Македонија
„Максим Димитриевски е фатен во корупциски скандал, денес ќе го објавиме и договорот со кој ја добил поддршката од ДУИ за ДУП-от“, велат од СДСМ

„Максим Димитриевски е фатен „жив“ во јасен како солза корупциски скандал. Ниедно обвинување кон СДСМ не може да го побие фактот дека со овој скандал тој ги урна своите клучни изборни ветувања пред граѓаните – дека ќе се залага за правда и дека ќе се бори против ДУИ“, велат од СДСМ.
„Човекот кој не престана да зборува дека имало криминал во државата и дека за тоа, пред сè, е виновна ДУИ, сега самиот прави криминал – со ДУИ.
Не е чудно што луѓето, особено жителите на Куманово, се во шок од криминалот на Димитриевски. Но, СДСМ јасно предупредуваше за ова уште во изборната кампања.
ЗНАМ е во политиката поради две причини: прво, да биде продолжена рака на Мицкоски, и второ, Димитриевски да си ги спроведува криминалните проекти во општина Куманово.
Денес, СДСМ ќе го објави и договорот со кој Димитриевски ја добил поддршката од ДУИ за ДУП-от, и граѓаните ќе бидат дополнително шокирани кога ќе сфатат за каков опортунист станува збор“, соопшти СДСМ
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Дигиталниот Самит на Западен Балкан 2025 повторно во Скопје – 1 и 2 октомври во Музејот на современата уметност

Министерот за дигитална трансформација, на прес конференција, ја најави организацијата на Дигиталниот Самит на Западен Балкан 2025, кој повторно ќе се одржи во Скопје, на 1 и 2 октомври 2025 година, во Музејот на современата уметност.
Ова регионална платформа ги поврзува владите од регионот, деловната заедница, академијата и меѓународните партнери со цел забрзување на дигиталната трансформација во регионот.
Самитот ќе биде организиран на две сцени – главна и технолошка, со три носечки приоритети:
• Дигитален паричник – сигурен и препознатлив пристап до јавни и приватни услуги.
• Интероперабилност – поврзување на системи и регистри за прекугранични електронски услуги.
• Сајбер-безбедност – заштита на личните податоци и критичната инфраструктура.
На технолошката сцена ќе бидат отворени теми за вештачка интелигенција, 5G и оптичка инфраструктура, дигитални вештини и пристапот на регионалните компании до единствениот европски дигитален пазар.
Министерот подвлече дека се очекуваат повеќе од 800 учесници и говорници, меѓу кои: претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министри од Црна Гора, Албанија, високи претставнци од Србија, Косово, Босна и Херцеговина, високи претставници на Европската комисија, Регионалниот совет за соработка (RCC), ITU, бизнис секторот од регионот и други меѓународни организации. Меѓу најважните гости и говорници ги очекуваме и Ренате Николаи (DG CONNECT), генералниот секретар на RCC Амер Капетановиќ, заменик-генералниот секретар на Меѓународната телекомуникациска унија (ITU) Томас Ламанускас, видео-обраќање од Томас Јарзомбек (Парламентарен Државен секретар на СР Германија), како и од приватниот сектор Свјатослав Сењута од VISA, Марк Васич од Дојче Телеком и Кејт Марш од British Council.
Министерот Андоновски, подвлече дека самитот има исклучително значење затоа што ќе го продолжи „Нашите напори за понатамошно намалување на роаминг трошоците WB6–ЕУ со патека кон „роаминг како дома“, за 0 трошоци за интернет за македонските и граѓаните од Западниот Балкан кога патуваат во ЕУ.“
Македонија
Филипче: ВМРО-ДПМНЕ понуди само ароганција и лаги, ние нудиме чесни и компетентни кандидати на изборите

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на средби со граѓаните на Струга порача дека власта на ВМРО-ДПМНЕ нуди само ароганција и лаги, додека СДСМ настапува со чесни и компетентни кандидати на овие избори.
„Оваа власт е се подалечна од народот. Арогантна и самозадоволна, додека семејствата бројат денови до следната плата и ги кратат основните трошоци. Работниците чекаат повисоки плати, а тие се расфрлаат со нивните пари. Додека платите стагнираа, инфлацијата го јаде секој заработен денар“ рече Филипче.
Според него, имаме највисоки цени за храна, а власта не прави ништо да ги ограничи.
Тој порача дека СДСМ нуди вистинска алтернатива, чесна понуда со остварливи програми.
„СДСМ на овие избори оди со чесна понуда, остварливи програми и компетентни луѓе со интегритет. Граѓаните ќе бираат помеѓу докажани луѓе во општините кои ги предлага СДСМ и гол ПР на ВМРО-ДПМНЕ без никакви резултати. Ние сме подготвени да работиме сериозно, транспарентно и секогаш со слух и емпатија за граѓаните. Тоа го докажавме во минатото, ќе го докажеме и сега. Државата и општините може да се вратат на вистински пат само со луѓе кои си стојат на зборот и не бегаат како кукавици при првата криза,“ рече претседателот на СДСМ, Филипче.
Македонија
Сиљановска-Давкова ќе учествува на 80. Генерално собрание на ОН

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ќе престојува во работна посета на Соединетите Американски Држави по повод учеството на 80. Сесија на Генералното собрание на Обединетите Нации во Њујорк.
Сиљановска-Давкова ќе се обрати на генералната дебата и ќе учествува на повеќе самити, лидерски форуми и состаноци на високо ниво, што се одржуваат по повод 80. Генерално собрание на ОН. Претседателката ќе оствари средба со Генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш, а предвидени се и други билатерални средби со светски лидери.
Темата на годинашната сесија е „Подобро заедно: 80 години и повеќе за мир, развој и човекови права“.
За време на работната посета на САД, претседателката ќе го посети и Детроит.