Македонија
Максим Димитриевски: Мудроста на постарите и енергијата на младите се темел за иднината на Куманово
Денес кандидатот за градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, оствари повеќе значајни средби и активности со цел уште еднаш да ја потврди посветеноста кон сите категории граѓани.
На средбата со членовите на Здружението на армиски и полициски ветерани од активен и резервен состав во Куманово – ЗАПВАРС, Димитриевски ја истакна нивната мудрост и искуство како темел врз кој се гради посилно и побезбедно Куманово. „Горд сум на нивниот активизам и придонес во заедницата и подготвен сум заедно да продолжиме да создаваме подобра иднина за сите нас“, нагласи тој.
Посебно место во денешните активности имаше средбата со младите од Клубот на млади на Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија, ОО Куманово. „Енергијата и ентузијазмот што ги носат младите се вистински ветар во грб и мотив за мене. Ветувам – ќе обезбедиме можности и услови за младите, затоа што тие се енергијата што го движи овој град напред“, рече Димитриевски.
Во текот на денот, тој се сретна и со жителите на Умни Дол, Железничка и Ново Село, каде што одблиску ги слушна нивните предлози и потреби. Денот заврши со мини митинг пред Пожарна, каде Димитриевски уште еднаш ја потенцираше важноста на директната комуникација со граѓаните.
„Секој разговор е инспирација и потврда дека сме на вистинскиот пат. Заедно со мудроста на постарите генерации и свежите идеи на младите, градиме иднина дома – во наше Куманово“, порача Димитриевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

