Македонија
Макрон: Франција е решена дека преговорите за членство треба да почнат следните месеци
Франција е решена дека преговорите за членство треба да почнат следните месеци и ќе продолжи да спроведува напори за да се изнајде решение за билатералните спорови, вели претседателот на Франција, Емануел Макрон, во писмото упатено до македонскиот претседател, Стево Пендаровски, за 30-годишнината од независноста на државата.
Во продолжение интегрално го пренесуваме писмото на Макрон:
Господине Претседател,
По повод националниот празник на Република Северна Македонија, во име на Франција и во мое лично име, Ви ги упатувам моите најискрени честитки.
Сакам и да Ви го пренесам моето воодушевување за патот кој го поминавте по потпишувањето на Охридскиот рамковен договор пред дваесет години. Вашиот успех и успехот на вашата земја за помирувањето, за кое сведочи и Преспанскиот договор, служи како пример во регионот и пошироко. Франција и Европската Унија остануваат на ваша страна за стабилноста и за просперитетот на Северна Македонија и на Западниот Балкан. Ние ги поддржуваме сите иницијативи кои се во таа насока, особено Преспа Форумот за дијалог.
За време на посетата на вашиот Претседател на Владата, г. Зоран Заев на 10 јуни годинава, ја повторив мојата желба да продолжиме да ги зајакнуваме нашите билатерални односи. Северна Македонија е сојузник и суштински партнер на Франција во Западниот Балкан. Француската стратегија за Балканот предвидува засилена поддршка од Франција за економскиот и социјалниот развој на регионот, особено преку Француската агенција за развој, која по потпишувањето на меѓувладиниот договор помеѓу двете земји на 21 февруари 2021 година, набрзо ќе започне со своите активности во Северна Македонија во областа на одржливиот развој.
Повторно ја искажувам мојата солидарност и солидарноста на францускиот народ кон населението од Северна Македонија во справувањето со предизвиците со кои се соочува вашата земја. Ангажирањето на експертските пожарникари за справувањето со шумските пожари се нејзин доказ. Но и во екот на пандемијата предизвикана од Ковид-19 со која се соочуваат нашите земји, посветеноста на Европската Унија е целосна за да може регионот да се справи со таа криза.
Бидете убеден дека ја имате мојата целосна поддршка за европската перспектива на Северна Македонија. Франција е решена дека преговорите за членство треба да почнат следните месеци и ќе продолжи да спроведува напори за да се изнајде решение за билатералните спорови. Франција ќе биде внимателна за да преговарачката рамка, која ќе биде усвоена, ја одразува новата методологија за процесот за членство, која јас ја посакував, и ќе продолжи да ги унапредува и да ги поддржува суштинските реформи за европското приближување на Северна Македонија, особено во клучните области како што е владеењето на правото, кои се во сржта на европските вредности.
Повторно изразувајќи Ви ги моите срдечни честитки, Ви ги упатувам, Господине Претседател, изразите на мојата висока почит.
Срдечно, Емануел МАКРОН
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) На улиците на Техеран, Иран, се слави убиството на Али Хамнеи
Со музика и танцување вечерва жителите на многу ирански градови слават за убиството на лидерот на Исламската Република, ајатолахот Али Хамнеи, објави на социјалните мрежи „Иран интернешнл“.
Видео од Техеран покажува насмеани луѓе излезени на улица откога ја добиле веста дека Али Хамнеи е убиен.
Во Караџ голем број граѓани танцуваат на улица, а жителите пак на Бандар Абас се излезени на улиците со автомобили и слават со сирените.
86-годишниот Али Хамнеи беше на власт речиси четири децении, од 1989 година. Имаше врховна власт, владееше со владата, со војската и со судството во шиитската Исламска Република.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

