Фото: pexels
Македонија
18-годишникот кој усмрти жена во Капиштец избега од државата, МВР распиша потерница
Министерството за внатрешни работи распиша меѓународна потерница по 18-годишникот кој прегази жена во Скопје и избега од местото на настанот. Според најновите информации, тој избегал и од државата.
„Министерството за внатрешни работи распиша меѓународна потерница по Саитов Саит (18) од Скопје од татко Берти и мајка Ганимете од Скопје. Лицето е барано по централна и меѓународна потерница по барање на ОЈО Скопје за кривично дело по член 300 од Кривичниот законик“, соопшти МВР.
Според истрагата, на 9 јануари, Саитов со „фолксваген пасат“ се движел по улицата „Народен фронт“ без да поседува важечка возачка дозвола. Тој се движел со неприспособена брзина и извршил непрописно поместување во левата коловозна лента, по што со возилото удрил во пешакот 79-годишната Љуба Јаковлеска. По несреќата, тој избегал.
фото/МВР

